Училиштата се празнат, над 600 испишани ученици во период од шест месеци

0
107
Фото: ПИНА.мк

Бројките од последниот попис во земјава ги покажаа првите „црвени знаменца“ за состојбата во Македонија на демографски план. Податоците од 2021 г. покажаа дека – Македонија старее, бидејќи младите се почесто се одлучуваат да мигрираат во странство – претежно од економски и социјален аспект. Тоа значи дека, помеѓу двата пописа во период од 20 години, од Македонија се иселиле околу 77 илјади млади луѓе. Дополнително, во последно време трендот покажува и дека голем дел од македонските средношколци сакаат својот образовен пат да го продолжат во поразвиениот свет.

Еден од главните индикатори за ова тврдење се бројките до кои дојде ПИНА.мк во однос на тоа колку ученици биле испишани од основните и средните училишта во земјава во период од шест месеци, односно од почетокот на учебната година во септември 2023 година, до март 2024 година.

На оваа тема поставивме прашања во шест општини во земјава. Одговорите кои ги добивме се во најмала рака загрижувачки, а она што дополнително се нотира како проблематична појава е што и самите општини индицираат дека бројот на млади лица кои заминуваат, само ќе оди во нагорна линија. Дополнителен поразителен факт е тврдењето на општинските власти дека голем дел од исписите се должат на заминување на семејствата во некоја од странските држави.

Најмногу испишани во Општина Тетово

Според податоците, апсолутен рекордер во овој негативен тренд на отпишани ученици е Општината Тетово. Таму, само во првото полугодие се отпишале 160 ученици, а оваа тенденција според општинската администрација ќе се зголеми и во втората половина на учебната година.

„Од почетокот на второто полугодие, досега, има околу 30-на барања за отпис на ученици. До крајот на учебната година се очекува бројот на испишани ученици да се искачи на околу 250, а како главна причина за намалувањето на учениците се нотира иселувањето“, велат од Општина Тетово за ПИНА.мк

Втора општина со најголем број на отпишани ученици е Струмица, каде во овој шестмесечен период од основните училишта се отпишале 121 ученик, а во средните 43. Следува Куманово со вкупен број на 131 испишани ученици од средни и основни училишта.Нешто помалку има Битола – 94, па следуваат Кавадарци со 39 и Охрид со околу 35.

Имајќи в предвид дека голем дел од впишаните во статистиките заминале во странство, се нотира дека барем овие бројки наговестуваат дека во иднина бројот на паралелки во училиштата, со посебен акцент на внатрешноста на земјата, оти голем дел од тамошните жители мигрираат во Скопје за подобри економски можности, и понатаму ќе се намалуваат, а со тоа земјата, па и планските региони ќе го изгубат потенцијалот кои младите умови го носат со себе.

Инфографик: ПИНА.мк

Властите имаат стратегија, но се доцни со нејзината имплементација

Која е главната причина за големата миграција? Инвестира ли земјава доволно во критичната инфраструктура и добрите политики кои се потребни за да еден млад човек да одлучи да остане дома и да придонесува за домашната економија, образование, развој? На овие теми разговаравме со Бленди Ходаи – младински активист од Форумот за образовни промени и поранешен претседател на Сојузот на средношколци. Според него, миграцијата се должи на фактот што Македонија веќе одамна не е земја на можности, на немањето доволен број на работни позиции кои се добро платени како и отсуството на јасна визија за понатамошен прогрес во кариерата на младите.

„Единствениот начин за да се спречи миграцијата е да се чујат нашите потреби и барања, да се започне со имплементирање на сите проекции и планови кои ги имаме предложено, оти ние знаеме што точно недостасува во земјата за нас – подобар младински стандард, подобро образование, борба против корупција, демоктратизирање на општеството, подобри инфраструктурни инвестиции за подобри можности во иднина. Крајно време е државата и институциите да им служат на граѓаните и да започнат со промени, бидејќи не плаши помислата дека за пет-шест години отсега, Македонија ќе остане земја на пензионери“, вели Ходаи за ПИНА.мк.

Од друга страна, тој смета дека позитивен исчекор во земјава е тоа што е изготвена национална стратегија за млади,а која беше прифатена и донесена и од страна на Владата во која активно учество земале и сите младински здруженија и невладини организации. Но, сепак, вели Ходаи, проблем е доцнењето за нејзината имплементација и реализација.

„За жал, иако е донесена од Владата, се уште не е започната нејзината имплементација и веќе година и половина доцниме со нејзиното спроведување бидејќи делува дека институциите не се толку фокусирани на потребите на младите и за жал сега за изборната кампања се и сешто ќе се ветува дека ќе се направи за помладата категорија на граѓани но на дела ништо никој не покажува“, заклучи Ходаи.

Што точно содржи стратегијата на Агенцијата за млади и спорт – институцијата која би требало да биде јавен сервис пред се за оние најзасегнатите – младите? Владата на препорака на Агенцијата за млади и спорт во септември минатата година ја усвои стратегијата која е изработена за периодот од 2023 до 2027 година.

Помошник раководителката во секторот за млади при Агенцијата, Гордана Цекова за ПИНА.мк вели дека тие се фокусираат на осум клучни тематски области на кои треба да се работи за да се задржат поголем број на млади во земјава. Од образование, култура, па до безбедноста, здравје и претприемништво. Таа вели дека миграцијата не се должи само на една работа, туку тоа претставува збир на низа на активности, мерки и настани кои се случуваат во нашата земја и на кој преку стратегијата треба сериозно да им се пристапи.

„Целокупното спроведување на стратегијата и сите активности и мерки и приоритети кои се внатре обработени, сметаме дека ќе придонесат за поквалитетен живот на младите и дека ќе успееме бар одреден процент да го намалиме на оние кои сакаат да се иселат бидејќи во моментов тој е околу 60%. Инаку миграцијата не е проблем само кај нас, туку е генерален проблем и кај други држави кои се постабилни и помоќни, но ние би сакале нашите деца да останат“, вели Цекова.

Во однос на доцнењето со спроведувањето, вели, дека главен виновник се технички пропусти со кои се соочиле со што се одложило нејзиното усвојување од страна на Владата, т.е иако било предвидено да се започне со имплементирање на стратегијата на почетокот на минатата година, тоа било одложено за кон крајот на 2023 г. Дополнителен проблем со кој се соочуваат е фактот што новата 2024 година во земјава е изборна.

„Таа се усвои во септември 2023 г. што значи дека веќе ја пропуштивме цела година иако реализиравме некои од активностите од неа, но доцна се донесе и затоа 2023 г. не можевме да ги реализираме сите активности кои беа предвидени во неа. 2024 г. ни е изборна година, нашите законски прописи не дозволуваат државните институции да трошат финансиски средства надвор од континуираното плаќање, не можеме да реализираме активности кои се вонредни на пример додека трае изборниот процес“ рече Цекова од Агенцијата за млади и спорт.

Додека се чека на бирократски процедури, законски рамки и завршување на изборниот процес во кој несомнено младите и младинските политики ќе бидат во врвот на агендата на партиските гласила, апатијата, ниските плати, високиот степен на корупција во секоја пора на општеството по се изгледа ќе продолжат да ја празнат земјава, а билетите за еден правец ќе продолжат да се печатат барем додека не започнат вистински реформи.

Еден од доказите за тоа е и минатогодишното истражување на угледниот „Галуп“ каде на прашањето дали би живееле во друга земја или би останале во својата, дури 42 отсто од македонските граѓани одговориле дека иднината ја гледаат надвор од Македонија.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), вкупно 14 редовни основни училишта се затвориле во рок од една година. Од 976 во 2021/2022 година, овој број се намалил на 962 во 2022/2023. Бројот на паралелки за една година се намалил од 11.057 на 10.997.

Податоците од ДЗС, исто така покажуваат дека бројот на ученици во редовните основни училишта на крајот на 2022/2023 година е намален за 1,4 проценти, а бројот на ученици во средните училишта за 3,9 проценти во однос на претходната учебна година.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА