Дезинформациите не смеат да ја доведат во прашање сигурноста и довербата во вакцините

0
231

Рутинската вакцинација на децата е од исклучително значење, а перцепцијата на јавноста во Македонија за важноста од рутинска вакцинација е намалена. Слабата едукација и информираност на граѓаните, многуте дезинформации кои постојано се присутни во јавноста претставуваат клучни причини кои доведуваат до тоа Македонија да биде рангирана речиси на дното во Европа и Централна Азија, според бројот на деца со „нула дози“ вакцини.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани за ПИНА објаснува дека причината за ваквиот резултат се наоѓа во многуте дезинформации кои постојано се присутни во јавноста, како и слабата информираност на родителите во однос на составот на вакцините.

Таа е децидна дека е важно во континуитет да се зборува за редовната имунизација, а не само од време на време, или, како што вели, за време на неделата за имунизација. Според неа, од клучна важност е на родителите да им се даваат сигурни информации за редовната вакцинација на децата, особено кога станува збор за колебливите родители.

„Не треба да дозволиме дезинформациите да ја доведат во прашање сигурноста и довербата во вакцините. Во 2019 година, Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи колебливоста во однос на вакцинирањето на децата за една од најголемите закани за јавното здравје. Денес, ‘колебливоста во однос на вакцините’ и ‘инфодемијата’ што уште повеќе ја разгорува таквата колебливост, се клучни двигатели на опаѓањето на стапките на имунизација низ целиот свет. Оттука, може да се каже дека инфодемијата и колебливоста во однос на вакцините се глобален проблем“, вели ДиЏовани.

Претставничката на УНИЦЕФ нагласува дека довербата на јавноста во вакцините треба да се гради преку континуирано обезбедување информации кои се базираат на докази дека вакцините дејствуваат.

Тоа, според неа, треба да се прави преку формални канали, како пунктови за вакцинација, матични лекари, здравствени власти, официјални веб-страници, но и преку неформални канали, како социјалните медиуми.

Извештајот „Состојбата на децата во светот“ на Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) кој беше објавен годинава, покажа дека земјава е на второто место во Европа и Централна Азија на негативна ранг листа според бројот на деца со „нула дози“, односно го дели ова место со Босна и Херцеговина и Киргистан.

Глобалниот извештај на УНИЦЕФ за детска имунизација содржи збир препораки со цел државите да го подобрат опфатот на деца со вакцини, а дел од тие препораки се релевантни и за Македонија.

Во нив, се посочува дека здравствениот систем треба и понатаму да ги зголемува заложбите за да се идентификуваат и опфатат сите деца кои ја пропуштиле вакцинацијата. Паралелно на тоа, како што се додава, треба да се зајакне и довербата во вакцините преку тесна соработка со заедниците и семејствата за да се одговори на нивните потреби и прашања во врска со вакцинацијата на децата.

Исто така, таму се посочува и дека треба да се даде приоритет на финансирањето на службите за имунизација и примарната здравствена заштита и да се градат отпорни здравствени системи преку инвестирање во здравствените работници и во нивниот професионален развој.

Диџовани посочи и дека врз основа на најновите истражувања на УНИЦЕФ во земјава, 4 од 10 родители наведуваат дека „недостатокот на информации за редовните вакцини е причината што предизвикува дилема дали да се вакцинираат децата“ и околу 30% од родителите сметаат дека информациите во врска со детските вакцини се збунувачки, односно дека се или нецелосни или контрадикторни, објаснува таа.

Таа заклучува дека на глобално ниво, јавната перцепција за важноста на вакцините за децата се нарушила за време на пандемијата со коронавирусот, но и дека сѐ поголем е пристапот до погрешни информации и со тоа опаѓа и довербата во експертизата на глобално ниво.

„Многу земји во светот се соочуваат со слични предизвици. Од суштинско значење е да се зајакнат клучните столбови на системот за имунизација во контекстот на секоја земја, почнувајќи од синџирите на снабдување и ефикасно управување со вакцините, сѐ до системите за податоци, како и да се зајакне знаењето и вештините на здравствените работници од првите  линии за да одговорат на потребите и на новите предизвици. Сепак, интервенциите што се преземаат за зајакнување на овие столбови може и треба да бидат прилагодени на контекстот на земјата”, децидна е Патриција Диџовани.

Националната координаторка за имунизација Александра Грозданова за ПИНА посочува дека имало повеќе заеднички едукативни процеси во кој првенствено биле вклучени здравствените работници.

Таа истакнува дека здравствените работници треба да разберат колку редовната вакцинација сега, независно од периодот на пандемијата со коронавирусот, е исклучително потребно да се одвива континуирано.

„Правевме и некакви кампањи и нашите партнери и УНИЦЕФ и Светската здраствена организација ни помогнаа во сето тоа, а тоа е на родителите на некаков начин да им прикажеме транспарентни информации за квалитетот на вакцините. Она што беше во едно истражување воочено дека постои недоволно познавање за тоа каде да се побараат вистинските информации, дури и во делот за имунизација ние се соочивме со дезинформации, лажни вести и огромен број на шпекулации. Се изготви посебна веб страна ‘е-здравство’ во која што има посебен дел за имунизација каде што е ставен календарот и сите вакцини, како и нивниот квалитет и набавка. Затоа што мислиме дека транспарентноста во овој процес, како се одвива самата имунизација но и набавката на вакцините е исклучително важна, тоа го детектиравме како едно од прашањата кои родителите ги имаат“, објаснува Грозданова.

Според Грозданова, дополнително постојано се работи на секое ниво, од здравствени работници до родителите, за подигање на свеста и тоа преку различни институции како Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и локалните самоуправи.

Авторка: Сара Танаскоска