Ана Бојчевска Митревска: Жените сѐ уште заработуваат помалку од мажите

0
395

Здравствените работнички земаат 40 отсто помала плата од своите машки колеги и во оваа здравствениот сектор родовиот јаз во платите е најизразен. Разлика во платите меѓу мажите и жените постои секаде, и кај раководните позиции, но и кај помалку квалификуваните работни места.

Но, Државната статистика не води официјална статистика за тоа колку мажите заработуваат повеќе од жените. Такви податоци ДЗС водела до 2018 година, но оттогаш наваму државата не ги бележи овие податоци

Со Ана Бојчевска Митревска од „Реактор“ разговаравме за јазот во платите меѓу мажите и жените.

Во кои професии најчесто се забележува родовиот јаз во платите?

Ана Бојчевска Митревска: Податоците со кои располагаме моментално посочуваат дека жените се огромно мнозинство од неактивното население, работат во помалку платените индустрии и заработуваат помалку од мажите. Ова најмногу се должи на силно вкоренетите патријархални родови улоги во нашето општество и генерално во убедувањата со кои стереотипно женскиот труд е препишан на биолошки карактеристики и на тој начин обезвреднето. Според Глобаниот индекс на родови јазови од 2022 година објавен од Светскиот економски форум, Македонија се наоѓа на 69. место со скор од 0,716 што означува генерално мало подобрување во сите супдомени, освен еден, а тоа е економска партриципација и можности каде што државата бележи и негативен тренд, односно пад од 97. на 106. место и има најнизок перформанс. Особено во областа на законодавци, високи функционери и менаџери каде оценката на земјата е најниска и се рангира на 114. од вкупно 146. места.

Според последните официјали родоворазделени податоци на Државниот завод за статистика за разлики во просечните примања од 2018 година јаз во примањата има во речиси сите професии и според овие податоци просечниот јаз во платата е 13,23 процентни поени.

Посвежи податоци имаме од 2021 година, но истите не се добиени од Завод за статистика, туку преку барање за пристап до информации  од јавен карактер од Управа за јавни приходи за просечни исплатени плати во 2021 година и тука можеме да видиме просечен јаз во плата од околу 12 процентни поени што укажува на минимално намалувње на јазот во овие три години во 2018.

Од тие податоци од Заводот за сатистика најголем јаз во примањата се гледа кај здравствените работници просечната плата на жените во здравството е за 40 процентни поени помала од платата на нивните машки колеги, овој податок сам по себе е скандалозен ако ги земеме предвид и податоците дека во здравството во нашата држава 74 проценти од вработените се жени, значи имаме ситуација во која што здравствените работнички, медицинските сестри и болничарките кои и покрај тоа што вршат толку тешка и важна работа во која постојано се изложени на опасности по здравјето и општата добросостојба воопшто не се вреднувани и најчесто нивните плати се значително под просечните. Слично голем јаз е присутен и помеѓу некалификуваните работници и работнички како што се составувачите на машини и опрема, уличните продавачи и други услужни работници, но и помеѓу работиците, и работничките на раководни позиции и помеѓу научниците и стручњаците.

Каква е состојбата во текстилната индустрија?

Ана Бојчевска Митревска: Стереотипната поделба на родовите улоги која е присутна во домот и општеството се отсликува и на пазарот на трудот, па така, како што спомнавме и претходно работите кои претежно се извршуваат од страна на жените се помеѓу најмалку регулираните и најниско платените.

