Говорот на омраза – препознаен но недоволно казнуван

0
41
Фото: Unsplash

Во текот на месец ноември на веб-платформата govornaomraza.mk биле регистрирани вкупно 98 случаи со елементи на говор на омраза, повикување и поттикнување на
дискриминација и вознемирување по различни основи, покажува последниот месечен извештај за состојбата со говорот на омраза на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Регистрирани биле 53 случаи на говор на омраза поради
национална припадност, 46 случаи врз основа на етничка припадност, 8 случаи по основ на сексуална ориентација и родов идентитет и 7 случаи по основ на политичка
припадност.

Припадниците на ЛГБТИК+ заедницата во Македонија се редовна мета на напади, закани, па и повици за насилство, посебно на Интернет. Ниска е довербата меѓу припадниците на оваа маргинализирана група во државните институции, и тие не веруваат дека институциите може да ги заштитат нивните права – покажува друг Извештај на истата организација.

Според извештајот припадниците на оваа заедница најмалку се чувствуваат безбедно во полициска станица, јавниот транспорт, јавен простор, во судови и во здравствени установи, а се чувствуваат побезбедни во културните установи, местата за социјализација и соседството во кое живеат. 

Тие трпат психичко и вербално насилство во физичкиот простор, но, најчесто во сајбер просторот. Според извештајот, 80% од испитаниците што доживеале насилство избрале да не го пријават, бидејќи немаат доверба во институциите. И да пријават нема да добијат ниту заштита, ниту пак би бил откриен напаѓачот, пишува во извештајот. Нешто над 89% од испитаниците не веруваат дека полицијата и правосудните органи ќе ги заштити, бидејќи и во овие државни органи постојат многу предрасуди, хомофобија и трансфобија. 

Испитаниците одговориле дека дискриминацијата најчесто ја пријавуваат во невладина организација (44,44%), Комисија за спречување и заштита од дискриминација (33,33%), Народен правобранител (22,22%) или се обратиле кај адвокат (11,11%). По пријавувањето 77,78% посочиле дека нивниот случај не бил решен. 

До Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за периодот од април до јуни лани најчесто утврдени основи на дискриминација се за сексуална ориентација и попреченост. Претходната 2023 година до КСЗД биле доставени вкупно 29 претставки во кои како основ или еден од основите за дискриминација била наведена сексуалната ориентација. 

Во 2021 година биле поднесени 14 претставки во кои како основа или една од основите за дискриминација била наведена сексуалната ориентација, додека во 2022 година биле доставени 41 вакви претставки. Ова значи дека бројот на поднесени претставки во кои се бара заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација се зголемил во 2022 година во однос на 2021, но опаднал во 2023 година во однос на 2022 година, велат од Комисијата за заштита од дискриминација за ПИНА. 

„Во 2021 година КСЗД утврдила дискриминација врз основа на сексуална ориентација во 11 случаи. Во најголем број од овие случаи станува збор за повеќекратна дискриминација, како потежок вид на дискриминација, односно дискриминација врз две или повеќе основи, најчесто врзувајќи ја сексуалната ориентација како заштитна карактеристика со родовиот идентитет. Во однос на областите за дискриминација, најголемиот дел од овие случаи се однесуваат на областа медиуми и јавно информирање, односно вршење вознемирување, како форма на дискриминација на социјалните мрежи“, велат од Комисијата за заштита од дискриминација. 

Институциите за некого се мајка, а за некого маќеа

Граѓанските организации кои работат за унапредување на правата на заедницата велат дека говорот на омраза е на едно високо и алармантно ниво. Давид Тасевски од „Квир Центар“ за ПИНА вели дека имаат пријавено многу случаи со говор на омраза до институциите и активно работат на мониторинг и пријавување.

Ова е алармантна ситуација која веќе резултира и може да резултира понатаму со нови ризици, на пример, нормализација на насилството кое веќе е присутно кај нас, понатаму, зголемен број на случаи на насилство (кое веќе ни се случува со семејното насилство), нарушување на стабилноста на целиот систем поради идно непријавување или несоодветна заштита од страна на институциите, и она кое мислам дека исто така веќе го живееме, а тоа е страдање на кохезијата, и доаѓање до ситуација на поларизација и зголемени тензии.“, вели Тасевски.

Членовите на оваа заедница се под постојани напади на говор на омраза, вели за ПИНА Лила Милиќ од ТрансФорма. Таа додава дека поголемиот дел од овие случаи се јавни коментари на социјалните мрежи, со содржина која има цел да ги исмее и стигматизира ЛГБТИК+ луѓето и активистите. Во нив тие се прикажани како ненормални и неморални – луѓе кои се штетни за целото општество, а во овие коментари многу често експлицитно се повикува на насилство и убиство на луѓето од оваа заедница. 

„Неретко ЛГБТИК+ лицата и активистите добиваат закани и во приватни пораки, а се изложени и на навредливи и заканувачки дофрлања во физичкиот простор. Дел од луѓето кои се соочуваат со ова се охрабруваат и го пријават случајот во Министерството за внатрешни работи и ОЈО, сепак поголемиот дел одлучуваат да не пријават поради стравот да не дозне општеството за нивната сексуална ориентација“, вели Милиќ. 

Милиќ дообјаснува дека институциите го препознаваат говорот на омраза кон ЛГБТИК+ заедницата, но дека не го казнуваат, освен во случаи кога говорот на омраза е насочен кон носител на јавна фунцкија. 

„Сведоци сме дека низ годините наназад како се казнуваат граѓани кои ќе напишат коментар/порака со заканувачка содржина кон функционери, по што што лицето кое го/ја напишало коментарот/пораката, веднаш се пронаоѓа и се казнува според законите, но ако ЛГБТИК+ лице поднесе пријава полицијата и обвинителството веднаш ја отфрла. Ова не е случај само со ЛГБТИК+ луѓето, туку со маргинилизираните заедници воопшто“, вели Милиќ. 

„Институциите за некого се мајка, а за некого маќеа“,  поентира таа. 

Македонија на дното во Европа во почитување на правата на ЛГБТИК+ лицата 

Македонија се уште се наоѓа на дното на Европа во однос на напредок на правата на ЛГБТИК+ заедницата, иако бележи благ пораст во однос на последните пет години, покажува истражувањето на меѓународната невладина организација ИЛГА – Европа, која обединува над 700 организации од 54 земји низ Европа и Централна Азија.

Во однос на соседните балкански земји, Македонија се наоѓа на претпоследното место, односно е едно место пред Бугарија. 

Според истражувањето, говорот на омраза кон оваа заедница остана сериозен проблем и покрај безбројните пријави кои се поднесувани, а властите не презеле значајни мерки за заштита. Извештајот на Европската комисија за Македонија, исто така, истакна дека говорот на омраза и злосторствата од омраза остануваат вообичаени, без значаен одговор од правосудниот систем. Коментарите на социјалните мрежи често вклучуваат смртни закани и повици за насилство врз заедницата.

Во земјава за прв пат оваа година беше донесена судска пресуда од една година условна казна за дискриминација врз основ на сексуална ориентација, и првата пресуда за говор на омраза врз основ на сексуална ориентација, поднесена од „Квир Центар“. 

„Ова е првата ваква пресуда и во моментов за мене беше важно да се воспостави пракса во казнувањето и да се прати порака дека никој нема право да креира ситуација во која ќе става во ризик нечиј туѓ живот, само поради тоа што на некого му пречи одредена група луѓе“, вели Тасевски за ПИНА. 

Авторка: Ангела Петровска 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА