Амнестирани прекршителите на ковид протоколите кои не ги платиле казните

0
75

Оние кои немале пари да ја платат казната за прекршување на полицискиот час за време на пандемијата со Ковид-19, нема да одат во затвор. Пратениците го изгласаа Законот за амнестија на прекршителите на Ковид протоколите со 76 гласа ,,за“ и еден ,,против“.

За оваа кривично дело паричните казни беа во износ помеѓу 1.000 и 2.000 евра. Согласно законските прописи, доколку во рок од две години паричните казни не се платат, судијата за извршување на санкции ги заменува со казна затвор и лицата кои немаат можност да ги платат требаше да одат во затвор.

Според официјалните податоци на Основниот кривичен суд, според кои од почетокот на вонредната состојба, која беше прогласена на 18 март 2020 година до октомври 2022 година, во Судот имало 280 неплатени парични казни, кои биле заменети со казна затвор, а 205 осудени лица добиле упатни акти да издржуваат казна затвор.

Овие податоци се однесуваат само за регионот на Скопје, а бројот на лица на територијата на целата земја е многу поголем.

Илјадници казни за непочитување на полицискиот час и мерките за заштита од Ковид-19

Податоците кои ПИНА ги доби од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека имало илјадници казни за непочитување на полицискиот час и другите мерки за заштита од Ковид-19, за сторените кривични дела „пренесување на заразна болест“ и „непостапување според здравствените прописи за време на пандемијата“ (чл.205 и чл.206 од Кривичниот законик) за периодот од 2020 до 2022 година.

Тие покажуваат дека само во 2020 година има казни за 5.406 лица за непочитување на полицискиот час (вториот дел од табелата, првиот се однесува на казни за непочитување на изолација/самоизолација).

За време на пандемијата санкционирани се 204.966 прекршоци, од кои 204.632 за физички лица, 329 за правни лица, 5 за одговорно лице, за неносење маски и недржењето растојание, а казнетите се гонат прекршочно.

Законот за амнестија кој се усвои по скратена постапка е посебно значаен за лицата од ранливите категории, а кои се осудени за овие кривични дела.

Предлог законот предвидува преиначување на парична казна во алтернативна т.е. условна казна, со тоа што за тие што се казнети со над илјада евра во денарска противвредност преиначувањето да биде условна казна од три години кога не смеат да сторат исто или слично дело, а оние казнети до илјада евра – условна казна од две години.

Тие, пак, што отпочнале со исплата на парична казна, зависно од тоа колкав е износот на казната што ја добиле, над или под илјада евра, да им се одреди условна казна.

Здруженијата на граѓани кои обезбедуваат бесплатна правна помош во текот на својата работа нотираа голем број на случаи на граѓани особено лица во социјален ризик, самохрани мајки, лица со попреченост, бездомници кои се соочуваат со затворски казни поради немање на средства да ги платат паричните казни. Голем дел од осудените лица според нив, не ги обжалиле пресудите од причина што не ги примиле или пак биле неуки во однос на нивното право да вложат приговор до надлежниот суд.

Фото: Влада/Автор: Петре Димитров