Пет и пол години по потпишувањето на Преспанскиот договор, граничниот премин Маркова нога се уште паѓа во заборав на забот на времето. Обраснати треви, уништена куќарка која некогаш служела како Царина и една метална рампа која никој не ја помрднал од далечната 1967 година, кога Грција поради политички причини решила еднострано да го затвори граничниот премин со Македонија. Со тоа, се прекинува и комуникацијата помеѓу Македонците од Преспанскиот регион од двете страни на границата.

Иако во минатото од македонска страна неколку пати било барано граничниот премин повторно да се стави во функција, од Грција одговор немало. И се тоа беше така до 2018 година, кога двете земји ги нормализираа односите со потпишувањето на Преспанскиот договор, токму во близина на овој премин.
Во октомври 2018 со финансиска помош од Европската унија кој изнесува 7,2 милиони евра, двете влади се обврзуваат дека ќе направат напори за овој регион повторно да го види светлото на денот. Се даваа неколку рокови, а последниот рок за градба беше 2023 година. Неколку месеци од почетокот на 2024 година, конечно пристигнуваат позитивни сигнали од двете страни на границата дека можеби до крајот на 2025 година, конечно повторно регионот ќе заживее.
Преспанскиот регион живее од риболов и јаболка, големиот број на сончеви денови, свежиот воздух од Галичица и Ниџе, како и најголемата гордост – Преспанското езеро го направиле овој регион привлечен за миграција во минатото. Но, системската негрижа од страна на државата, придонесе да Преспа полека но сигурно се испразни и да падне во заборав.
Некогашните плажи кои во минатото биле преполни, сега се празни и служат само како потсетник на некогашните среќни времиња. А тука, веднаш до последната плажа кај месноста Дупени, се наоѓа преминот Маркова Нога.


На крајот на асфалтот ќе ве пречека спуштена рампа и знак на кој стои дека се наоѓате на граничен појас каде за движење е потребна дозвола. Зад бодликавата жица се наоѓа објектот на Министерството за внатрешни работи, каде униформирани полицајци се уште ја обезбедуваат македонската страна од границата. Со полициска придружба се движевме по асфалтираниот пат од македонска страна, на кој обраснала своевидна „џунгла“.

По кратко одење, од десна страна се забележува руиниран објект кој своевремено служел како царина, а само неколку метри подоле е рѓосаната железна рампа која означува дека таму почнува Грција. Од грчка страна има само земјен пат, а куќарките одамна се дислоцирани.
Што значи преминот за жителите
За жителите на Преспанскиот регион, отворањето на овој премин ќе значи можност за поголема мобилност и позитивен исчекор во економски смисол. Тоа би значело можност за туризам и за прилив од грчките туристи кои би купувале производи за пониски цени во нашата земја, но и обратно – можност за земјоделците да пласираат одредени производи од другата страна на границата.

„Преспа е празна, имам брат кој замина да работи во странство бидејќи тука нема просперитет. Единствено ни остана јаболката, но како што минуваат годините, цените за откуп се помали, па ќе мора да го оставиме и тоа. Се надеваме преминот ќе се отвори, бидејќи така ќе имаме можност да добиеме одреден бенефит од размена на трговија и туризам,“ ни кажа еден од жителите на селото Долно Дупени.
Најблиското село од грчка страна, Герман е на само три километри од преминот, но поради фактот што е затворен, овдешните луѓе за да стигнат до таму треба да ја заобиколат планината Баба, преку Битола па да излезат од преминот „Меџитлија“, или преведено во бројка, треба да поминат 115 километри во правец за да стигнат до село кое е им е на дофат преку Маркова нога.

