Повеќе внимание на Фејсбук отколку на општинските страници на локално ниво

0
73

Се фотографираат со граѓаните и прво споделуваат информации од јавен карактер на Фејсбук профилот на градоначалникот, па на општинската страница на социјалната мрежа и дури потоа на официјалната веб страна на општината. Ваква пракса на комуникација со јавноста се забележува кај дел од општините во државата. Во објавите понекогаш доминираат десеттици фотографии, ги има и од дронови, со цел да ги прикажат поправките на или новите асфалтирани улици, поставени водоводни линии, исчистен смет, собран отпад или организирани настани. Додадена вредност се рекламните пораки напишани најверојатно од ПЈ лице или службеници.   

И не сите споделени општински постови на Фејсбук можат да се прочитаат на официјалните општински веб страници. 

Во текот на ланските месеци од летниот период пребарувавме на веб страниците на општина Велес, Куманово, Тетово и Струмица. Ги броевме и ги споредувавме дел од објавените информации од јавен карактер со фан пејџовите и страниците на градоначалниците на Фејсбук. Разликите во објавите се големи. Фејсбук објавите на градоначалниците и на отворените општински страници се во предност, во некои општини, и до двојно повеќе од објавите на официјалните веб страници на општините. Тие не се споредливи  ниту со бројот на одржани прес конференции. Ваквиот начин на комуникација со граѓаните претставува проблем и за медиумите. 

-Новиот начин на комуникација на општините со граѓаните за мене е чуден. Наместо информации од прес конференции преку новинарски текстови, објавени на локални медиуми, да се пренесат до граѓаните избран е некој модел на сервирање преку социјални мрежи. Јас во него препознавам дисквалификација на професионално пренесена вест и страв од објективно, точно и навремено пренесена информација. Поточно општините го копираа моделот на комуникација на владата и на министерствата, чии фотографи снимаат и фотографираат додека ПЈ службите пишуваат текстови. Вториве барем ги испраќаат на мејл до медиумите. Суштината на ваквиот начин на комуникација сметам дека произлегува од цел до граѓаните не да стигне тоа што тие имаат потреба да знаат туку тоа што локалните и национални власти сакаат да го соопштат, рече новинарката Убавка Јаневска.  

Таа додаде дека прекинатата или половичната комуникација на новинарите со општините претставува сериозен проблем особено кога граѓаните во директни средби од новинарите бараат или им пишуваат на мејл дека останале без улично осветлување, не дознале дека ќе се поправа нивната улица, имаат проблем со вода, сардисани се од многу бездоми кучиња или имаат десеттици други урбано комунални проблеми. 

Општините треба да имаат капацитет за професионална комуникација во институцијата и за граѓаните

За потребите на истражувањето ги прашавме општина Велес, Куманово, Тетово и Струмица, кои се комуникациски канали ги користат за информирање на граѓаните и каде прво споделуваат информации од јавен карактер. „Прво на фејсбук профилите на градоначалниците а потоа на веб страните на општините“, одговорија од општина Велес и од општина Струмица. Општина Тетово околу споделувањето одговори „во зависност од карактерот на веста и немаме определен редослед“  додека праксата на општина Куманово била „објави истовремено без утврден редослед“.  Комуникологот Бојан Кордалов не ја одобрува вака воведена практика на  општините. Кордалов аргументира со факти за градење на професионална комуникација и односи со јавност како внатре во институциите така и надвор од нив, со граѓаните. 

– Фер е да се каже дека тоа не е одлика само на општините туку и на сите јавни институции, на локално и на централно ниво, не зависно од која политичка партија се или која личност како е определена. Едноставно праксата вели дека јавните функционери и нивните ПР тимови прво се грижат за „имиџот“ на политичарот или на политичарката пред јавното мислење на институцијата која што ја претставуваат. Тоа е стандард. Од аспект дали јас мислам дека тоа е добро, апсолутно не е добро. Во најмала рака треба паралелна грижа  и за двата дела на комуникација притоа не заборавајќи дека всушност на крајот, по истекот на  мандатот, затоашто ниту една функцијата не е вечна,  институцијата продолжува да функционира. Токму затоа важно е да се градат професионална комуникација, професионални односи со јавноста во рамки на институциите со цел тие да продолжат и понатаму да работат, додаде Кордалов. 

Тој додаде дека од суштествено значење за политичарите и за институциите е да разберат дека освен што се платени од граѓаните и од компаниите, чии пари ги менаџираат по основ на давачки, потребно е да ги опслужуваат со информации за трошењето и да им дадат заслужено место на контролори на работата.

Колку се битни медиумите докажуваат и одговорите на повозрасните Велешани

Повозрасните Велешани сакаат да бидат информирани за работата на општината. Во анкетата снимена на градските улици дел од нив потврдија дека слушаат радио и гледаат телевизија. Најчесто од локалните медиуми се информираат за случувањата во градот бидејќи на националните за Велес, за проблемите и за решенијата на Велешани секојдневно нема информации. Нивните одговори потврдија дека им недостасува медиумско информирање.  За споредба, помладите граѓани на Велес помалку се заинтересирани за традиционалните медиуми затоашто информации ги добиваат преку Фејсбук. Така тие се информираат од страните на градоначалниците и на општините но и преку информациите на веб порталите.

За потребите на истражувањето, четирите македонски општини, ги прашавме колку често ги ажурираат објавите на веб страниците, на дневно, на неделно и на месечно ниво како и колкава е посетеноста. Сите одговорија дека прават редовни промени на своите податоци. Општина Велес одговори дека дневно објавува од 2 до 3 објави , неделно од 10 до 12 и месечно од 25 до 30 објавувања како и дека месечната посетеност на веб страницата брои околу 15.000 прегледи. Општина Струмица просечно месечно објавува до 17 објави кои имаат од 300 до 1000 посети. Општина Тетово објавува променлив број на информации и тежнее да ги направи достапни за јавност сите објави додека Општина Куманово одговори дека постира а „согласно динамиката на промена на самите информации“  со што постигнува посетеност  од 80.000 до 100.000 прегледи на месечно ниво. 

Дали транспаренстноста на општините е намалена или пак зголемена?

Според едно истражување за „Активна транспарентност на општините“ направено од Центарот за граѓански комуникации постои извесна стагнација во проактивното, самоиницијативно или доброволно објавување на информации од страна на општините што се од важност за граѓаните.

– Нивото на активна транспарентност кај општините годинава изнесува 74 % и во однос на лани кога изнесуваше 70 % е подобрена само за 4 процентни поени. Ова значи дека општините, просечно, објавуваат 74 % од минималниот список на информации што треба да ги објават. Во оваа смисла, општините објавуваат најмалку информации за буџетите и финансиите, како и за прашањата од својата надлежност и  услугите што им ги пружаат на граѓаните.  Анализата од истражувањето е објавена и таа содржи многу повеќе детали за транспарентноста на сите 81 единици на локална самоуправа во земјава, вели претседателот на организацијата, Герман Филков.

Наспроти граѓаните и нивните перцепции, оваа анализа покажува дека две општини, Велес и Гевгелија, се наоѓаат на третата позиција, со високи 99 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност. Додека меѓу регионите, на првото место е Источниот Регион (со 83 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 66 % активна транспарентност).

Кој ги пишува информациите од јавен карактер во општините?

Пишувањето на јавните информации е подеднакво битно како и нивното пласирање. При истражувањето до општините беше поставено и прашањето кој е задолжен за пишување на информациите. Во Општина Велес овие информации ги пишуваат вработените во одделението за поддршка на градоначалникот, во Куманово задолжени се вработените лица од одделението за информирање и односи со јавност како и вработени од одделение за информатичка технологија. Во Општина Тетово и во Општина Струмица задолжени се вработените во ПР сектор. Според комуникологот Кардалов голема е важноста секоја општина да има свој ПР тим како и лице препознатливо за медиумите и за граѓаните. 

– Многу е значајно општините да имаат професионален тим за односи со јавност којшто може и треба да вклучува лице коешто ќе биде препознатливо и за медиумите и за граѓаните. Меѓутоа многу често имаме лица коишто не ги имаат потребните компетенции, знаења и пракса како и вештини кои ќе одговорат не само на сегашните туку и на идните потреби на работата во делот на односи со јавност. Да се биде ПР лице, портпарол на институција, во денешно време се што треба да знае е да напише говор или да организира настан, да напише соопштение. Сепак многу повеќе значи ако комуницирате и дали знаете да ги вклучите граѓаните во процесот. Тоа е она што  генерално недостасува и на што треба многу да се работи, рече Кордалов. 

Дозволено е објавување и користење на социјалните мрежи како канали за пренесување на јавните информации но врз основа и во рамки на соодветна комуникациска стратегија за сеопфатен пристап и опфат на публиката и целните групи, смета поранешниот истражувачки новинар и сегашен економски аналитичар Герман Филков од Центар за граѓански комуникации. Тој препорачува инфорирањето на граѓаните да биде наменско. 

– Информирањето треба да биде наменско и преку официјални профили на институциите, за точно определени видови информации, во конкретни ситуации и за конкретна публика. Комуницирање само преку профилите на социјалните мрежи не може да се смета за целосно, сеопфатно и стратешко комуницирање, додаде Филков. 

Тој аргументира  дека општините и другите јавни инстутиции во земјава имаат законска обврска информациите коишто се од значење за граѓаните да ги објавуваат пред се на своите официјални веб страници а потоа да се споделуваат и на социјалните мрежи, поради поголема читаност. 

Авторка: Стефани Манева 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА