Во Европа нема место за неодговорни институции и политичари. Светот става крај на ХИВ епидемијата, а ние се враќаме назад. Постоењето на овие програми не само што се потребни, туку и се клучни и неопходни, а со цел да се испочитуваат меѓународните потпишани договори и со мисија за целосно справување со ХИВ инфекцијата во нашата земја, вели Денис Ампев, координатор на Програмата за намалување на штети од употреба на дрога и крвно-сексуално преносливи инфекции „Младински клуб“ – Штип во интервју за ПИНА.
Според него, со кратењето на буџетот за програмите за превенција од ХИВ постои опасност дека ќе замрат теренските активности и ќе се зголеми опасноста од заразување со ХИВ-СИДА, хепатит Б и Ц, маларија и туберколоза.
Тој вели дека проблемите започнале од 2017 година, кога политичките партии во земјава потпишале декларација, со гаранција дека ќе ги поддржуваат Програмите од Глобалниот фонд. Сепак, теоријата е едно, а реалноста во пракса е друго, потенцира тој. Придонесот на невладините организации е очигледен во поглед на превенцијата и заштитатa, но крајно отежната без дополнителна поддршка и помош од институциите во државата.
Колку време постоите, дали може во бројки да се прикаже вашиот придонес кон клиентите на кои сте им помогнале, а кои се реалност и присутни околу нас во Македонија?
Младински клуб од Штип постои од мај 2005-та година и почнува да ја спроведува Програмата за намалување на штети од употреба на дроги и КСПИ од септември истата година, аплицирајќи со 15-тина други здруженија заедно со Министерството за здравство на РМ за финансирање на националната стратегија за борба против ХИВ за Финансирање од Глобалниот Фонд за борба против ХИВ. Тој проект го водевме се’ до 2016-та година, кога Глобален Фонд си замина од државата бидејќи со пристапните приговори кон ЕУ станавме земја со средно висок стандард и го изгубивме правото за аплицирање, па можам да кажам дека тогаш почнавме да ја губиме и борбата со ХИВ-от.
Иако имаше заложби со потпишување на сите партии дека ќе ги продолжат програмите за борба против ХИВ, тие заложби не се испочитуваа до крај.
Програмите во цела држава опфаќаат над 10.000 корисници на услуги кои ги нудиме како здруженија.
Во нашата програма која работи само со ЛИД (лица кои инјектираат дроги) досега во изминатите години имаме регистрирано 345 клиенти (која опфаќа и клиенти од блиските градови од Истокот) и на годишно ниво им се делат околу 35.000 пакети со опрема за инјектирање и заштита од КСПИ, околу 300 медицински услуги што подразбира чистење на рани, преврски, препраќања до здравствени установи и делење на медицински материјали како завои, масти и слично, како и околу 200 дополнителни социјални услуги.
Дополнително, го собираме и согоруваме употребениот медицински материјал во соработка со специјализирани фирми кои согоруваат медицински отпаден и токсичен материјал во специјални печки за согорување. Сепак, немањето на средства ќе дозволи целиот инфективен материјал да остане на улица односно расфрлан по паркови и контејнери каде секој може да дојде до контакт со нив.
Кога оваа бројка ќе се помножи со 18 години, добиваме бројка која покажува зошто во Штип и Источниот регион немаме заразен од ХИВ од оваа популација на ранливи категории.
Програмата што ја води Младинскиот клуб веќе 18 години е во слободен пад, бидејќи средствата во минатите три години се намалени на една четвртина од тоа што беа во 2017-та година. Па оттука и нашиот страв дека ни следи здравствена катастрофа во нашата земја.
Што велат вашите статистики, колкава беше бројката на луѓе со ХИВ инфекција што ја опфативте во претходните години?
Програмата во Штип донесе огромно резултати, особено ако се има в предвид дека досега не е евидентиран случај на заразен од ХИВ инфекција во оваа популација, што е и случај во другите програми кои работат на програми ЛИД од другите градови. Иако во програмите кои работат на други програми со други целни популации имаше откривање на ХИВ позитивни. Ова е еден супериорен показател за големиот успех на овие програми за заштитата на населението од оваа болест, а за која светска здравствена организација даде заложба за ставање под контрола до 2023-та година.
Кој е ставот на Министерството за здравство, зошто од година во година се крати буџетот наменет за овие лица, иако во континуитет им покажувате дека остварувате позитивни резултати со буџетот наменет за оваа програма на лица?
Генерално нема објаснување за намалувањето на средствата. Освен дека нема средства, но нема аргументирано објаснување зошто нема средства и каде отидоа претходните средства. Зошто не ги зедовме позитивните примери од Хрватска која успешно се справи во истата ситуација. Немањето слух и намалувањето на средствата ќе доведе до крах на организациите и програмите за што алармираме за слични примери од соседството, а таков пример е Романија, држава која имаше драстично зголемување на заболени и новоинфицирани од ХИВ/СИДА по прекинот на финансирањето на програмите. Но, тогаш веќе ќе биде доцна.
