[Инфографик] Над 3.200 млади останале без работа за време на кризата со Ковид-19 

0
124

Пандемијата со коронавирусот ја извади на површина бројката од повеќе од 16.700 лица кои останале без работа, односно лица кои се одјавиле од задолжителното социјално осигурување од март минатата година па се до 31 март годинава, со најголем скок на бројот во април и септември минатата година.

Ова го покажуваат податоците на Агенцијата за вработување (АВРСМ), според кои најзастапени во овие бројки се лицата на возраст од 30 до 49 години, 44.8% или 7.497 луѓе, 5.985 луѓе или 35.8% се на возраст од 50 години и повеќе.

Во овие официјални податоци на АВРСМ не се вброени лицата кои се неформално вработени, па така, бројките на младите и генерално лицата кои останале без работа за време на пандемијата веројатно се и поголеми.

Причините зошто лицата кои се одјавиле од задолжителното социјално осигурување, според АВРСМ се бројни. Па така, меѓудругото, 6.274 лица останале невработени поради истек на определеното време, 3.991 лице поради спогодбен престанок на работен однос. Потоа, 2.437 лица останале без работа поради тоа што дале отказ, 1.487 поради отказ од деловни причини, а 1.148 лица добиле отказ од работодавачот.

Тука се вбројуваат и младите лица до 29 години, кои зафаќаат 19.4% или пак, 3.234 лица кои останале без работа за време на овој период.

Во овој број влегуваат и голем број млади лица од Охрид и Струга, според проценката на граѓанската организација „Инклузија“, кои за време на кризата со пандемијата на коронавирусот останаа без работа, или нивното работно време е скратено на половина, поради тоа што овој регион е туристички, а најмногу погоден сектор од пандемијата е токму туризмот.

Оттука, од „Инклузија“ која работи на младински политики, велат дека младите кои директно работат на ова поле останаа најранливи и многу од нив надвор од пазарот на трудот.

Претседателот на организацијата Вахид Мемед, објаснува дека проблем се и несигурните работни места, но и зголемувањето на младинската невработеност, со што, како што објаснува, моментално „се соочуваме со затишје пред бура“, а потоа и зголемена иселеност на младите.

„Оваа категорија, односно младите кои останаа надвор од пазарот на труд заради пандемијата континуирано комуницира со агенции за посредување во странство, интензивно учат германски јазик и го чекаат погодниот момент да заминат со отворање на границите, односно со стишување на пандемијата. Како младински работници загрижени сме од оваа состојба и мислам дека веднаш треба стратешки Владата, општините и Агенцијата за вработување да пристапат на проблемот“, вели тој.

Активистот Мемед вели дека со економските пакети на Владата се опфатиле еден дел од младите, но смета дека тоа не е доволно.

„Треба да постои соодветна стратегија како младите кои се соочија со губење на работните места, а со тоа и влошена социјална сигурност да се создадат посебни мерки, стимули односно Владата заедно со младинските организации и засегнати страни да создадат амбиент на социјална сигурност на младите. Особено во овој регион каде процентите на младинска иселеност се високи и каде треба да се пристапи кон стратешко планирање и одговор на невработеноста кај младите, враќање на довербата на младите кон она што значи унапредување по кариера, но и почитување на работничките права кои се прекршени кај многу млади луѓе баш заради таа несигурност и безизлез младите да можат да најдат друга работа согласно нивното образование и мотивација тие да унапредуваат“, објаснува Мемед.

Според него, државата треба да создаде можности за еднакви права на младите на пазарот на труд, но и, како што вели, зголемена мотивација на младите да влезат во претприемништвото, субвенции, но и намалени даноци за млади кои ќе основаат фирми или ќе бидат вработени во фирми.

Од Секцијата на млади при Сојузот на синдикати на Македонија (СМССМ) велат дека пандемијата има сериозни импликации на глобално и национално ниво, потенцирајќи дека дел од импликациите допрва ќе стануваат видливи.

Оваа криза според нив, не само што не ги одбегна младите лица, туку, како што посочуваат, исто како и здружението „Инклузија“, силно ги погоди, со што ги довела на врвот на категории на ранливи групи на лица.

„Како кризата влијаеше врз младите луѓе во нашата земја покажува и стапката на младинската невработеност во државата која според последните податоци за четвртиот квартал за 2020 година изнесува 39.2% , што е меѓу највисоките во Европа и истата постепено се зголемува споредбено со претходниот, трет квартал за 2020 година, која изнесува 35%“, велат од СМССМ.

Во однос на државната помош во овој период, од секцијата посочуваат на финансиската помош на владата за лицата од 16 до 29 години, од 12 милиони евра со што се помагаат младите и нивната куповна моќ преку три мерки.

„Предвидено беше паричната помош да ја искористат околу 100 илјади лица, преку користење на разни ваучери во различен износ. Дали и колку се искористени и корисни овие предвидени мерки, треба дополнително да видиме, со оглед на тоа што немаме конкретни информации за нивната искористеност“, велат тие.

Младинскиот огранок на синдикатот во програмските активности спроведува и обуки наменети за младите, за нивно целосно оспособување и информирање за состојбата и инклузивноста на пазарот на трудот.

„Наша цел е младите при вклучување на пазарот на труд да аплицираат и прифаќаат одржливи и реални работни места, кои ги имаат сите елементи на пристојна работа за која се залага Меѓународната организација на трудот (МОТ)“, велат тие.

Концептот кој го промовира МОТ, од СМССМ велат дека упатува на тоа дека работните места треба да се адекватни на образовното ниво на младите работници и нивните вештини, истите да бидат извор на пристојна егзистенција, во компанијата да им бидат овозможени здрави и безбедни услови за работа, како и целосно остварувања на утврдените права.

Во однос пак на инклузијата на младите на пазарот на трудот, многу често, како што објаснуваат од СМССМ, она што работодавачите најмногу го потенцираат е дека младите лица немаат доволно искуство за одредени работни места.

„Тука се појавува проблемот со стекнувањето искуство и практиканството кое треба да биде една почетна основа за понатамошен развој и напредок во кариерата на секој млад човек. Исто така, многу често сме сведоци дека работодавачите при вработување, на младите лица им даваат плати пониски од платите на повозрасните лица, кои работат на исти позиции. Како што не може да има дискриминација помеѓу мажи и жени на работното место, исто така не може да има дискриминација помеѓу млади и повозрасни работници“, децидни се од СМССМ.

Истовремено, тие потенцираат и дека напредокот во кариерата и професионалното доусовршување не е секогаш приоритет на работодавачите или пак дека тие честопати сметаат дека младите лица треба сами да се надоградуваат и усовршуваат.

„Исто така, договорите на вработување на младите лица, најчесто се на определено време, од 1, 3 или 6 месеци, продолжувајќи го ваквиот тип на договори до максималниот период од таквото дозволено времетраење од 5 години. Затоа ние како СМССМ, бараме од социјалните партнери, односно се залагаме преку ССМ кој е еден од нив, во новиот Закон за работни односи, ваквото ограничување од 5 години да се намали на 1 година, по што би следела трансформација на работниот однос од определено на неопределено време и на таков начин младите лица ќе добијат една сигурност во креирање на нивните идни планови за независност, осамостојување, планирање на семејство, решавање на станбено прашање и слично“, додаваат тие.

Автори: Мартин Колоски, Илмие Жаку

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.