Жените се примарно вработени на позиции на пониско ниво и сочинуваат најголем дел од работничките во пекарните индустрии како што се текстилната, кожарската и индустријата на облека. Во текстилната индустрија главната работна сила во светски рамки и кај нас сѐ уште ја сочинуваат жените, а тоа пак, се должи на патријархалните сфаќања за машки и женски професии. Работата со текстил и производството на облека традиционално се поврзани со работата на жената во домот и со патријархалните сфаќања за нејзината примарна улога како домаќинка. Во текстичните индустрии дополнителен проблем се и условите во кои работат жените. Често работат со продолжено работно време во нечовечни, опасни работни услови за минимална плата, а многу често и за помалку од минималната плата. Од друга страна, во оваа гранка цели мали градови се потпираат на женскиот труд, па така жените имаат една двојна улога и на домаќинки кои се главни, одговорни за грижата за домот, но и на носителки на главните финансии во домот. Кога зборуваме за родов јаз во плати важно е да кажеме дека се јавува кога при исти работни услови жените заработуваат помалку од мажите за иста или работа со еднаква вредност во поглед на потребните вештини, одговорност и залагање. Во текстилната индустрија каде што огромното мнозинство од работничките се жени, а огромното мнозинство речиси сите од раководителите или сопствениците се мажи не можеме да зборуваме за јаз во плати и примања туку за нерамноправна дистрибуција на моќ.

Каде се забележува најголема разлика, на раководни или на обични функции?

Ана Бојчевска Митревска: „Разликата постои секаде. Голема е и на раководните функции и на неквалификуваните работни места. Во смисла на вертикална сегрегација мажите сочинуваат најголем дел од работодавачите. Освен тоа, 100% од главните извршни директори од најголемите компании коишто котираат на берзата се мажи. Овие нееднаквости се огромни, но не можат да се објаснат со разликите во образовните постигања зашто поголем процент од жените имаат високо образование.

Сега, во тој контекст постојат податоци од 2018 година за родовиот јаз во платите, зависно од возраста и степенот на образование. Па, можеме да видиме дека јазот пропорционално се зголемува и во двете категории. Во 2018 година родовиот јаз во платите е присутен во сите возрасни групи. Но, расте како што растат, созреваат и стареат работничките сѐ до 49 година. Па така, ако ги анализираме достапните податоци можеме да видиме дека во раните работнички години, меѓу 15. и 24. година во 2018 јазот во платите постои, но е релативно мал и изнесува 3 процентни поени. Сепак, како што поединците напредуваат во 30. и 40. години разликата станува понагласена и овој тренд продолжува до некаде меѓу 45 и 49 година од животот каде јазот во плати го достигнува пикот.

Ова е многу важно да се каже бидејќи жените се соочуваат со најголемата неправедност при добивање плата во нивните репордуктивни години. Овој период најчесто се случува меѓу 25. и 45. година од животот кога многу жени избираат да основаат семејство или носат некакви одлуки поврзани со раѓање и со грижа. Па така, комбинацијата на општествени очекувања, традиционални родови улоги и предрасудите на работно место можат да резултираат со намалени можности за напредување во кариерата и зголемена разлика во платите во многу критична фаза на жените.

Од друга страна, кога станува збор за образованието имаме еден интересен феномен. Податоците ни покажуваат дека родовиот јаз во вработувањето се намалување меѓу мажите и жените со високо образование. Значи, колку се пообразувани толку е помал тој јаз во вработувањето што сугерира дека формалното образование може да биде значаен тампон против родовата дискриминација, но и потврдува дека жените треба понапорно да работат и повеќе да се трудат за да ја зголемат веројатноста за да добијат платена работа. Подетални пресметки потврдуваат дека во просек вработените жени се пообразовани од вработени мажи, додека процентот на вработени жени со високо образование е помал од вработени мажи со високо образование. Што имплицира дека жените треба да исполнуваат повисоки стандарди за да добијат платена работа. Сега сепак, и покрај намалувањето на родовиот јаз во вработувањето меѓу жените и мажите со високо образование, во податоците од 2018 година можеме да видиме дека јазот во платите е повисок помеѓу работниците и работничките со високо образование. Ова имплицира дека и покрај тоа што високообразованите жени почесто добиваат можности за платено вработување од жените со пониско образование, сепак ни нивниот труд не е подеднакво вреднуван како трудот на нивните машки колеги.

Дали со текот на годините разликата расте или се зголемува?

Ана Бојчевска Митревска: Ако ги земеме предвид податоците кои моментално ни се достапни можеме да заклучиме до некаде, со претпазливост, дека со текот на годините разликата е генерално стабилна. Има некои минимални поместувања во насока на намалување на родовиот јаз во платите. Но, истите се толку мали, што е тешко да се каже дека се значајни. Како и да е, таа претпазливост што ја споменав е поради тоа што кога се толкуваат бројките мораме да имаме два многу важни фактори. Првиот фактор е дека немаме јавно достапни податоци од еден унифициран извор. Државниот завод за статистика има родово-разделени податоци за просечни нето примиња до 2018 година. Кога станува збор за понови податоци, освен тоа што Заводот досега нема објавено јавно нови родово-разделени податоци за просечни нето примања, важно е да се спомне дека постојат и неусогласености во поновите сетови на податоци кои ги добиваме од други извори. Сега, за жал, во овој момент не можеме да кажеме на што се должат тие неусогласености. Дали се резултат на информациите добиени од Пописот во 2021 година или се резултат на други социјални феномени и политики? Што не води кон вториот фактор, а тоа е последиците предизвикани од пандемијата со Ковид-19. За време на пандемијата бевме сведоци на големи поместувања на пазарот на трудот. Според проценките на Меѓународната организација на трудот, најзагрозени дејности од кризата предизвикана од Ковид-19 се токму оние сектори во кои жените се многу позастапени, и во државата и на глобално ниво. Оттука очигледно е дека жените во државата се диспропорционално економско позасегнати од мажите. Тие го носат и поголемиот финансиски товар преку губење на работата или намалување на платите, но и товарот на неплатениот труд бидејќи примарно тие се грижат за домот, за семејството. За време на пандемијата примарно жените беа тие родители кои остануваа со децата дома, кога беа затворени училиштата и градинките. Но, и жените беа главните пружатели на грижа за лицата заболени од Ковид-19.

Каква е состојбата со земјите од ЕУ? Каква е нивната регулатива?

Ана Бојчевска Митревска: Принципот на еднаква плата за еднаква работа е еден од најстарите принципи на Европската унија. Така, во 2006 Европскиот Парламент и Советот на Европската унија усвоија директива за имплементација на принципот на еднакви можности и еднаков третман на мажите и жените во областите на вработување и професиите. Оваа Директива содржи одредби за примена на принципот на еднаков третман во однос на пристапот до вработувањето, работните услови, плаќањето и професионалните шеми за социјална сигурност. Сепак, генералните проценки и заклучоци на Европската унија посочија дека правото на еднаква плата не се применува или не се спроведува правилно во пракса и дека постои огромен недостиг на транспарентност на платите во многу земји-членки. Па поради тоа во јули 2019 година Европскиот Парламент побара Комисијата да развие конкретни чекори за подобрување на транспарентноста на платите, по што беше објавена нова предлог-директива којашто се надоврзува на Директивата од 2016 година. И оваа Директива важи и во државниот и во приватниот сектор и има за цел да опфати што е можно повеќе работници и работнички, вклучувајќи ги и оние кои се на скратено работно време, со договори на определени време преку посредништво на агенции и слично. Па така, оваа предлог-директива воведува нови подетални правила за обезбедување усогласеност со принципот на еднаква плата за еднаква работа или за работа со еднаква вредност помеѓу мажите и жените и се заснова на три цели – воспоставување транспарентност на платите, олеснување на примената на клучните концепти кои се однесуваат на принципот на еднаква плата за еднаква работа и еднаква плата за работа со еднаква вредност, односно појаснување на овие концепти и зајакнување на механизмите за спроведување на Директивата.

Автори: Симона Србиноска и Даниел Василев

  • Видеото и текстот се изработени во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА