
Пациентка од Скопје која со години се соочувала со здравствени проблеми, па за да биде оперирана морала да најде врски, но морала и да „почести“. Во знак на мало внимание таа дури и со кетеринг од ресторан се заблагодарила на здравствените работници по завршената операција.
„Таа операција ми беше после неколку интервенции, значи јас имав и претходно други интервенции и после интервенцијата докторот, пошто ми беше преку врски и докторот беше ме поздравил и ми кажал дека мојата операција чини 100 евра и дека требаше јас да ги дадам тие пари. На луѓето им беше многу непријатно да кажат но ми кажаа рекоа ако немаш пари ќе дадеме ние, јас реков не, штом се работи за мене, како вие што имате деца за чување имам и јас си ги дадов“ – објаснува нашата соговорничка која сакаше да остане анонимна.
Пациентите се жалат се повеќе дека се чека за термини за операција со месеци, а за да се дојде побрзо до термин треба да се има ,,јака врска“ преку разни моќници или партиски конекции.
Редовен термин нема, но со плаќање на товар на пациентот има
Бојан Трајковски е лекар по семејна медицина и е постојано во контакт со своите пациенти. Според него, многу често има ситуации каде што пациенти се дрско враќани од клиниките и тоа секако треба да е предмет на критика.
„Мене ме загрижува фактот дека сè почесто се јавуваат пациенти коишто не добиле можност за интервенција на државен товар да речеме или чекаат предолго, а оној дел на дополнителна дејност е веднаш ослободен. Тоа прави сериозна иронија за времето коешто го троши или го има слободно хирургот. Меѓутоа паричката секогаш има две страни, од една страна и ги разбирам делумно хирурзите, заради тоа што сепак и оние редовни програми коишто ги имаат се навистина пренатрупани“ – вели Трајковски.
Тој не се согласува дека клиниките се директно криви за оваа состојба. Министрите за здравство се оние коишто прават доста сериозна промена и доста сериозни проблеми во функционирањето на клиниките, смета Трајковски.
„На крајот на денот, интервенциите коишто ќе ги платите во државното здравство, ајде да речеме во таа дополнителна дејност се и далеку поевтини од истите интервенции коишто би ги платиле во приватното здравство. Треба да постои можност за избор доколку сакате да направите избор, меѓутоа тоа да биде посоодветно исконтролирано. Сега во моментов има еден одреден мал хаос, мора да се признае“ е ставот на Трајковски.
Новинарот Аднан Чаили, десет години го следи здравство. Според него, со затворањето на дел од хируршките сали во клиничкиот центар и со нивно половично функционирање ќе има злоупотреба и на таа дополнителна дејност, луѓето ќе се обидуваат да стигнат до термин за интервенција.
Вели секојдневно гледа пациенти што имаат потреба од услуга, а не можат да ја добијат, нема термин, а не можат да ја платат приватно.
„Јас мислам дека и самите доктори и специјалисти малку злоупотребуваат со тој монопол што го држат во склоп на системот „Мој термин“, пошто тие лично имаат можност да отворат термини или кога им одговара за нивните пациенти, да речеме под назнака што тие интервенираат туку и со поткуп или слично со некое поклонче или … така натаму. Фондот треба со Министерството под итно да го коригира системот „Мој термин“. Ние новинари што работиме на терен ги гледаме секој ден овие проблеми“ – дециден е Чаили.
Според него, некои го кочат системот за лична корист. Пациентите ги „врткаат“ низ ходниците, времето си поминува, кога се работи за здравје секој би дал се, голем дел од лекари не бараат пари, но така ја „водат“ играта за пациентот, семејството, да сфати дека нема излез и за побрзо да ја добие здравствената услуга, да даде пари. Свесни се дека прават кривично дело, го споделуваат со нас новинарите, но не сакаат да зборуваат јавно, вели Чаили.
Пациентите не се осмелуваат да пријават злоупотреби
Незадоволни од одредени ситуации во здравствените установи граѓаните бараат совети од правниците, но на крај не се осмелуваат ништо да преземат, посочува Гоце Коцевски, од Македонското здружение на млади правници.
„Како организација којашто веќе седум, осум години работи со права на пациенти, непосредно разговараме со пациенти, свесност постои меѓутоа подготвеност да се поведат постапки за жал сè уште не. И тоа совршено разбираме, затоа што кога вие се наоѓате во ситуација да вашиот живот и вашето здравје или здравјето и животот на вашите најблиски зависи од одредена здравствена установа, зависи од одредени медицински лица и какво било поткренување макар и на најбенигни постапки може да влијае лошо“ – го споделува своето искуство Коцевски.
И лекарите дел од полицискиот билтен
Според податоците на МВР, во периодот од 2009 година заклучно со јуни 2024 година, за сторени кривични дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“ кривично се пријавени вкупно 19 лекари. Покрај ова, во наведениот период сузбиени се и две организирани криминални групи во чии рамки за коруптивни активности кривично се пријавени 22 лекари.
ФЗОМ не ги покрива услугите од дополнителна дејност
Од Фондот за здравствено осигурување објаснуваат дека согласно Законот за здравствено осигурување со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени „здравствени услуги користени спротивно на утврдениот временски редослед во Листата на чекање утврдена од страна на здравствената установа и здравствени услуги извршени како дополнителна дејност на здравствените работници“.
Здравствените услуги од дополнителната дејност не се на товар на Фондот. Фондот согласно член 10 точка 8-а не покрива ништо од услугите извршени во дополнителна дејност.
Како функционира дополнителната дејност?
Од Министерството за здравство објаснуваат дека здравствените работници – специјалисти со над две години работно искуство, можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност по редовното работно време.
Согласно Законот за здравствената заштита тие до директорот на здравствената установа во која се вработени поднесуваат писмено барање за согласност за вршење дополнителна дејност. Ценовникот го утврдуваат директорите на јавната здравствена установа, во согласност со министерот за здравство.
Цената на здравствените услуги кои се укажуваат како дополнителна дејност во јавна здравствена установа е составена од цената што ја покрива Фондот, надоместокот кој пациентот го плаќа како осигурено лице со лични средства во вкупните здравствени услуги и надоместокот за тимот за дополнителна дејност. Сумата се уплаќа на посебна сметка за дополнителна дејност на здравствената установа.
Здравствениот работник – специјалист вработен во јавна здравствена установа има право во текот на еден месец во дополнителна дејност да реализира, најмногу до 20 проценти од вкупните извршени интервенци или дијагностички постапки и специјалистичко-консултативни услуги во претходните три месеци.
Ги оправдува ли целта, средствата, ако станува збор за човечки живот, а тука е и Хипократова заклетва врз која треба да се водат лекарите? За нашата соговорничка изборот бил јасен, најважно било нејзиното здравје, а кога нема термин ќе се плаќа или ,,внимание“ или „приватно“.
Авторка: Наташа Јанчиќ
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА