[Инфографик] Во Скопје изречени најмногу казни за неносење маски

0
40

Во Скопје изречени се најмногу казни за неносење заштитни маски од почетокот на пандемијата па се до крајот на март годинава. Полициските службеници санкционирале вкупно 39.203 граѓани по овој основ на територијата на Скопје, се вели во податоците кои ги добивме од Министерството за внатрешни работи.

Вкупниот број на санкции за овој прекршок од почетокот на пандемијата до 21 април е 176.636. По Скопје, најмногу казнувала полицијата во Тетово, 27.438. На подрачјето на СВР Куманово регистрирани се 21.089 санкции, во Охрид 15.1678, Битола 15.292, Велес 15.292, Струмица 15.181, а најголем број на прекршеци евидентирани се на подрачјето на Штип, вкупно 13.246.

По основ на оваа казна во државниот буџет се слеале помеѓу 1.766.360 и 3.532.720 евра. Казната за неносење заштитна маска е 20 евра, но доколку се плати во рок од седум дена се намалува на 10 евра.

За прекршување на полицискиот час, пак, поднесени се вкупно 3.897 кривични пријави против 5.282 лица. Само во последните забрани за движење казнети се речиси 1.000 лица.

Според податоците од МВР, од 10 март до 21 април казнети се вкупно 967 лица кои за време на полицискиот час биле „фатени“ надвор без дозвола за движење. И тука, како и за неносење на заштитни маски, најнедисциплинирани биле скопјани. Во главниот град за еден месец 373 граѓани биле фатени како ја прекршуваат забраната за движење. Потоа следува Тетово со 107, Битола со 99, Штип со 93, Охрид 88, Куманово 81, Велес со 71, а најмалку се регистирани во Струмица, 55 прекршоци.

По однос на непочитување на забраната за движење речиси е невозможно да се пресмета колку државата „заработила“. Според членот 206 од Кривичниот законик, по овој основ предвидена е казна затвор од една година или парична казна. Висината на паричната казна ја утврдува судија на претходна постапка и може да се движи помеѓу 20 и 50 евра. Според неофицијални информации, прекршителите најчесто добиваат казна помеѓу 1.500 и 3.000 евра, но секој судија ги утврдува олеснителните околности различно.

Автори: Бесмира Ибраими, Даниел Василев

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.