,,Нема ленти, а нема ни игли, а не ни знаеме кога ќе дојдат“. Ваков одговор веќе подолг период добиваат дијабетичарите кои одат да ја подигнат својата редовна инсулинска терапија во клиниките. Тие веќе неколку месеци се оставени без ленти и апаратчиња со кои ја следат состојбата на шеќерот во крвта. Освен недостатокот на препарати за следење, повремено се случува да фали и инсулин од одреден тип, па тие се снаоѓаат како знаат и умеат за да го обезбедат лекот што живот им значи.
Претседателот на сојузот на дијабетичарите на Македонија, Диме Велев за ПИНА.мк вели дека за првпат Министерството за здравство не дистрибуира ленти, а пациентите се оставени сами на себе да се снаоѓаат.
„Министерство за здравство дистрибуираше еден тип на ленти избрани на тендер по јавна постапка. Она што се случува во последниве месеци и немање на инсулин е каснење на тендерот. Сега се случува да нема ленти, не е до болниците и инсулинските аптеки, туку е до Министерство за здравство, не ги дистрибуира, односно не ги дава соодветните количини до инсулинската аптека,“ вели тој.
Според него, мерењето на гликемијата не е еднократен процес, туку треба да се повторува по неколкупати во текот на денот, што значи и зголемена потреба од ленти, но и поголем финансиски трошок доколку сами си ги набавуваат.
Како што вели Велев, ваквата состојба го загрозува здравјето на заболените од дијабетес и бараат државата да најде начин секој пациент навреме да ја прима терапијата.
„За секој дијабетичар на инсулинска терапија лентите за мерење гликемија се неопходни за да може квалитетно да се менаџира дијабетесот и да се избегнат сериозни компликации,“ додава Велев.
Пациентите размислуваат за порадикални чекори
Зоран Бојковски, претседателот на Здружението на дијабетичари од Куманово за ПИНА.мк вели дека наместо инсулините да бидат достапни во секое време, со немање нивна правовремена набавка и дистрибуција по инсулинските аптеки се создаваат сериозни проблеми за лицата со дијабетес.
„Недостигот од ленти и глукомери кои ги нема од почетокот на годината покажува дека надлежните си играат со судбината на лицата со дијабетес,“ вели тој.
Нивните апели како здруженија на дијабетичари не наишле на одзив кај надлежните вели тој, што ги тера да размислуваат за преземање порадикални чекори за надлежните да се освестат дека се работи за неопходни потреби, без кои животот на овие лица е незаменлив, односно опасно загрозен.
„Притисокот од членството е огромен и се повеќе се зголемува и веројатно доколку набрзо не се реши проблемот ќе мораме да излеземе со јавни протести за да го забрзаме она што мораше одамна да биде завршено како што треба,“ дополнува Бојковски.
На прашањето како се снаоѓаат пациентите во меѓувреме, тој вели дека некои позајмуваат а некои купуваат ленти и игли.
„Други пак се надеваат дека конечно ќе биде решен проблемот со снабдување, но и тие веќе го губат трпението,“ изјави Бојковски.
Од Здружението на дијабетичари од Гевгелија, Богданци и Дојран за ПИНА.мк велат дека исто така имаат недостаток од ленти и игли за инсулински пенкала и редуциран е тој дел од терапијата.
„Апарати за мерење на гликемија нема ниту можеме да направиме замена на веќе постоечките кои ги имаме, а 70 отсто од нив не ни работат, така што се снаоѓаме кој на приватно купува апарат со ленти, кој се позајмува низ цела Македонија,“ велат од Здружението.
Од таму додаваат дека во Гевгелија немаат информација дека некој е останат без доволна инсулинска терапија.
Во нивната болница имаат нов апарат за целосен доплер на екстремитети но се уште е спакуван во кутија и нема кој да работи со него поради непознавање на областа, а нема ни личност која била пратена на соодветна обука за да би можела тоа да го работи.
„Така, ние пациентите сме оставени на милост и немилост и освен тие што можат има и пациенти кои никогаш не направиле доплер, а е неизбежно за нивната здравствена состојба. Приморани сме да одиме во Скопје, нормално ако можеме. Ние како здружение не можеме ништо сами да преземем, зошто секој проблем ни е поврзан и зависен од други. Во месецот само два дена има реагенси за испитување на тироидна жлезда, така што и тоа го правиме приватно“, велат оттаму.
Од Здружението на лица со дијабетес Алегрија од Скопје за ПИНА.мк велат дека застој во дистрибуцијата на инсулин има секој пат додека да помине тендерот, па да се увезат новите пратки.
И за нив, погорлива тема е немањето на ленти за мерење на гликемиите со месеци кои се на товар на фондот.
„Граѓаните преку здруженијата се снаоѓаат како знаат за лентичка плус за проверка на гликемиите, и ова е недозволиво затоа што трае предолго, а Министерство за здравство нема никакви изговори“, велат оттаму.
Од Министерство за здравство не добивме одговор во однос на проблемите со постапката за јавна набавка на ленти и игли за мерење за дијабетичарите.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА