Чавков и 35 лица се гонат за загрозување на уставниот поредок и на безбедноста

0
74

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека ја завршило предистражната постапка за насилствата во Собранието од 27 април оваа година и отворило истрага против вкупно 36 лица, пренесе агенцијата Мета.

„По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против 36 лица поради основано сомневање за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“, стои во соопштението на Обвинителството.

Во соопштението не се наведени лицата што се осомничени, но извесно е дека станува збор за поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, актерот Владо Јовановски, пратеникот Крсто Мукоски, Горан Ангелов – Ќосето од Велес, пратеничката Жаклина Пешевска, пратеникот Љубен Арнаудов од Охрид и други, кои утрово се приведени.

Во моментов тие се во Кривичниот суд каде даваат исказ пред судија на претходна постапка, пишува агенцијата.

Од Обвинителството засега нема информации дали и какви мерки за обезбедување присуство бара да им одреди судот на осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста.

За ова кривично дело, според Кривичниот законик, е предвидена казна од најмалку десет години.

„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија, ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејство или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“, стои во челнот 313 од Кривичниот законик.

По налог на јавен обвинител, рано утрово беше приведен Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност во МВР, пренесе Мета.

Покрај Mитко Чавков, според нецелосно потврдените информации, приведени се уште петнаесетина луѓе, меѓу кои пратеници и граѓани кои се најдоа на 27 април во Собранието. Тоа се, според неофицијални информации, актерот Владо Јовановски, Горан Ангелов – Ќосето од Велес, пратеничката Жаклина Пешевска, пратеникот Крсто Мукоски, пратеникот Љубен Арнаудов од Охрид и други.

Приведувањето е во рамките на истрагата за насилствата од 27 април годинава во Собранието. Во тој момент, Чавков беше директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на штабот на МВР за протестите „За заедничка Македонија“, пишува Мета.