Корупцијата и нападите врз новинарите се најдоа во извештајот на Стејт департментот за земјава

0
57

Веродостојни извештаи за нечовечко постапување и пренатрупаност во затворите, напади и закани за новинарите, владина корупција, закани кон ЛГБТИ популацијата, како и недоволно одговорност за родово и семејно насилство, се само дел од забелешките наведени во извештајот на американскиот Стејт департмент  за состојбата со човековите права за 2022 година.

Во извештајот се цитира и истражувањето на ПИНА за онлајн вознемирувањето и онлајн насилството врз новинарките во земјата кое покажа дека над 81% од 103 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување поради нивната работа.

,,Според септемвриската анкета на Платформата за истражувачко новинарство и анализи, 80 проценти од анкетираните жени новинарки често биле таргет на онлајн вознемирување, вклучувајќи и закани и онлајн булинг. Во повеќето од случаите, вознемирувањето било поврзано со стории објавени од овие новинари“, се вели во извештајот на Стејт департментот во делот за слободата на изразувањето.

Во извештајот се потенцира дека во земјата постои сериозна владина корупција.

,,Владата останува најголем работодавач во земјата, а невладините организации велат дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција”, стои во извештајот.

,,Судовите работеа со значително доцнење, особено во случаите на корупција од висок профил и случаи на повеќе обвинети“, се наведува во извештајот кој може да се погледне на следниот линк.