Лицата со попреченост ретко се одлучуваат по своето средно образование да продолжат понатаму, бидејќи имаат големи пречки за реализација на образовниот процес.
Според истражувањето на Организацијата за асистивна технологија и дигитална инклузија „Отворете ги прозорците“ (ОП), направено со поддршка од Канцеларијата на Народниот правобранител од речиси 25.000 студенти во државата, само 48 се лица со попреченост. Од нив само двајца се на мастер студии, а еден на докторски.
„На 24 факултети, или 55% од високообразовните установи во државата нема ниту еден студент со попреченост или овие факултети воопшто не водат статистика за видот на попреченост кај студентите,“ се вели во истражувањето.
Пречки со кои лицата со попреченост се соочуваат на терен
Теренската проверка на „Отворете ги прозорците“ открива дека 55% од факултетите имаат обележани паркинг места за лица со попреченост, од кои 82% од нив имаат целосно непречен пристап до сите објекти во факултетот, останатите 18% имаат делумно непречен пристап. 45% од факултетите немаат пристап помеѓу паркингот и факултетот за лица со попреченост, немаат обележани паркинг места или немаат сопствен паркинг.
На 67,5% од факултетите воопшто нема пристапен тоалет. При теренскиот увид на 17 факултети, се открило дека само девет имаат пристапен тоалет за лицата со попреченост, од кои само еден е целосно функционален, три се заклучени, а пет служеле како остава.
Дополнително, кога еден студент со попреченост ќе реши дека ќе ги надмине овие пречки и сепак ќе се одлучи да продолжи со своето образование по завршување на средното, наидува и на друг проблем. Само 10% од факултетите покрај визуелен текст имаат и графички симболи на натписите низ објектите. Кај 72,5% од нив натписите се само визуелни. Над 35% од факултетите во целост или делумно се употребуваат црвената, зелената и сината боја.
Но и шалтерите на Студентски прашања не се оспособени за лицата во количка. На повеќе од половина, односно 52,5% од факултетите шалтерите се повисоки од 80 сантиметри, и тие имаат проблем да ги користат.
Повеќе институции треба да се погрижат за пристапно образование за лицата со попреченост
Листата на институции кои треба да се погрижат, лицата со инвалидитет да имаат пристап од образование, е долга. Самите факултети, Министерството за образование, ЈСП-Скопје, Министерство за транспорт и врски, студентските домови се само дел кои мора сериозно да работат на ова прашање.
Кристијан Лазарев од „Отвори ги прозорците“ вели дека, иако на хартија има Правилник кој инвеститорите мора да го почитуваат и во градбите да внимаваат за потребите на лицата со попреченост, тој Правилник во пракса не се почитува.
„Тој Правилник главно дава насоки за тоа, како да се уреди пристапноста во згради и за домување, од јавна употреба и од секаков вид. Суштината е во тоа што санкциите предвидени за непочитување на овој Правилник се премногу ниски. Главно инвеститорите кажуваат дека повеќе им се исплати да платат две-три илјади евра казна, отколку да зафатат 20-30 квадрати за соодветен лифт или соодветна рампа. Тоа е една од причините зошто имаме намалена физичка пристапност. Меѓутоа, пристапноста е многу поширока,“ вели Лазарев во изјава за ПИНА.мк.
Според него, доколку како држава сакаме да станеме пристапни кон лицата со попреченост, е ангажирање на стручни лица. Лазарев е единствениот во државата кој е меѓународен сертифициран за пристапност и вели дека луѓе како него се потребни во институциите.
„Ако не во секоја институција, барем во министерствата да ги насочуваат работите во правилна насока. Бидејќи, државата никогаш не рекла дека не сака да обезбеди пристапност. Проблемот се јавува на терен, кога ќе треба некој изведувач или некоја фирма нешто да спроведе, тоа да биде пристапно. Истражувањето покажа дека и таму кадешто има пристапни рампи, тие во најголем дел се несоодветни,“ вели Лазарев.
Според него, просечната стрмност на рампите е многу голема и за лицата во количка се нефункционални.
„Тоа укажува на фактот дека треба навистина да се обрне внимание не само кај факултетите туку и кај новите градежници кои ги продуцира државата, за да знаат како точно да ги изведуваат овие работи. А, за тоа да се случи пристапноста треба да биде еден од основните елементи за кога се добива дозвола за градба, како што сега фокусот е ставен на енергетска ефикасност, земјотреси и слично. Сѐ додека имаме нестручни лица кои тоа го прават, ќе биде тешко за реално да се решат проблемите,“ вели Лазарев.
Зборувајќи за јавниот превоз, Лазарев вели дека лицата со попреченост самите се снаоѓаат ако сакаат да се возат во автобус. Некои од возилата имаат хидраулични системи кои го спуштаат автобусот за да може да влезе лице во количка, но студентите се жалат дека не сите шофери имаат трпение да ги чекаат.
„Тие рампи најчесто не се во употреба, што поради тоа што се расипани, што од немање волја кај шоферот на автобусот. За студентите со делумно оштетен вид и оштетен слух јавниот превоз е делумно пристапен, затоа што можеби нема да можат да ја видат бројката на автобусот, ама ќе видат некој човек околу нив кого можат да го прашаат кој број автобус доаѓа или нема да ја видат станицата, ама може да се снајдат, да прашаат некој да им помогне. Не е мала бројката 40% од студентите да бидат исклучени од јавниот транспорт. Знаејќи го фактот дека овие студентите тешко заработуваат, за да можат да си платат такси, непристапниот превоз се покажа како еден од главните фактори за исклучување на овие лица од високото образование,“ вели Лазарев.
Не треба само да се расправа, потребни се конкретни чекори
До сега формално интерес за проблемите на лицата со попреченост искажала само една пратеничка од владејачкото мнозинство, Жаклина Лазаревска. Претставници од „Отвори ги прозорците“ ѝ го презентирале истражувањето, а таа се обвзрала дека прашањето за пристапност ќе го покрене во Законодавниот дом.
„Таа иницираше ова истражување да го пренесе пред пратениците, односно дека сака да се направи една јавна расправа во Собранието за да го слушнат и други пратеници. Меѓутоа, треба сериозен пристап, не е доволно само да се расправа и да се дебатира на темата. Имаме триесетина конкретни препораки во самото истражување. Една од нив е Правилникот да се издигне на ниво на стандард за физичка пристапност. Такви стандарди треба да се усогласат и со дигиталната пристап и тие да бидат основа за сѐ во иднина,“ вели Лазарев.
Од Државната комисија за заштита дискриминацијата (КСЗД) за ПИНА.мк велат дека се свесни за пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост. Исмаил Камбери, претседател на КСЗД вели дека, до сега нема ниту една претставка пристигната од лицата со попреченост за непристапноста на високото образование.
Камбери појаснува дека откако Комисијата ќе ги истражи сите факултети ќе донесе свои препораки за секој факултет посебно, но според досегашните информации со кои располага, вели дека законски измени не се потребни.
„Потребно е секој факултет да си донесе уредби за тоа како да постапуваат со лицата со попреченост. На пример, адаптирани материјали, контакт лице за лица со попреченост на секој факултет, акциски план за физичка пристапност итн,“ вели Камбери.
До Комисијата за заштита од дискриминација досега пристигнала претставка за недозволување на лице со попреченост да влезе во автобус со куче придружник.По нивна интервенција, во автобусите биле ставени налепници дека е дозволено да се користат кучиња придружници.
Автор: Даниел Василев
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА