Потребно подобрување на медиумските капацитети за известувањето за фемицид

0
189

Дел од медиумите не ја земаат предвид улогата на институциите во превенирање и заштита од родово-базирано насилство, имаат релативно низок капацитет да го препознаат фемицидот, не употребуваат родово сензитивен јазик и го перпетуираат родовиот стереотип за инфериорноста на жената во општеството. Ова се дел од заклучоците на анализата ,,Фемицидот во македонските медиуми“. Анализата е изработена од Институтот за комуникациски студии и во неа се анализирани родово базирани медиумски содржини на три посебни случаи за фемицид во Македонија и фемицидот на Махса Амини во Иран од страна на полицијата. 

Според главните наоди во анализата, во домашните медиуми постои значаен недостиг од вклучување на анализа на општествено-политичкиот контекст и дел од медиумите употребуваат сензационалистички јазик кога се известува за ова прашање, што е посебно застапено во насловите на новинарските извештаи. Неретко е забележана и употреба на несоодветни визуелни материјали во во медиумските производи, како и прекршување на неколку принципи од Кодексот на новинарите на Македонија.

Јована Јовановска, една од авторките на анализата, за ПИНА вели дека она што го увиделе при анализата на новинарските извештаи за анализираните случаи, е дека значаен дел од македонските медиуми не ја препознаваат моќта која ја имаат во креирањето на општествени ставови за родово-базираното насилство и воопшто во создавањето, обликувањето и промената на општествените ставови, ниту пак ја препознаваат и вреднуваат својата улога во борбата против овој феномен. 

„Медиумите преку своето известување за најтешката форма на родово-базирано насилство, односно фемицидот, најпрво не користат родово сензитивен јазик и терминологија која е соодветна согласно прифатените стандарди за известување на оваа тема и со која се намалува тежината на насилството. За фемицидот се известува преку употреба на сензационалистички јазик, без давање на поширок контекст на случувањата, со користење на несоодветни слики од оружја, жртви во бесознание или простории облеани со крв. 

Сликата која медиумите ја креираат за фемицидот преку ваквиот начин на известување резултира со намалување на неговата тежина и културолошко јакнење на родовите стереотипи и предрасуди. 

Според мене медиумите имаат една од најважните улоги во превенцијата на родово-базираното насилство, каде преку правилно информирање, промоција и едукација за родовата еднаквост, рушење на родовите стереотипи, подигање на јавната свест за формите на родово-базирано насилство и сериозните последици што родово-базираното насилство ги има врз жените и општеството, можат да придонесат кон намалување на појавата на овој феномен“, вели Јовановска.

Според неа, за да се смени ситуацијата во медиумите за известувањето за фемицидот, потребна е дополнителна едукација за медиумскиот кадар со цел да се променат застарените начини на известување.

„Обуки, обуки, обуки и веќе сме здодевни со ова, но верувајте само така се менуваат длабоко вкоренети ставови, родова несензитивност и застарени начини на известување. Новинарите мора да се навратат на етичките начела на известување и сите стандарди кои постојат за известување посебно за случаи на родово-базирано насилство, а кои детално се наведени и во самата анализа. 

Понатаму би рекла потсетување за тоа што е истражувачко новинарство, што е добар и сеопфатен новинарски извештај и давање примат на квалитетното и сеопфатно известување пред брзото, сувопарно и генеричко објавување на несензитивни и сензационалистички наслови кои носат огромна штета на жените и целото општество“, додава Јовановска.

На слична линија е и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, која вели дека најитно е потребно зголемување на знаењето на медиумите на тема – што е фемицидот и зошто е потребно да се третира со сериозност и должно внимание. 

„Медиумските објави за фемициди, и генерално за случаи на родово базирано насилство не треба да се само copy paste пренесување на дневни настани од билтените на МВР, или пак да бидат објави со сензационалистички наслови кои ќе приберат повеќе допаѓања,  туку треба се објави во кои ќе се обрне внимание на историјата на насилството кое постоело во семејството,  барање за соодветно казнување на сторителот и секако информација каде може да се пријави насилство, и каква помош и поддршка може да добијат жртвите.  Медиумите мора да бидат блиски соработници и сојузници на граѓанските организации, со цел да ја постигнеме заедничката цел, а тоа е нулта толеранција за насилство врз жени во неговата вистинска смисла“, вели Димушевска за ПИНА.

Потребна е заедничка акција на сите чинители

Комуникологот Бојан Кордалов смета дека еден од главните проблеми во македонското општество е комуникацијата базирана на дискриминација, оттука и третирањето на фемицидот во медиумите.

„Но, кога говориме за медиумите, како и за се останато, не сметам дека треба да се генерализира. Би апострофирал дека наместо вперување со прст, потребно е да се даде поддршка за дополнително и правилно препознавање на фемицидот и родовото базирано насилство. И тоа првенствено преку директна поддршка и менторирање за јавните институции кои известуваат и пласираат информации на оваа тема, односно тие што се најчесто примарниот извор за информации на медиумите. Секако дополнително и на сите заинтересирани медиумски работнички и работници.

Понатаму, потребно е да се обезбеди информација и едукација и за сите политички или медиумски експонирани лица, експерти, аналитичари итн. во насока на тоа што е родово сензитивно изразување и говор, како практично да го применат, но и кои се личните и бенефитите за општеството од користењето на инклузивен јазик и комуникација во јавниот дискурс.

Бидејќи, само започнувајќи со основното, тоа е користење на инклузивен говор и комуникација од страна на партиите, како и од сите останати во медиумите, може да се создадат предуслови за посакуваната промена. Поинаку, постојано ќе се доведуваме во ситуација да ја лечиме последицата, а не причината, како што впрочем тоа го правиме често и во многу други случаи и за други важни општествени теми,“ вели Кордалов.

Главната и одговорна уредничка на телевизија Телма, Снежана Лупевска Созен пак смета дека фемицидот како тема, во последните години повеќе се третира во медиумите и благодарение на нив, постапуваат МВР и Јавно обвинителство.

Во медиумот во кој што работи, вели дека фемицидот е третиран и дека посебно внимание му се посветува во вестите и во останатите утрински, вечерни и истражувачки емисии.

„Генерално мислам дека во последните години оваа тема повеќе се третира и благодарение на медиумите постапува и МВР и Јавното Обвинителство. Сметам дека медиумите многу често предупредуваат на условите во кои живеела жртвата, за бекраундот на насилникот, потсетуваме на инцидентите кои се случиле во домот. Особено ги критикуваме службите за социјална заштита“, вели Лупевска Созен за ПИНА.

Таа додава дека не можат да се обвинат медиумите доколку тие не можат да допрат до жртвата, а таму можат многу повеќе да бидат присутни невладините организации, да направат увид, анализа, теренски да обработат и да излезат во јавноста и медиумите со конкретни податоци. Смета дека многу е важен политичко-општествениот контекст за подигање на свесноста за фемицидот и негово третирање. 

„Сведоци сме и на бавни судски процеси, но и непостапување на време од страна на МВР. За жал постојат повеќе причини зошто не е превениран фемицидот на време, а кога ќе се открие тогаш се вклучува алармот, но за жал за жртвите често пати е доцна,“ вели Лупевска-Созен.

Соговорниците се согласни дека суштинска промена на темата може да се постигне доколку се обединат напорите и се направат заеднички чекори на сите чинители кои можат да дадат придонес за менување на состојбата.

„ Главната улога токму тука ја играат политичките партии и институциите кои не се занимаваат со ваквите проблеми освен на ранг на експертизи, стратегии без директна примена и проектно управување без долгорочни и одржливи ефекти. 

Дополнително ако на ова го додадеме и вокабуларот и стравот кој политичките партии повеќе од 30 години го демонстрираат во насока на прифаќање, наместо менување, на стереотипите кои се втемелени во општеството, станува јасно зошто ситуацијата дополнително се влошува,“ вели Кордалов за ПИНА.

Кристина Озимец / Силвана Жежова