Според официјалната статистика, стапката на сиромаштија во земјава не се разликува многу низ изминатите години, но квалитетот на живот опаѓа за многу семејства, иако не сите од нив се гледаат статистички како сиромашни, вели Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа за сиромаштија. Според нејзе, Владата треба да го врати фокусот кон намалување на сиромаштијата како стратешки приоритет.
Како би ја опишала моменталната состојба со сиромаштијата во нашата земја и кои се главните фактори кои придонесуваат за неа?
– Кога би избрала една реченица тоа би било „Медиумите се полни со прикажување успеси и пофалби за развојот на државата, народот е погласен дека живее полошо од било кога.“ Гледано низ статистиките моменталната ситуација не се разликува многу од состојбата низ изминатите години, процентот на лица кои живеат под линијата на сиромаштија е сѐ уште многу висок и е близу до 22% од вкупното население (во 2020 година), според структурата најсиромашни се семејствата со повеќе издржувани деца, а според активноста најпроблематични се оние каде членовите се невработени или има ниска економска активност. Од друга страна сѐ уште сме во пост-ковид период, надополнет со економска и енергетска криза, што резултира со полош квалитет на живот во многу семејства, иако не сите од нив ги гледаме статистички како сиромашни.
Во владината програма за 2022-2024 се фокусираат на поттикнување одржлив економски раст, зајакнување на социјалната вклученост и развој на човечкиот капитал, почитување на владеењето на правото и доброто владеење, застапување за демократијата и слободата и активното тежнеење кон интеграцијата во НАТО и ЕУ. Сето наведено може да придонесе кон намалување на сиромаштијата, но исто време, земјата се соочува со некоординиран пристап и недостаток на конкретни стратешки документи кои го скицираат и го следат успехот кон нејзиното намалување.
Некаде помеѓу е одговорот кои се главните фактори за немањето успех во намалување на сиромаштијата. Системот за социјална заштита не успева доволно брзо да ги активира корисниците на социјални бенефиции и да тие се вработат, па тие долгорочно преживуваат со популарнара „социјална помош“, која е програмирана да биде ниска, а задоцнето (или воопшто) не ги следи реалните промени во трошоците за живот. Истовремено повеќе од 65% од вработените земаат плата помеѓу минималната и просечната што укажува дека дури и вработените немаат доволно финансии. Како дополнување на сѐ тоа мерките кои треба да дадат поддршка за подобар живот се краткорочни и тесно распространети, а и даночниот систем не е соодветен за да поддржи намалување на неднаковста. Државната политика инвестира во развој, но заради несоодветен фокус не може да се види вистински ефект.
Има ли податоци за влијанието на инфлацијата врз стапката на сиромаштија?
– За жал и за овој сегмент отсуствува владина анализа, но доцнат и официјалните податоци според кои може да се направи увид на состојбата (последните податоци објавени од Државен завод за статистика се за 2020 година).Граѓанските организации излегоа со свои анализи, па така според анализата „Проценка на ефектите од поскапувањата во 2022 и 2023 година врз сиромаштијата во Република Северна Македонија“ изработена од економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ „бројот на лица кои ќе западнат во екстремна сиромаштија во 2022 и 2023 година ќе изнесува помеѓу 12.000 и 28.000 лица, а бројот на оние кои ќе западнат во умерена сиромаштија за истите години ќе изнесува помеѓу 77.000 и 157.000 лица“.
Она што ние го имаме констатирано при директната комуникација со претставници на ранливи и маргинализирани групи е дека инфлацијата преку зголемените трошоци за живот, најмногу основните производи за исхрана, енергија и домување многу им влијае врз можноста да обезбедат доволно и соодветно според нивните потреби. Според нивните изјави тие се одлучуваат исклучиво за производи со ниска цена без да го гледаат квалитетот, но и често приоретизираат помеѓу основните потребите. Тоа значи дека се откажуваат од еден оброк за да може да купат облека за децата, или го намалуваат греењето на дел од просторот или одлучуваат само повремено да загреваат. Оние семејства кои имат две плати скромно повисоки од минималната целосно се имаат откажано од сѐ она што значи социјален и културен живот, за да може да го задржат квалитетот на храната и да ги подмират сите месечни трошоци за домување. Трошоците за облека, обувки, превентивно здавство, спорт и рекреација, но и трошоци за месо, сирење, кашкавал, путер им се во луксузни давачки.
Какви владини политики се потребни за да се намали сиромаштијата?
– Владата треба да го врати фокусот кон намалување на сиромаштијата како стратешки приоритет и според новата Стратегија за развој на државата да обезбеди ресурси, документи и механизми кои ќе поврзуваат, следат, евалуираат и координираат повеќе политики на меѓусекторско ниво, за да може истовремено да се отстранат аспектите кои ги водат граѓаните кон сиромаштија, но и да превенираат од нови сиромашни. Потребна е и реорганизација на одговорностите за прашања кои се важни за намалување на сиромаштијата, како што се домувањето, енергијата, просторното планирање, но и зајакнување на улогата на здравството, образованието, транспортот, итн. Конечно време е да се стават во функција социјалните услуги во поддршка на активацијата на групите кои се сега надвор од пазарот на труд, да се овозможи социјалната економија, да се инвестира во дигитализација и озеленување прилагодена за лицата со помалку можности. Секако ситемот за социјална заштита мора да се врати кон својата основа улога – директна работа со граѓаните, а тоа подразбира добро екипирани Центри за социјална работа, семејни социјални работници и тесна соработка со другите локални чинители. И граѓанските организации треба да се препознаат како дел од системот, со планирано финансирање и координација со институциите.
Како граѓаните може да се вклучат во борбата против сиромаштијата?
– Најважната алатка која ја имаат граѓаните е нивната ангажираност во процесите, искористување на сите можности кои им се нудат и меѓусебно организирање. Нивното застапување и учество во процесите на креирање на политиките е од клучно значење. Експертизата по искуство која тие ја имаат дава вистинска вредност и значајно ги фокусира решенијата да бидат соодветни на предизвиците и потребите со кои се соочуват. Важно е да не се обесхрабруваат и да молчат, туку да најдат постоечка форма или да се самоорганизираат за да може да бидат активни. Некогаш тоа ќе значи средба со советничката група во својаа општина, некогаш учество на настан организиран од граѓанска организација, некогаш зборување на медиум.
Што претставува и прави Македонската платформа за сиромаштија?
– Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) е сојуз на здруженија на граѓани формиран со цел да влијае врз намалување на сиромаштијата преку застапување, лобирање и влијание врз јавните политики и стратегии, промоција на социјална правда, партиципативна демократија, заштита на човековите права. права, еднаквост, солидарност, недискриминација и владеење на правото.
Преку вмрежување овозможуваме МППС да допре до ранливите луѓе изложени на ризик, оние кои се маргинализирани и социо-економски сегрегирани, групи на луѓе до кои е тешко достапни, особено кога станува збор за „да се слушне нивниот глас“ за општествено релевантни прашања и градиме национална мрежа која има за цел „никого да не остави зад себе“ додека општеството се развива. Постојано иницираме и организираме активности во кои овозможуваме експертизата по искуство која ја имаат лицата со искуство во сиромаштија да биде упатена кон креаторите и донесувачите на одлуки.
Авторка: Драгана Петрушевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА