Измина уште една учебна година без образовни асистенти во средното образование

0
281

Уште една учебна година измина без образовни асистенти кои им се неопходни на учениците со посебни потреби во средно образование. Причината поради тоа е што Законот за средно образование сè уште не е усвоен.

Од Министерството за образование (МОН) и наука велат дека со изработката на новиот закон, услугата образовна асистенција бесплатно ќе се воведе и во средните училишта, преку програмата за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер.

Сузана Стојановска е самохрана мајка на Никола кој е трета година во средното фискултурно училиште „Методи Митевски Брицо“ во Скопје. Тој е еден од бројните средношколци кои имаат потреба од образовен асистент затоа што има Даунов синдром. Наставата во училиштето тој ја следи заедно со својата мајка затоа што сè уште нема асистенти за децата како него.

Стојановска која истовремено е и претседателка на Здружението за рехабилитација и инклузија на лица со даунов синдром „Дневен центар Доза Среќа“ вели дека е тешко да се обезбеди квалитетно образование, бидејќи во Македонија нема образовни асистенти за лицата со посебни потреби од средно образование.

Од почетокот на учебната година, таа објаснува дека испратила многу дописи до релевантните институции за проблемот што го имаат учениците како Никола. Дополнително, вели дека и покрај тоа што на хартија средното образование е бесплатно и задолжителни, тие сепак се оставени да се снаоѓаат кој како знае и умее.

Според неа, за некој да работи со дете со посебни потреби прво треба да има емпатија и да го сака тоа што го работи, а потоа да го има образованието кое е потребно. Вели дека има кадри, но сумата која им се нуди за надомест за таков ангажман е срамна, изземајќи го основното образование каде има законско решение.

„Многу пати досега организирано со други родители излегувавме на улица да ги бараме правата за нашите деца. Состојбата ќе се подобри доколку се инвестира во овие деца“, вели Стојановска.

Таа вели дека институциите се недоволно ажурни. Смета дека има одреден напредок, но дека тоа не е доволно.

„За подобрување на состојбата јасно е дека прво треба финансии, а ние ги немаме. Има општини каде нема обезбедено ниту 1 м2 за оваа категорија, во смисол на дневен центар или простор каде би се реализирале активности“, децидна е Стојановска.

Истовремено, Стојановска посочува дека настрана од одредениот напредок, има и, како што вели,  листа на барања која е долга затоа што се оди многу бавно, додавајќи дека во земјава за многу работи преку ноќ се наоѓа решение, меѓутоа за лицата со посебни потреби се чека со години да се мрдне од мртва точка.

Од Сојузот на средношколци на РСМ (ССРСМ) посочуваат дека Законот за средно образование моментално е поставен на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР) и дека се очекува во секој момент да влезе во собраниска процедура.

Сојузот претходно има доставено и два предлог-закони за изменување на сегашниот Закон за средно образование кои се однесуваат на ученичкото организирање, како и на обезбедување бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци. Сепак, оттаму велат дека досега немаат добиено никаква повратна информација за евентуално нивно внесување во собраниска процедура.

За унапредување на состојбата сметаат дека образовни асистенти, соодветни наставни помагала и прилагодени учебници се само дел од мерките коишто може и треба да се преземат.

„Од друга страна, пак, мора да се работи и со учениците и наставниците со цел создавање на инклузивна клима во училиштата и училниците за да се искоренат предрасудите и стереотипите кои дел од населението ги има за лицата со попреченост. На овој начин, не само што ќе се обезбеди интеграција на овие лица во образовниот систем, туку навистина ќе се изгради инклузивна и поддржувачка средина“, додаваат оттаму.

Како што посочуваат, на дел од факултетите веќе има високобразовни програми по специјална едукација кои произведуваат кадар со квалификација наречена „специјален едукатор“.

Од Сојузот сметаат дека е добро што вакви програми постојат и повикуваат истите да се промовираат за да се зголеми интересот на матурантите за нив.

Со новиот Закон за основно образование, има напредок во однос на претходните години, велат тие, бидејќи токму овој Закон ја отворил можноста за постоење и вработување на образовните асистенти.

Придвижувања во општеството во однос на инклузијата на лицата со посебни потреби велат дека има, но сметаат дека треба да се прават уште повеќе напори во ова поле.

„Не смееме да престанеме сè додека не постигнеме целосна еднаквост во нашето општество. Мора да се работи на прифаќањето од страна на општеството – дека лицата со попреченост се подеднакво луѓе како и лицата без попреченост, дека ги имаат истите права и дека не се сведуваат само на нивната попреченост, туку се целосни личности. Понатаму, треба и да зборуваме за физичката инклузија и пристапност. Во колку од нашите училишта постојат лифтови? Колку од нив имаат огромни скалила пред нивните влезови“, прашуваат од Сојузот.

Инаку, од Министерството за образование и наука посочија дека со новиот Закон за основно образование, услугата образовна асистенција повеќе не е на товар на семејствата на учениците со попреченост, туку обврска на државата.

Минатата година, како што велат од МОН, биле ангажирани 500 образовни асистенти, додека оваа година се ангажирани 720, согласно искажаните потреби на родителите и старателите на овие ученици во основните училишта.

Авторка: Маја Терзиова