„Доколку се отвори преминот ќе може и побрзо да одиме до Солун, оти од тука е многу блиску автопатот во Грција. Но, сега за да одиме кон Костур, Лерин или Солун ни треба дополнителен саат и пол возење преку Битола, а доколку се отвори преминот се ќе ни биде на дофат, ќе можеме и почесто да се гледаме со роднините кои живеат во Грција“, велат жителите на Долно Дупени.
Развој на економијата и туризмот
Во разговор за ПИНА.мк, градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, како и неговите сограѓани со кои разговаравме, ги нотираше развојот на туризмот и на економијата како клучни придобивки од отворањето на преминот.
„Конекцијата со Европска унија и транзитот ќе биде поголем. Потоа, развојот на туризмот, има мали бизниси кои може да профитираат во тој дел. Значи голем е бенефитот, одржување на комуникацијата помеѓу луѓето од двете страни, сепак делиме исто езеро. Очекуваме да има голем транзит бидејќи се скратува патот за 90 километри,“ рече Тозиевски.
Дополнително, градоначалникот вели оти се надева дека сегашните тврдења дека преминот ќе се отвори наскоро ќе се остварат, бидејќи на жителите од регионот им здосадиле ветувањата кои пристигнувале од сите чинители дури и пред потпишувањето на Преспанскиот договор.
„Овој проект беше во десетте точки за добрососедство помеѓу Грција и Македонија уште пред договорот (н.з Преспанскиот договор). Не знам, повеќе личи дека проблемот е бирократски отколку технички зошто горе-долу се е завршено. Од грчка страна треба да се асфалтира патот, од наша страна проектите се поминати и завршени, треба да се почне со градба. Ако не прашувате нас, доволна ни е и рампата која сега ја има, но ајде да се почека да видиме што ќе биде со постапката“, заклучи градоначалникот на Општина Ресен.

Од македонска страна е потребна значително помала реконструкција од Грција. Овој проект за изградба на граничниот премин е дел од програмата на Европската унија – „ЕУ за Преспа“ чие финансирање е обезбедено со пари од ИПА 3 во декември 2022 година.
Проектот е изработен, добиена е и градежна дозвола
Од Царинската управа за ПИНА.мк велат дека веќе е изработен основен проект, а минатата година е добиена и градежна дозвола, со што се завршени бирократските процедури и може да се започне со работа на терен.
„Со издавање на градежната дозвола за Маркова нога, како и обезбедувањето на потребните градежни дозволи за останатите проекти коишто ќе се реализираат во рамки на „ЕУ за Преспа“ се создаваат неопходните услови за потпишување на Договорот за имплементација програмата помеѓу Европската унија и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) што се очекува да биде потпишан во скоро време“, велат од Царина.
Оттаму информираат и дека за реализацијата на проектот за изградба на граничниот премин Маркова нога преку ИПА 3 се обезбедени 1,9 милиони евра преку инструментот за претпристапна помош на ЕУ – ИПА 3, додека 170 илјади евра за опремување се покриваат со буџетски средства.
Свој удел во реконструкцијата и оспособувањето на преминот ќе има и Министерството за внатрешни работи, кои овој проект го реализираат во соработка со нивните грчки колеги.
„Во согласност со проектните задачи за овој проект Министерството за внатрешни работи спроведе тендерска постапка и потпиша договор за „Инженерски услуги за структурно/архитектонско проектирање и тендерско досие за реконструкција со надградба и доградба на државната гранична станица кај Маркова нога“. Истиот е финансиран со средства од ИПА 2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија. Општа цел на проектот беше реконструкција со надградба и доградба на Државната гранична полициска станица Маркова нога и пешачко поврзување со настрешница со објектите на Граничниот премин на идниот Граничен премин Маркова нога-Лемос“, велат од МВР.
Дополнително, од таму велат и дека за оваа година е предвидено да се објави тендер на кој ќе се избере најповолен понудувач кој ќе има обврска да ги спроведе градежните работи за реконструкција на полициската станица за гранична контрола.

Позитивни сигнали за изградбата за прв пат пристигнаа и од Грција. Градоначалникот на грчката општина Преспа, Јоргос Стергиу даде оптимистички изјави дека преминот ќе биде готов од грчка страна најдоцна за две години. Своите изјави ги темели на фактот што веќе започнале со финалното одредување на патот кој треба да се асфалтира, и на завршувањето на студиите за инфраструктура, како и за изградба на објектите на полицијата и царината. Според првичните сознанија, на овој граничен премин ќе биде дозволен влез и излез само на автомобили, но не и за автобуси и камиони.
Грците исто како и Македонците се надеваат дека со отворањето на преминот ќе се промени динамиката и ќе произлезат нови можности, со создавање на нови туристички прилики за двете земји. Но, поучени од минатото и од неисполнетите ветувања, преспанчани се уште се скептични и чекаат конкретна акција на терен за враќање на сјајот на регионот.
Автор: Михаил Милошевски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА