Иако уште минатата година Владата најави дека во Буџетот за 2025 година се обезбедени средства за ваучери во износ од 250 евра за електронски уреди за сите студенти од сите универзитети, реализацијата на оваа мерка сè уште тапка во место.
По најавата на ваучерите од страна на премиерот Мицкоски, на прес-конференцијата во октомври минатата година, од Владата најавија дека е отпочната комуникација со компаниите и до крајот на минатата година треба да се финализираат и истите да резултираат со утврдување на пристап кој е најповолен и преку кој ќе се изнајде најдобра методологија за распределба на обезбедените финансиски средства.
Кон крајот на минатата година требаше и на студентите да им бидат соопштени повеќе детали за процесот, како и насоки за тоа како младите ќе можат да ги максимизираат придобивките од овие ваучери.
Но академската година е при крај, а студентите се’ уште немаат никакви информации околу тоа кога ќе почне да се реализира мерката, како и за начинот на спроведување на истата. Студентите, пак, коишто ги завршуваат студиите оваа учебна година, се во исчекување дали оваа мерка ќе ги опфати бидејќи академската година привршува.
По седум месеци – Владата и понатаму со исти информации
Во писмен одговор за ПИНА.мк, од Владата велат дека во моментот се во фаза на разработка на методологијата за распределба на средствата.
„Важно е да се знае дека Владата активно работи на истражување и соработка со компании од областа на информатичката технологија и ќе продолжи да го координира процесот на распределба на ваучерите“, стои во изјавата од Канцеларијата на портпаролот на Владата.
Оттаму додаваат дека условите за користење на ваучерите ќе бидат навремено соопштени. Сепак, на прашањата зошто досега не се објавени конкретни детали за мерката и кога студентите ќе добијат официјални насоки, одговорите остануваат нејасни.
„Владата е партнер на младите, затоа преку различна поддршка, мерки и проекти работиме да ги задржиме младите во државата, бидејќи токму младите се иднината на општественото“, потенцираат од Владата, додавајќи дека посветено и одговорно работат и придонесуваат за подобар живот за сите, иднина и просперитет.
И студентските претставници без информации од Владата
Од Универзитетското студентско собрание (УСС) велат дека за мерката првпат дознале преку медиумите, без претходна консултација или известување од Владата.
„Како Универзитетско студентско собрание, не бевме ниту консултирани ниту известени од страна на Владата пред оваа мерка да биде објавена во јавноста“, посочуваат оттаму, додавајќи дека по објавата самостојно почнале да бараат дополнителни информации.
Според нив, тие уште во јануари годинава стапиле во контакт со младинскиот претставник во Владата, кој изјавил дека ќе се обиде да закаже средба со надлежен за мерката, но до денес не добиле повратен одговор. Потоа се обратиле и до шефицата на кабинетот на премиерот, која, како што велат, ги информирала дека сè уште не е одлучено како точно ќе се спроведува мерката, но дека ќе се обиде да организира состанок.
„На 5 февруари 2025 испративме и официјално барање до Владата, но досега немаме добиено одговор. Како последен чекор, се обративме и до министерката за финансии, но и таа немаше дополнителни информации“, потенцираат од Универзитетското студентско собрание.
Оттаму додаваат дека пред да излезат со официјален став за оваа мерка, потребни им се јасни и детални информации од надлежните институции, за да можат да дискутираат за реалната корист што студентите би ја имале од неа.
Авторка: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





