Пластичните кеси полека заминуваат во историјата, пластиката останува насекаде околу нас

0
144

Граѓаните засега најсериозно ја сфатија примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, со кој една од целите е пластичните кеси да заминат во историјата, а истото долгорочно да се случи и со пластиката.

Колку сериозно си ги сфатија промените, зборува искуството на сопственик на мала продавница во скопската Општина Карпош.

,,Пред примената на законот во продавницата дневно продаваме и по 100 кеси, сега имаме просек од едвај 4 кеси. Сите си доаѓаат со платнени торби. Очигледно е кога ќе ги удрите граѓаните по џеб, автоматски реагираат, и многу ретко некој би дал 15 денари, дури и за биоразградлива кеса или 13 денари за хартиена“, вели тој за ПИНА, но и укажува дека според негови информации, законот доследно не се почитува секаде низ Македонија.

Сликата во продавниците и супермаркетите полека се менува, но останува иста на пазарите, во што се уверивме, а пазарџиите неформално коментираат дека не се многу среќни за законското решение, имајќи го предвид фактот дека тие не ги наплаќаат кесите.

Согласно Законот од 1 декември 2021 година се забрани употреба на пластични кеси за носење стоки за еднократна употреба и пластика за еднократна употреба на пазарот во Македонија. Дозволена е употреба само на биоразградливи кеси.

Овие одредби се однесуваат за пластични кеси за носење на стоки за кои се наплаќа надоместок од 15 денари што секојдневно се даваат на каса (на местото на продажба) при купување во мини маркети, супермаркети, гранапи, пиљарници, мали продавници за секојдневни намирници, пекарници, киосци, киосци за брза храна, зелени пазари, бензински станици со минимаркети.

Поплаки од производителите

За измените на цените на кесите први регираа од Групацијата на производители на кеси, од каде посочија дека во земјава се увезуваат црни кеси за отпад и покрај тоа што има капацитети да се произведуваат тука, и истите остануваат во употреба, а според нив, најважно е да се врши селекција на отпадот и да се рециклира пластиката, а не да се ставаат толку високи цени.

Им вратија од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од каде посочија дека поплаките им се неосновани, бидејќи им бил даден период до 1 јуни да работат по истите стандарди, кои се воведени во 2013 година, а во меѓувреме да го преорентираат своето работење.

“Од 2013 година тие не смееле друго да произведуваат. Не смееле да користат друг материјал (освен биоразградлив, н.з.) за кесите за носење на стоки во малопродажба, посочија од МЖСПП.

За високата цената на кесите, од МЖССП посочија дека идејата е да се одвратат купувачите од купување на кесите, а не да им се земаат парите.

Реагираа и производителите од пекарската индустрија, кои бараат пластичните кеси кај нив да не се наплаќаат, а ако мораат да наплаќаат за хартиени или биоразградливи ќеси, посочија дека тоа негативно ќе се одрази на нивниот бизнис.

Остро регираа и од Групација на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори (ССК), од каде посочија дека за да го преориентираат производството кон биоразградливи кеси треба да вложат по околу пет милиони евра, а дополнително и не им се достапни материјалите за производство.

Од таму посочија дека поради измените драстично ќе им биде намалена побарувачката, а тоа ќе доведе до отпуштање на работниците.

“Драстично ќе се намали продажбата. Откажани ни се сите поголеми нарачки од маркетите и од нашите потрошувачи. Значи, некаде на 10 проценти ќе паднеме на вкупно производство. Значи 90 проценти го губиме производството.

Ќе се отпуштаат работници, веќе имаме најави за отпуштање.

И да се премине на биоразградливи кеси, прво материјалот е недостапен, друго треба инвестиции во нови машини. Сите имаме инвестирано во нови машини, во нови обуки за вработените, на подобрување на условите за работа и сега треба инвестираме пак во нови машини и ако инвестираме материјалот е недостапен, тоа е на глобално ниво, не само кај нас.

