Здружението за унапредување на родовата еднаквост „Акција Здруженска“ веќе петта година по ред работи на поразличен пристап за поддршка и зајакнување на жените кои никогаш не биле активни јавно да ги надминат интернализираните бариери. Но, истовремено тие и да иницираат или да учествуваат во дебатите во заедницата и да се самоорганизираат и ефикасно да преговараат за своите права и пристап до услуги пред локалната власт со конструктивен и информиран придонес на застапување.
Оваа стратегија која подразбира континуирана теренска работа со жени од руралните средини, придонесе за формирање мрежа на женски кружоци составени од активирани жени во 40 села и населби во 12 општини низ целата држава.
Од нивните средби произлегла и идеја за иницијатива како знак на солидарност на женските кружоци од селата Ерџелија, Мустафино, Горобинци, Амзабегово, Каратманово, Дорфулија и Лозово со жените од селото Сопот, чии застапувачки напори не наишле на поддршка од општинските служби и буџетот на Свети Николе за подобрување на условите во кои живеат.
„Она што почна како предлог за пикник и дружење на жените од овие села, се трансформира во инспиративна работна акција за оградување и уредување на просторот пред училиштето, кое во моментов не е во функција. На настанот учествуваа 60 жени од женските кружоци, локалното население од селото Сопот и бизнис заедницата од Свети Николе кои придонесоа со работна рака, механизација, градежен материјал, овошни стебла, храна, цвеќиња и други ресурси“, објаснуваат од „Акција Здруженска“.
Главната улога во спроведувањето и координацијата на иницијативата ја имала Граѓанската иницијатива на жени Свети Николе, а во соработка и поддршка на жените од Женскиот кружок од Сопот.
Како што напоменаа тие, ова е една од првите иницијативи со кои се промовира култура на самоорганизирање и мобилизација на поддршка од заедницата за заедницата и поинаков однос кон јавните заеднички простори или јавните добра, водејќи се од тоа дека секој има нешто да понуди за подобрување на условите во кои живее.
„Искуствата ќе ги споделиме со Женските кружоци во другите општини, со цел да ја развиеме и прошириме идејата за враќање на некои заборавени пракси на заедничка граѓанска одговорност, односно поттикнување и вреднување на придонесот на секој поединец во заедницата. На овој начин сметаме дека може да се врати и довербата и заедништвото помеѓу луѓето кои во моментов се закопани во партиските ровови“, велат од „Акција Здруженска“.
„Партизацијата, нерационалното трошење и носење на општински буџети и програми кои не ги отсликуваат потребите и проблемите на жителите особено од руралните средини резултираат со отсечени села без субвенциониран јавен транспорт, без уредни јавни простори, без водоводна и канализациона мрежа, без организирано депонирање и транспортирање на отпадот, без јавно осветлување. Ова особено се однесува на средините со помалку жители кои се најзапоставени бидејќи не се гледаат како потенцијални гласачи. Она што постојано го слушаме од жените со кои работиме е дека локалната власт комуницира со многу мал број жители, првенствено мажи и ги посетува селата само пред или за време на избори“, додаваат тие.
Во изминатите години „Акција Здруженска“ заедно со партнерските локални женски организации постојано отвора дебата за важноста од женското граѓанско учество и воспоставување механизми од страна на општината за организирање на посебни теренски консултации со жени, со цел заеднички да се идентификуваат, креираат и буџетираат локални иницијативи од приоритет и значење на жените.
„Се почести се иницијативите за доделување на општински простори за воспоставување на женски центри кои освен за социјализација се замислени и како точки за разработка на идеи и планирање на иницијативи за унапредување на положбата на жените и условите за живот во заедниците. Овие наши напори наидуваат на поддршка кај некои локални власти кои веќе внесуваат вакви активности во нивните планови и буџети“, објаснуваат од здружението.
Секој кој сака да придонесе, независно дали е од бизнис секторот или не, на било каков начин за овие иницијативи, како што велат тие, може слободно да се обратат кај нив.
„Пораката е дека не треба да не обесхрабруваат изговорите дека општинскиот буџет е со ограничени можности, туку е потребно да се пристапи кон искористување на потенцијалот на секој кој сака и може да придонесе и да биде пример за оние кои не веруваат во силата и можностите на здружените жени“, велат тие.
Воедно, тие очекуваат оваа иницијатива да биде поттик за жените од останатите локални женски кружоци да започнат со мобилизација на локалното население и бизнис заедницата за нивен придонес кон уредување на заборавените и запуштените јавни простори кои се честа слика во руралните средини.
За ова веќе има иницијални планови, и до крајот на годинава се надеваат дека ќе успеат во соработка со локалните женски организации да реализираат вакви иницијативи и солидарни акции во сите општини.
Автор: Кристијан Трајчов