Државата им обезбедила на граѓаните од ранливите категории пристап до бесплатна правна помош, но процедурите не траат согласно предвидениот рок, бидејќи недостасуваат вработени во подрачните одделенија на Министерството за правда кои се надлежни да постапуваат по барањата
Без пари и без работа една самохрана мајка од Прилеп која немала поддршка во издржување на детето од неговиот татко, решила да ги искористи можностите кои и ги нуди државата и преку судски пат да дојде до алиментацијата која и следува. За ранливите категории на граѓани, како што е 40 годишната Т.С која сакаше да остане анонимна, подрачните единици на Министерството за правда нудат бесплатни адвокати.
Таа најпрвин се обратила во Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА ПЕТ кое посредува во добивањето бесплатна правна помош. Но, патот до правдата бил побавен отколку што очекувала. Наместо во предвидениот рок од 15 дена за одговор на нејзиното барање, таа чекала 70 дена.
Во подрачната единица на министерството во Прилеп нема вработено лице кое може да одлучува по барањата за секундарна правна помош, па тоа било препратено во Крушево.
„За целиот период на чекање, мајката која во тој период е невработена, е принудена без никаква помош самостојно да се грижи за своето дете. По 70 дена чекање, доби беспалатен адвокат и позитивен исход на судската постапка“, наведуваат од Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА ПЕТ.
Бесплатната правна помош е помош одобрена и финансирана од државата за ранливите категории граѓани кои поради недостиг на финансиски средства не можат самите да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат. Ова е само еден случај кога дел од граѓаните се оневозможени да ја користат или долго чекаат на бесплатната правна помош.
Од Здружението „Станица П.Е.Т уште пред пет месеци укажале дека доделувањето на бесплатен адвокат на лицата кои немаат финансиски средства, прераснува во проблем.
„Системот на вработувања во подрачните одделенија (ПО) на Министерството за правда, е реализиран неплански, стихијно и без визија“, велат од здружението.
Тие побарале и итно пополнување на слободните работни места со дипломирани правници со положен правосуден испит во ПО на Министерството за правда. Но, и по пет месеци состојбата не е ни малку сменета. Напротив има најава за пензионирање на лица со овластување, што значи дека и други подрачни одделенија ќе останат без таков кадар.
За дел од граѓаните бесплатниот адвокат, како што велат од здружението, е единствениот начин преку кој тие може да дојдат до правдата.
„За жал така е, но станува збор за решавање на животни прашања на граѓаните, во одредени случаи се работи за тужби за издршка на дете, во одредени случаи се работиза право за работен однос, за узурпација на земјиште или неможност да се пристапи до сопствениот имот. И тука, се соочуваме со потешкотии, каде што чекаат со месеци за одобрување на нивните барања“, рече Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т.
Според универзитетскиот професор Ивона Шушак Лозановска општините кои што имаат приближно ист број на население, имаат големи разлики по бројот на вработени по подрачните одделенија.
„На пример, ПО Прилеп, Демир Хисар и Крушево кое што опслужува 80-тина илјади жители има вкупно две вработени лица од кои што само едно лице е одговорно да донесува одлуки по поднесени барања за секундарна правна помош, за разлика од ПО во Тетово, кое што исто така опслужува 80-тина илјади граѓани, а има вкупно 21 вработено лице“, вели Шушак Лозановска од Правниот факултет при УКЛО Битола.
Што предвидува законот?
Еднаквиот пристап до правда за сите граѓани е основно човеково право. Законот за бесплатна правна помош кој е донесен е во 2009 година, започна да се применува во 2010 година. Неколку пати претрпе измени, а во мај 2019 донесен е нов закон.
Законот за бесплатна правна помош обезбедува две форми, „примарна“ и „секундарна“ и утврдува различни критериуми што апликантите мора да ги исполнуваат. Овластени даватели на БПП се Министерството за правда, Овластено здружение или во Правна клиника.
Примарната правна помош е со цел да му се објасни на заинтересираното лице природата на проблемот. Секундарната правна помош, законот јасно ја дефинира како помош доделена на лице чие барање е оправдано, на кое му е потребна стручна правна помош од адвокат за одредена правна работа и кое не е во можност да ги плати трошоците за постапка заради неговата финансиска состојба.
Лицето се ослободува од судски такси и трошоци поврзани со постапката пред суд, трошоците за вештачењето и административни такси. Услови за одобрување на БПП се месечните приходи и имотот.
Нерамномерна правда
Нефукционалноста на механизмите за пристап до правда во Македонија, од Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА ПЕТ ја поткрепуваат со примери.
Министерството за правда е децентрализирало на вкупно дваесет и едно подрачно одделение. Тие заклучно со месец ноември 2022 година, имале вкупно 102 вработени. Триесет лица од нив добиле овластување од министерот за правда да решаваат по поднесените барања за секундарна правна помош и да потпишуваат реални акти и тие лица се соодветно дистрибуирани во дваесет и осум канцеларии. Но, на пример одделението во Прилеп има само 1 вработен, а во Тетово со ист број на жители има 21 вработен.
„Евидентно е дека постои нерамномерна дистрибуција на бројот на вработени лица по подрачните одделенија. Доминираат одделенија со по еден или двајца вработени, и тоа во повеќе од половината од подрачните одделенија, а сепак видливи се и драстично повисоки бројки од по девет, десет, па дури и дваесет и едно вработено лице во подрачното одделение во Тетово“, велат од СТАНИЦА ПЕТ.
Оттаму додаваат и дека околу 160 лица добиле примарна правна помош во подрачни одделенија со по седум и осум вработени лица, како Неготино, Кавадарци и Скопје, колку што приближно опслужиле и во Тетово со вкупно 21 вработено лице. Во подрачните единици во Радовиш и Берово пак 140 лица добиле примарна правна помош од само две вработени лица.
„Подрачната единица Тетово, според бројот на жители, е подрачно одделение кое би опслужило приближно ист број граѓани колку и ПО Битола и ПО Прилеп, Демир Хисар и Крушево, околу 80.000 граѓани, но сепак последното, за жал, располага со само две вработени лица”, се наведува во анализата направена од СТАНИЦА ПЕТ.
Наместо да се зголемува бројот на лица со овластување, тој се намалува, потврдуваат и податоците кои ПИНА ги доби од Министертвото за правда преку пристап до информации од јавен карактер. Од министерството изостана одговорот за тоа како да се надмине проблемот и која е стратегијата и целта, туку обезбедија само бројки.
Од министерството велат дека вработени се вкупно 88 лица, а овластени за потпишување на реални акти се 17 лица и тоа во ПО: Крива Паланка, Берово, Битола, Виница, Валандово, Гостивар, Делчево, Неготино, Охрид, Ресен, Свети Николе, Струга, Тетово, Куманово, Штип, Карпош, Кисела вода.
Во 2022 година, според податоците на министерството, биле поднесени 291 барање за секундарна правна помош, од кои 231 биле одобрени и 40 одбиени, додека за 15 барања постапката била прекината.
Потребни се итни решенија посочува, професорката Ивона Шушак – Лозановска, која е и автор на анализата на СТАНИЦА ПЕТ.
„Во секоја од општините да има одговорно лице кое може да донесува одлуки по поднесените барања за секундарна правна помош, заради тоа што само на таков начин ќе имаме ефективно, ефикасно и навремено обезбедување на пристап до правда за овие најранливи категории на граѓани и дополнително апелираме пополнувањето на слободни работни места по подрачните одделенија да биде со фокус кон дипломираните правници со положен правосуден испит“, смета Шушак Лозановска.
Некои од причините за негативните трендови, според неа, се однесуваат на недоволната промоција на „услугите за правна помош“.
Во изминатиот период се зголемува бројот на даватели на бесплатна правна помош со регистрирање на дополнителни правни клиники и овластени здруженија за обезбедување на примарна правна помош, а се зголемува и регистарот на адвокати овластени за давање секундарна правна.
Авторка: Светлана Ристеска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА