Со универзитетската диплома и долгодишно работно искуство во медиумите сега работат во маркети, администрација, приватен сектор и слично. Поради ниски плати, нерегулиран работен однос, лоши услови, сѐ почесто дел од новинарите се откажуваат од професијата, иако тоа за нив е навистина тешка одлука, но, егзистенцијата е поважна.
Новинарите од внатрешноста се во најлоша состојба, особено затоа што од една страна, медиумите во помалите средини згаснуваат, а од друга страна, националните медиуми не нудат соодветни услови за лицата кои известуваат за животот надвор од Скопје.
Во Тетово, град со речиси 85 000 жители, 2 универзитети, работи само една регионална телевизија со програма на албански јазик, која се соочува со недостиг на кадар, а последната локална телевизија која емитуваше програма на македонски јазик се затвори. Како дописници за национални телевизии, или за некои од пишаните медиуми работат неколкумина новинари. Но, и тие се бројат на прсти.
Зоран Димовски, долгогодишен дописник, вели дека новинарите од внатрешноста се принудени да работат на повеќе места, за да имаат пристојна заработувачка и да имаат здравствено и пензиско осигурување, но тоа е многу напорно. Тој смета дека дописниците не се ценат доволно, иако во нивната работа се соочуваат со многу пречки и предизвици, а и мора да се достапни во секој момент.
„Голем проблем е што немаме редакција, немаме работно време, ниту регулирано слободен ден во неделата, постојано сме на „готовс“. Некој ќе каже да работиш од дома е покомотно, но е голем стрес, затоа што дома имаш семејство, деца, поради што не можеш доволно да се сконцентрираш. На пример, новинарот во Скопје не размислува дали ќе најде редакција, возило или ќе му снема интернет, на нас тоа ни е дополнителен товар. Исто така, на голем дел од новинарите не им е регулиран работниот однос. Јас сега имам осигурување, но многу се намачив за да го добијам. Има колеги кои се принудени да работат на повеќе медиуми и сами да го плаќаат осигурувањето, не само во тетовскиот, туку, според она што сум го слушал и од колегите од другите региони“, објаснува Димовски.
Урим Хасипи, како координатор на новинарите од полошкиот регион во Здружението на новинари и уредник во Тв Коха, состојбата на новинарите особено во локалните телевизии или дописниците ја оценува како многу лоша. Тој смета дека тие се понижени, почнувајќи од менаџментот, институциите, па дури се мети и на социјалните мрежи.
„Мали плати, мали придонеси, мал број слободни денови, многу работа, недостаток на кадар. Ова е сликата на денешните новинари во Тетово. Голем проблем е и тоа што многу институции се затворени за медиумите, особено регионални канцеларии на министерства или агенции, инспекциски и ред други служби. Ваквата ситуација и односот кон медиумите донесе да се стави клуч на многу локални и регионални телевизии. За жал народот се наоѓа во медиумски мрак, а со тоа и многу новинари едвај преживуваат или опстојуваат, па мора да работат и во портали, каде платите се уште пониски“, вели Хасипи.
Незамисливо е после 30 години заложби на новинарските организации и здруженија, сѐ уште на новинарите да им се прекршуваат работничките права, потенцира Александар Самарџиев, дописник и сопственик на порталот Тетово инфо. Тој вели дека многу е тешко да се опстои во оваа професија.
„Едноставно, новинар со новинарска работа тешко може да опстои и да одржи егзистенција на своето семејство и затоа сите бараат други начини. Работат хонорарно на повеќе места или менуваат професија. Ниски плати, немањето пензиско и здравствено осигурување. За жал во 2024 година после 30 години зборување на новинарските организации и здруженија, сѐ уште новинарите се соочуваат со овој проблем, но за тоа е виновно и целокупното општество, нема слух за тоа што значи еден медиум и која е важноста на новинарите за самите граѓани и за општеството. Сѐ повеќе и повеќе ова занемарување на важноста на новинарството ќе го чувствуваат граѓаните на нивна кожа“, потенцира Самарџиев.
Принудени да бараат нова работа
Пред повеќе години настаните во Тетово ги следеа новинари од повеќе телевизии, на локално и на национално ниво, весници, новински агенции. Поголем дел од нив се откажаа од оваа професија заради лични определби, затворање на медиуми, но и поради тоа што дел од националните телевизии не ангажираат дописници од овој регион. Има и подмладок, но само неколкумина новинари кои работат претежно во портали.
Дописник за национални медиуми цели 20 години беше новинарот Атанас Соколовски, кој поради лошата состојба во која се наоѓа новинарството, особено во помалите средини, во 2019 година се вработува во приватниот сектор.
„Немав повеќе волја за таа работа. Ниски примања, непрофесионални услови за работа – од дома, лоши и неписмени новинари со подобар статус“, вели Соколовски.
Според поранешната новинарка Милена Вучевска се намалува и квалитетот на новинарската работа, која, како што вели, треба да биде теренска и професионална. Тоа е една од причините поради која и таа по 14 години работа во локална телевизија и како дописник за една телевизија, во 2022 година се вработува во Општина Тетово, како портпарол.