Со министерот за животна средина разговаравме, рече тоа е и не се менува ништо може едноставно да ставите клуч“, изјави Александар Боризовски, заменик претседател на Групацијата на производители на платични маси, кој додаде дека една половна машина за производство изнесува 500.000 евра.

Реагираа и на цената на кесите, а нивната компаративната анализа покажала дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција 9 денари.

“Сметаме дека зголемувањето на цената треба да биде сукцесивно во етапи.

Исто така неопходно е да се интервенира во казнените одредби, бидејќи глобите за трговците доколку на пример не водат соодветна евиденција за продажбата на кеси се и до 180.000 евра.

Од овие законски измени директно е засегнaто опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија, кои бројат вкупно 600 вработени физички лица, невклучувајќи ги и надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери.

Затоа е неопходно законот да се измени и да се изнајде заедничко решение, во консултација и работни групи со производителите и трговците“, посочија од ССК.

Намалени нарачки

Дека нарачките за кеси се намалија, за ПИНА потврдија и од штипската фабрика за производство на секаков вид на кеси, “Мондо“, една од најголемите во земјава.

“Драстично ни се намалија нарачките, нашите клиенти ги користат залихите што ги имаат. Ние произведуваме и биоразградливи кеси и имаме сертификат за тоа, па не би сакале на работите да гледаме песимистички.

Да, секако ќе имаме загуба, но ние веќе имаме широка палета на производи и сметаме дека најпаметно за нас ќе биде да се прилагодуваме на промените“, велат од „Мондо“.

Пластиката останува насекаде околу нас

Не се најсреќни ни еколошките невладини здруженија, од каде посочија дека нема комплетна забрана за употреба на пластиката, која и понатаму останува насекаде околу нас.

„Кесите за носење текстил, книги, канцелариски материјал, техничка стока, лекови и помошни медицински производи, садови за домаќинство, сите видови на обувки, детски играчки, спортска опрема и слична стока, не се забранети и си остануваат во употреба.

Таканаречените оксo-разградливи пластични кеси, кои се пластични кеси од кои забрзано на крај добиваме микропластика која ја внесуваме во организмот, не се забранети до 1 јуни 2023 и понатамау ќе се произведуваат и продавааат по цена од 15 денари.

Многу лесните пластични кеси кои се потенки од 15 микрони не се забранети и понатаму непречено ќе се употребуваат, без да се наплати нивната употреба“, регираа од здружението О2 Инцијатива, од каде посочија дека стандардот за биоразградливи кеси кој треба да стапи на сила од 1 јуни 2023 година, е индустриски стандард кој бара компостибилната пластика да се распадне после 12 недели и комплетно да се биоразгради послед 6 месеци, односно 90% или повеќе од пластичниот материјал да се конвертира во CO2.

,,Ова е предвидено за индустриски или општински компостари кои имаат строго контролирани услови, како температура, влажност, аерација и сл.

Надвор од овие услови, фрлена на депонија, оваа пластика не се знае како и за колку време ќе се разгради и колку микропластика ќе остане“, велат од здружението.

Прво ќе се укажува, па ќе казнува

Казни за неспроведување на оваа законско решение се уште нема, и покрај очигледното неспроведување на законот низ делови од земјава, а инспекторите од Државниот пазарен испекторот, како што информираа од таму, веќе се на терен за да видат како се спроведува Законот, но од таму најавија дека на трговците прво ќе им укажуваат за остранување на недостатоците, а дури потоа ќе казнуваат.

Според Законот глоба во износ од 9.000 до 10.000 евра е предвидена за микротрговци, од 18.000 до 20.000 евра за мали трговци, од 53.000 до 59.000 евра за средни трговци и од 89.000 до 98.000 евра за големи трговци, доколку податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените кеси не ги пријавува кај стручниот орган.

Според прекршочни санкции од втора категорија, глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра е предвидена за микротрговци, од 25.000 до 28.000 евра за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра за големи трговци доколку произведува и/или пушта на пазар пакувања кои не се изработени согласно барањата од овој закон.

Автор: Петре Димитров