Учениците и нивните родители се повеќе ја согледуваат можноста, преку стручното образование учениците да стигнат до вработување, за разлика од претходно, кога средното образование служеше само како пат до високото образование.
Во прилог на ова се и бројките од уписите во учебната 2024-2025 година, имено од вкупно запишани 17 илјади ученици во средно образование, 12 илјади се запишани во средно стручно образование. Од 62 училишта со дуално образование во земјава во учебната 2024/25 во прва година се запишани четири илјади ученици. Околку 500 компании се влучени во процесот на дуално образование. Нивниот број секоја година се зголемува, бидејќи и тие имаат придобивки на долг рок. Создаваат потенцијален кадар, кој им е потребен за работа. Ова е повеќе од значајно, имајќи ја предвид дефицитарноста на стручни кадри. Преку дуалното образование, всушност се намалува јазот кој што постои помеѓу она што излегува од училишните клупи и реалната потреба од пазарот на труд.
Повеќе од седум години, во познатата македонска компанија за заварување „Завар дизајн“ се организираат учества на практиканти во производствениот процес со соработка на средните стручни училишта. Низ годините досега се поминати четириесетина ученици на практична настава во оваа компанија.
Менторка, сопственик и менаџер на компанијата „Завар дизајн“, Марта Наумовска Грнарова вели дека средношколците на овој начин добиваат практична работа која е во согласност со актуелните технологии и потреби на индустријата, сакајќи да се добие обучен и вработлив кадар веднаш по завршувањето образованието.
Овој семестар ученици од Средното училиште на Град Скопје „8-ми Септември“ се дел од практичната настава во компанијата „Завар дизајн“. Дел од нив се Ахмедин Авдулов, Нино Грнчаревски и Алесио Назиров кои се ученици во втора година и се дел од дуалното образование. Ова им овозможува систем во кој праксата во оваа компанија, се комбинира со училишни часови во нивното училиште. Учениците се едногласни дека е доста значајно тоа што имаат можност, она што го учат теоретски да го применат во пракса и ќе им биде од голема корист по завршување на нивното образование.
Ученикот Нино Грнчаревски вели дека она што практично го учат во компанијата е изработката на одредени машински производи и нивно одржување. Алесио Назиров дополнува дека праксата им овозможила многу повеќе да го унапредат своето теоретско знаење.
„Практикантите се воведуваат според мотодологијата која што ја обработуваат во училиштето и се обработуваат теми кој што веќе се поминати во теоретскиот дел. Секако со практична апликација и дообјаснување на методите во тек на работниот процес се продлабочуваат научените содржини и се согледува нивната практична примена“ објаснува Наумовска Грнарова.
Таа дополнува дека бројот на децата кои се запишуваат на овие насоки не е доволен и за таа цел, во соработка со МАМЕИ – Македонската асоцијација за метална и електро индустрија и Стопанската Комора на Македонија минатата година започнале иницијатива на приближување на овие струки во основните училишта преку предавања и презентации.
Според професорот Ѓорѓи Митрев од Средното училиште на Град Скопје „8-ми Септември“, преку овие програми им се олеснува работата на професорите во училиштата, во однос на тоа како да го доближат теоретскиот кон практичниот дел од наставата. Тој дополнува и дека ваквите програми се од значително значење за учениците во однос на нивната кариера и надоградување и ги прават стручните училишта поатрактивни за запишување на ученици.
„Комбинираниот начин на теоретско и стручно директно усовршување и учење е секако најдобриот метод веке аплициран насекаде во светот,“ вели Митрев.
За да се создаваат кадри кои одговараат на потребите на пазарот на труд, Наумовска Грнарова смета дека треба да се комбинираат повеќе извори на работна сила како на пример сопствени едукативни центри на компаниите и институциите за доедукација и преквалификација на возрасни. Но гледано на долг рок ова е секако добар начин да се креираат идни вработени кои би имале веке одредени вештини и основна практична едукација за струките.
Компанијата Завар дизајн веќе има искуство со млади работници и енергијата со која тие придонесуваат на работно место. Од таму се надеваат за приклучок на сите ученици кон компанијата или барем повеќето кои што посетуваат пракса.
„Резултатите и искуствата од странските земји се дека 30% од учениците остануваат во компаниите во кои го извршуваат дуалното образование или пракса а останатите се приклучуваат во други сродни компании,“ објаснува Наумовска Грнарова.
И професорот Митрев со оптимизам вели дека во следниот процес очекува да има голема заинтересираност од страна на учениците.
За тоа дали ќе се реши проблемот со недостаток на квалификувани работници, Наумовска Грнарова смета дека е неблагодарно да се каже, бидејќи тука влијаат повеќе фактори, како на пример иселувањето кое станува се помасовно и не може јасно да се предвиди.
„Секако дека ќе се олесни процесот на формирање и на едуцирање на работна сила преку практична работа, но атрактивноста е поголема бидејки се достапни и стипендии од страна на голем број на компании.Кандидатите спремни и воведени ке се вклучат во реалниот работен одност после завршување на средното училиште“, дополнува Наумовска Грнарова.
Проектот Е4Е е предводник во реформите со кои се воведе дуално образование. Овој проект се спроведува од страна на Хелветас, невладина организација од Швајцарија која уште од 2018 година логистички и финансиски го поддржува овој проект. Реформите преку кои се воведе дуалното образование ги спроведува Министерството за образование и наука, чија што долгорочна стратегија е унапредување на квалитетот и промоцијата на средното стручно образование.
Центарот за стручно образование и обука обезбедува поддршка и развој на стручното образование на сите субјекти заинтересирани за стручното образование. Во реформите е вклучена и Стопанска Комора на Македонија, која што ги застапува интересите на приватниот сектор и влијае врз приспособувањето на образовните институции кон потребите на пазарот на труд.
Владата на Швајцарија од 2018 ги поддржува реформите во нашето дуално образование преку проектот „Образование за вработување“ и тоа преку размена на искуства, знаења и најдобри пракси.
Авторка: Ивана Крстеска Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на соработката која ПИНА ја има со организацијата Хелветас