„Губење на смислата на репортерството, секојдневно никнување на медиуми (портали) кои шират непроверени, сензационалистички информации, текстови напишани (препишани) со катастрофални правописни грешки и сето тоа без никакви реални санкции, а огромно влијание кај јавноста, е можеби главната причина што го напуштив новинарството. Инаку, новинарите многу тешко имаат пристап до институции за било какви прашања, да се добие изјава некогаш ми било невозможна мисија, за жал… Тоа е втората причина зошто се вработив од другата страна (портпарол на Општина Тетово)“, вели Вучевска.
По 32 години работа како новинар, уредник во локални медиуми и дописник за дневни весници, агенции и телевизии, Санда Србиновска, во 2018 година останува без работа поради затворање тетовската телевизија Ултра и без исплатени неколку плати. На 6 месеци пред пензионирање, отвора приватна фирма, но кај неа останува горчината што работниот век не го завршила од новинарскиот деск. Таа вели дека сега состојбата во новинарството е уште полоша, а во Тетово и загрижувачка.
„Локални/регионални телевизии нема (освен една која реализира програма на албански јазик). Тв Менада/Ултра и ТВ Кисс згаснаа. Останаа само 2 радио станици кои емитуваат забавна програма. Информирањето на граѓаните за локални теми не постои. Новинарите, за жал станаа вишок во оваа средина. Наспроти ова, Тетово до пред дваесеттина години имаше и Центар за информирање – Радио Тетово кој беше расадник на кадри, неколку приватни радија и телевизии“, потенцира Србиновска.
ССНМ со истражување: главни проблеми – ниски плати и непочитување на работничките права, локалните медиуми полека згаснуваат
Главни проблеми во медиумите во земјава се ниските плати, стресот во работата и непочитувањето на некои од основните работнички права кои се гарантирани со Законот за работните односи, покажуваат и наодите од повеќемесечното истражување за работните услови во медиумскиот простор на новинарскиот синдикат.
„Еден од најзагрижувачките наоди е тоа дека околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата (37.065 денари, мај-октомври 2023), што потврдува дека новинарството е слабо платена професија, што ги прави новинарите ранливи и подложни на различни влијанија. Ова значи дека, и покрај законските гаранции за слободата на медиумите и на новинарите, без нивна стабилна и поволна социо-економска состојба тешко ќе се постигне професионално и објективно новинарство“, е еден од заклучоците во публикацијата „Професионален статус и работнички права на новинарите и медиумските работници“.
Од истото истражување доаѓа и заклучокот дека во локалните и регионалните медиуми постојано се намалува бројот на вработени и новинарите се маргинално застапени – во просек по 1,6 новинари работат во овие медиуми.
Оттаму се потврдува фактот дека има региони за кои ретко се слуша, за нивните проблеми или за убавите настани кај нив никој не известува, или пак, многу ретко се застапени во медиумите.
Новинарите алармираат: потребни се поголеми заложби на државата
Новинарите сметаат дека државата треба да застане зад нив, затоа што сопствениците на медиумите во кои работат, немаат доволно слух за нивните проблеми и потреби.
„Голема улога имаат и сопствениците на медиуми коишто не се новинари и коишто имале погрешни политики на водење на медиумите и наместо поддршка на новинарите го правеле спротивното и затоа сме во оваа ситуација“, вели Александар Самарџиев.
Најголема помош им е потребна на новинарите во помалите средини.
„Мислам дека регионалните новинари треба да се подржуваат со посебен надоместок од државата. Но, тоа да биде директно на нивна сметка, затоа што ако таа помош оди преку медиумите, газдите пак ќе ги земат тие пари и нема да стигнат до новинарите. На новинарите од локалните медиуми треба да им се овозможи вклучување во повеќе проекти, но не со сегашните услови, оти се бараат многу документи и разни формалности кои се тешко достапни. Мислам дека и јавниот сервис треба да има посебно катче за регионалните новинари во вид на репортажи. Време е вниманието да се насочи кон новинарите за да имаат спокоен живот, а не да живеат на работ на сиромаштијата“, вели Урим Хасипи.
„Состојбата може да се подобри со повторно отворање на локални медиуми кои ќе бидат од забавно информативен карактер, каде ќе може да се ангажираат млади, образовани кадри кои вистински ќе ги почитуваат новинарските стандарди и кодексот на новинари, без партиски влијанија. Бизнис заедницата да има повеќе слух за потребите од информирање. Државата да биде и давател на средства преку проекти, а не само собирач на даноци, концесии“, вели Санда Србиновска.
Да се реши статусот на новинарите, особено на оние кои известуваат за национални телевизии, кои најчесто се ангажирани како хонорарни работници.
„Најпрво треба да се реши статусот на новинарите, особено на дописниците, затоа што тоа ни е најголема болка. Мене ова ми е занает, а друг не знам. Сме вложите труд, образование и искуство и не ти е сеедно ако сакаш да го напуштиш новинарството. Сите би сакале да работиме новинарство со осигурување и добра плата. Се надеваме на подобри времиња“, вели Зоран Димовски.
Од друга страна, за подобрување на состојбата во новинарството потребна е и поголема професионалност во работата, затоа што моменталната состојба не оди во прилог на новинарите.
Авторка: Данијела Билбилоска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА