На хартија подобрување, во пракса неспроведување – корисничките на дрога остануваат стигматизирани

0
116

Живот диктиран од стигми и предрасуди, неспроведени закони и недостапност до правда, лицата кои употребуваат дроги и понатаму остануваат едни од најстигматизираните групи на граѓани.

И покрај политичките напори за подобрување на политиките од кои се засегнати овие луѓе, неспроведувањето на законите останува еден од најголемите предизвици.

Извршната директорка на Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Хајди Штерјова Симоновиќ за ПИНА објаснува дека и покрај тоа што се забележуваат одредени промени, луѓето кои употребуваат дрога се заштитени само на хартија.

Таа појаснува дека изминатиот период била донесена Национална стратегија за дроги, а и дека е предвидена подготовка и усвојување на нови програми за намалување на штетите за жените кои употребуваат дрога.

„И двете програми сè уште не се отворени, но стратегијата за дроги како основа на националната политика за дроги ги препознава овие проблеми и останува да видиме дали до крајот на 2025 година овие програми ќе бидат отворени и на тој начин ќе се креираат родово сензитивни програми за дроги во нашава земја и корисничките на дроги ќе можат да добиваат соодветни услуги“, појаснува таа.

Додава дека исто така, во 2021 година се усвоил и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство според кој се препознаваат жените кои употребуваат дроги како особено ранлива група кога станува збор за насилство врз жените и семејното насилство.

Очекувањата во ХОПС се големи, со оглед на тоа дека овој закон треба да придонесе за поголема заштита на жените кои употребуваат дроги од родово базирано насилство и семејно насилство. Сепак, како што наведува Влатко Деков од од „ХОПС“, неспроведувањето на законите и предрасудите во надлежните институции во пракса оставаат простор за понатамошна загриженост.

„Проблемот е во спроведувањето на стратегиите и законите. Секако, потребно е да се работи многу и на промена на јавната свест и ставовите кон луѓето кои употребуваат дроги и во таа насока е потребна и поголема активност на граѓанските организации, медиумите но пред се политичка волја на носителите на одлуки и институциите кои недвосмислено секојдневно во јавните настапи но и на работните состаноци  значи и во јавниот и во политичкиот живот ќе покажат поддршка кон маргинализираните заедници вклучително и жените кои употребуваат дроги“, вели Деков.

Стигмите и предрасудите закана по менталното здравје и пречка за понатамошна ресоцијализација

Според семејниот и системски психологот Марина Ѓурчиноска, стигмите и предрасудите се одразуваат негативно врз менталното здравје на луѓето, затоа што, како што вели, личноста не може да го зачува менталното здравје ако се соочува со негативните последици кои ги носат стигмата и дискиминацијата по било кој основ.

„Човекот е социјално битие и потребата за припадност и социјално одобрување е многу важна за личноста“, децидна е Ѓурчиноска.

Од секојдневната работа со клиенти меѓу кои и оние кои употребуваат дрога Ѓурчиноска, оценува дека предрасудите со кои се соочува оваа група како и чувството на срам и неприфатеност, предизвикано од стигматизација може да придонесат лицата кои употребуваат дроги да имаат потешкотии да одлучат да побараат помош и поддршка, токму заради етикетирањето и сите други придружни последици.

Појаснува дека ова се одразува и врз членовите од семејствата.

„Истото го чувствуваат и семејствата на лицата кои употребуваат дроги. Последиците се отсликуваат на сите области на општествениот живот, здравствена заштита, социјална заштита, вработување, домување и слично“, објаснува психологот.

Таа истакнува дека предрасудите можат да бидат пречка за желбата за ресоцијалзиација. Според неа, етничката, половата припадност или економските, културни или религиозни разлики навидум немаат големо влијание врз положбата на луѓето кои употребуваат дроги во општеството, но дека тие во голема мера влијаат на доживеаното искуство на стигматизација.

Истовремено, Штерјова Симоновиќ објаснува дека кон корисниците на дрога во глобала е утврдена и дискриминација во здравствениот систем.

Таа посочува дека првенствено овие лица не можат да се вработат, а дека има случаеви во кои многу често не можат да се пријават кај матичен лекар, односно матичните лекари не ги сакаат како свои пациенти.

„Еден од првите случаи во кои беше утврдена дискриминација од страна на Комисијата за заштита од дискриминација беше против Стоматолошката клиника за која беше утврдено дека постапува дискриминаторски со тоа што ги одвојува овие пациенти од останатите, што ги принудува да се тестираат за ХИВ и Хепатит Ц, и што им наплатува дополнителни финансиски средства за да спроведе било каква стоматолошка интервенција кај нив“, појаснува таа.

Како што соопштува таа, судот во Стразбур во 2020 година, исто така утврдил повреда на правата на луѓето кои употребуваат дроги кога здравствена установа без налог им дала пристап до медицинските досиеја на полициски службеници, а била утврдена и повреда на правото на приватност поради неосновано тестирање и злоупотреба на ДНК податоците за кривичен прогон на луѓето кои употребуваат дроги.

Жените кориснички на дрога поподложни на стигма и насилство отколку мажите 

Општо е познато дека стигматизацијата се провлекува во животот на жените на разни форми и преку различни примери, понекогаш и скоро незабележливи но присутни.

И во овој случај, жените се повеќе стигматизирани во однос на мажите, а Штерјова Симоновиќ истакнува неколку примери од пракса кои укажуваат на тоа.

Таа го посочи истражувањето „Родово-базирано насилство врз жените кои употребуваат дрога“ спроведено во 2021 од „ХОПС“, според кое сите испитанички во одреден дел од животот преживеале некаква форма на насилство, и тоа најчесто од партнерите, но и од членови на семејството, односно родителите, децата и браќата.

„Резултатите беа поразителни, односно сите испитанички во одреден дел од животот преживеале некаква форма на насилство и самите се свесни дека се поранливи на насилство во споредба со мажите кои употребуваат дроги“, вели Штерјова Симоновиќ.

Истовремено, таа посочи дека споделените искуства укажуваат на тоа дека овие жени се особено ранливи поради чувството на срам и страв да го пријават насилството пред надлежните служби.

„За жал, овие жени покажуваат тенденција да го нормализираат насилството поради честата и долготрајна изложеност на насилство и да си наметнуваат „вина“ за насилството што го трпат“, појаснува Штерјова Симоновиќ.

Од здружението сметаат дека подигнувањето на свеста за оваа група на граѓани започнува од медиумите, образовните институции, заедницата, здравството. 

„Пристапот не би се разликувал од било која група која се соочува со предрасуди во општеството. Потребна е покоренита промена за да им се овозможи на овие лица да не бидат мета на дискриминација. Потребни се интервенции во медиумите, во образовните институции, заедницата, здравствените институции итн, советува психологот.

Во меѓувреме, Штерјова Симоновиќ пренесува дека жените кои употребуваат дрога порачуваат дека потребно е не само да се донесуваат закони, туку и истите еднакво за сите да се применуваат.

Авторка: Симона Србиноска