Кои се вашите активности на терен?
Како организација која е дел од националната стратегија за борба против ХИВ ние ја водиме програма за превенција кај клучни популации ЛИД, односно работиме само со лица кои инјектираат дроги.
Па како здружение нудиме размена на медицински материјали кои се користат за инјектирање и материјали за заштита од крвно и сексуално преносливи болести-кондоми и лубриканти. Медицински и социјални услуги. Како и едукации за заштита од ХИВ. Во соработка со партнерски здруженија, правиме брзи и анонимни тестови за ХИВ, Хепатит Б и Ц.
Сепак, најважниот дел е дека теренските активности, односно теренските работници доаѓаат од целната популација што е клучно во постигнувањето на добриот успех кој го креиравме досега. И, претходно го зборував тоа дека ниту една институција не може да стапи во контакт како здруженијата. Навистина се чудам и порачувам, дали навистина мислат дека лицата под ризик сами ќе одат по институциите да прават тестови или да бараат заштитна опрема. Верувајте дека ќе дојде и тој ден, но нема да бараат услуги, туку кој е виновен?!
Колкава е бројката на лица со ХИВ инфекција во Штип и Источна Македонија, а која без овој буџет ќе остане без соодветната терапија и пред вратите на институциите?
Како што сите знаеме Штип е еден од петте градови во Македонија која има највисока стапка на заразени од ХИВ.
Од 1987-та до 30.11.2022-та година се регистрирани вкупно 580 случаи на ХИВ/СИДА. Досега, во Штип се регистрирани 28 лица.
Можам слободно да кажам дека оваа бројка на ниска стапка на инфицирани од оваа инфекција помеѓу целните популации се должи токму на работата на овие 15 организации. Искуството покажува дека ако се намали буџетот и финансиите за овие активности, тогаш може и да очекуваме интензивно прогресирање на новоинфицирани лица. Секако, тоа ќе биде против заложбите и на СЗО, но и спротивно на Декларацијата за ХИВ и СИДА на Генералното собрание на Обединетите нации од 2021 година, како и со Акциските планови на Светската здравствена организација за ставање крај на ХИВ, вирусните хепатити и сексуално преносливите инфекции до 2030-та година, а чии декларации и меѓународни договори ги има потпишано и нашата држава.
Што значи кратењето на буџетот за периодот кој следува, кои се опасностите кои можат да се случат и дали веќе е вклучен црвениот аларм?
Црвениот аларм е веќе вклучен, откако по одлуката за кратењето на буџетот дојдовме во ситуација драстично да го намалиме давањето на услуги. Како што не’ информираа колегите од Скопје, од моментални три центри, бројката ќе се намали на само на еден постоечки и достапен, а и во помалите градови исто така ќе значи намалување на опсегот на услуги, што значи помал број на опфат на веќе постоечки и нови клиенти, но исто така и намалување на услугите на терен. Помала бројка на поделен инфективен и едукативен материјал. Исто така, како организација сме принудени да не нудиме социјални услуги што ќе значи голем удар на целната популација која редовно има потреба од ваков тип на помош. Голем број на лицата доаѓаат од социјални семејства. Остануваме само на теренски и медицински работник. Сепак, ваквата ситуација може да функционира само привремено и не може да работи на овој начин на подолг рок. Ако од наредна година не ни се зголемат средствата, тогаш нема да бидеме во можност да ја поправиме настанатата штета.
Дали ќе згасне вашето здружение, како функционирате во овие моменти и која е вашата агенда за во иднина?
Моментално сме без канцеларија. Веќе две години сме без финансии за интернет и телефон. Од оваа година патните трошоци ќе одат на наш трошок што значи дека работиме од љубов кон работата. Солидарност, емпатија и свесност за потребата од постоењето на програмата. Ако се продолжи вака, со драстично кратење на финансиите, тоа ќе значи и дефинитивно згаснување на една ера која 18 години помагаше на групи на граѓани за кои нашето општество нема слух, а за нас како здружение ќе биде почеток на крајот.
Кој е вашиот апел до институциите?
Во Европа нема место за неодговорни институции и политичари. Светот става крај на ХИВ епидемијата, а ние се враќаме назад. Постоењето на овие програми не само што се потребни, туку и се клучни и неопходни, а со цел да се испочитуваат меѓународните потпишани договори и со мисија за целосно справување со ХИВ инфекцијата во нашата земја.
Затоа, алармирам одговорните веднаш да седнат на маса! Не мора да бараат решение, ние го имаме, единствено очекуваме да покажат желба и волја за да го спроведат во пракса, а со крајна цел да излеземе од оваа „црвена зона“ во која се најдовме.
Автор: Виктор Вукановски