Мирјана Лазарова-Трајковска: Пандемијата остави тешки последици во уживањето на граѓанските права и слободи

0
80

Низ минатото, за време на кризи, природни катаклизми, вооружени конфликти,  се покажа дека човековите права се први на удар и трпат бројни ограничувања, па дури и порекнувања. Најчесто ваквите загрозувачки состојби се случуваат како виша сила. Но, ни како такви тие не не ослободуваат од дилемите и предизвиците на човечноста содржана во корпусот човекови права и слободи. Напротив, токму во такви ситуации луѓето или остануваат луѓе или запаѓаат во варварство. Токму затоа, изнаоѓањето на вистинската мерка за нужните ограничувања на човековите права и слободи, денес е прашање за одржување на цивилизираноста во услови на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19. Ова се размислувањата на д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд и поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Две години по појавата на пандемијата, во пресрет на заострувањата на мерките за заштита од вирусот, многубројните ограничувања и задолжителната вакцинација којашто се воведува во бројни земји во светот, таа за ПИНА ги споделува искуствата на другите земји околу тоа дали и колку рестрикциите задираат во човековите права и дава одговор на дилемите кои човекови права се директно засегнати од вонредната состојба како последица на Ковид-19.

Последиците особено ги чувствуваат ранливите групи

Дали е доволно и што всушност денес значат одредбите содржани во многубројните меѓународни документи за човекови права и за хуманитарно право за т.н. апсолутни права за ограничување и прекршување за кои не постои толеранција и особено за т.н. неапсолутни права за кои вообичаено на државите им се допушта извесна маргина на уважување во нивното уредување? Дури и во „нормални услови” дозволени се одредени ограничувања на неапсолутните човекови права и слободи единствено ако за тоа има законски основ, ако постои јасна легитимна цел (вклучувајќи го и здравјето) и само ако тоа е неопходно потребно во едно демократско општество. Кое било ограничување на човековите слободи и права задолжително е предмет на анализа од аспект на еднаквоста и недискриминацијата. Покрај тоа, во услови на воена или вонредна состојба, честопати се поставува и прашањето дали хуманитарното право има примат или пак беспоговорно заштитата на човековите права, дали се применуваат консекутивно, дали постои некаква паралелна примена на двете или пак едното не го исклучува друго?

Судијката Лазарова-Трајковска вели дека несомнено, пандемијата на Ковид-19 ги покренува овие и  многубројни други прашања во врска со почитувањето на стандардите за заштита на човековите права. „Веќе е повеќе од јасно дека пандемијата остави тешки последици во уживањето на граѓанските права и слободи, делумно со директни ограничувања, на пример на слободата на движење, а уште повеќе индиректно, на пример со ограничувањето на економските активности и социјалните права во целиот свет. Последиците особено ги чувствуваат ранливите групи на сиромашните, мигрантите, жените, децата, луѓето со различна сексуална ориентација“, укажуваа таа за ПИНА.

Мерките кои ги преземаа владите имаат за цел пред се заштита на јавното здравје. Од таа перспектива ограничувањето на човековите права и слободи е инструмент на јавните политики  во интерес на заштитата на јавното здравје.

Неуставна одлука

Уставниот суд на Словенија неодамна ја прогласи за неуставна одлуката на словенечката влада дека во службените простории на државната администрација можат да работат само вакцинирани лица и оние кои се заразиле со Ковид-19 и на тој начин стекнале имунитет. Владата на Јанез Јанша кон средината на септември годинава донесе одлука државните службеници да доаѓаат на работа само доколку се вакцинирани или прележале ковид, но таа не стапи на сила, бидејќи синдикатите на вработените побараа од Уставниот суд да ја провери уставноста. Во пресудата, уставните судии навеле дека таканаречениот „ПЦ услов“ за доаѓање на работа, што „значи само вакцинирани и болни“, всушност е еднаков на воведување задолжителна вакцинација за вработените и дека такво нешто не може да биде пропишано со подзаконски акти или владини одлуки. Ваквата одлука следи откако повеќе земји во Европа и во регионот најавија построги мерки и задолжителна вакцијација како заштита од новите заразни соеви.

И француските власти усвоија нови, построги мерки против епидемијата од коронавирусот, кои вклучуваат и затворање на ноќните клубови на четири недели. Австрија, пак, го претстави првиот предлог-закон со кој треба да се воведе задолжителна вакцинација во земјата. Задолжителната имунизација против ковид-19 би важела за сите граѓани со наполнети 14 години, освен за трудниците и за оние што го прележале вирусот во изминатите 180 дена. Доколку некој не се вакцинира поради здравствени причини, тоа треба да биде потврдено од лекар. Доколку овој предлог-закон биде усвоен, треба да стапи во сила од 1 февруари следната година.Оние што ќе одбијат да се вакцинираат, ќе бидат парично казнети, односно ќе треба да плаќаат износ од 600 евра на секои три месеци. Највисоката парична казна е одредена на 3 600 евра. И идната германска влада сака од 16 март да ги направи вакцините против коронавирус задолжителни за сите вработени во болниците, домовите за стари и изнемоштени лица и другите здравствени установи, според нацрт-закон во кој имале увид некои агенции.

Кои човекови права се директно засегнати со вонредната состојба?

Нашата соговорничка вели дека определувањето на мерки како што се целосно затварање на цели градови, изолација, карантин, социјално дистанцирање, претставуваат вмешување во многу од правата заштитени со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).  Сепак, контекстот во кој е преземена мерката претставува значаен фактор, со оглед дека во модерното општество вообичаено се појавуваат ситуации каде јавноста би можела да биде повикана да издржи ограничувања на слободата на движење или други права и слободи во интерес на јавниот интерес.

„Во околности кога е доведено во прашање јавното здравје, не само ограничувањата на слободата на движење, туку исто така и лишувањата од слобода се дозволени, но само и исклучиво ако тие се спроведени во согласност со постапка пропишана со закон и ако се неопходни и пропорционални на легитимната цел што треба да се постигне. Покрај тоа, во услови на пандемија, граѓаните имаат големи очекувања од државата да ја исполни својата позитивна обврска и да го заштити нивниот живот и здравје и при тоа да се воздржи од преземање на мерки кои би биле спротивни од забраната од тортура, деградирачко и понижувачко постапување и особено да води сметка да не го повреди нивното право на приватен и семеен живот“, додава поранешната судијка во ЕСЧП.

Последната година најголемиот број на европјани и пошироко, затворени се во нивните домови и изолирани од членовите на поширокото семејството, од своите пријатели, соседи, колеги. Несомнено, вели Лазарова -Трајковска, ова е директно вмешување во нивното право на слобода на движење согласно ЕКЧП и таква форма на упад може да биде прифатена само ако ограничувањето на слободата на движење е засновано на закон (на пример Закон за вонредна состојба, Закон за заштита на здравјето итн.), служи за јасна легитимна цел (заштита на здравјето на нацијата), ако таквото ограничување било неопходно во едно демократско општество и најважно од се дали било пропорционално на легитимната цел. Кога ограничувачките мерки ќе се применуваат подолг временски период, тие се вмешуваат не само во слободата на движење или правото на слобода и безбедност, туку и во цел спектар на други права загарантирани со ЕКЧП, вклучително и правото на почитување на приватниот и семејниот живот. Долгото траење на вонредната состојба и изолацијата на граѓаните, претставуваат пречка да ги посетуваат семејствата, да развиваат лични контакти преку спортски, културни и други социјално важни настани кои вообичаено ги уживале и природно им припаѓаат. Во такви услови, изолацијата има особено големо влијание врз животот на постарите лица како особено осетлива група на граѓани, бидејќи тие зависат од вниманието и  негата, од семејните и други контакти кои во услови на вонредна состојба се ограничени.

„Во услови на пандемија покрај слободата на движење, ограничено е или во одредени временски периоди и целосно спречено уживањето на правото на слобода на вероисповест, на здружување и одржување протести. Покрај овие права и слободи, и слободата на изразување трпи последици. Сепак, правото да се добиваат и споделуваат информации се исклучително важни, особено правото да се биде информиран за прашања поврзани со заштитата на здравјето и во исто време да се ограничи ширењето на дезинформации. Затоа, какви било преземени мерки мораат сепак да бидат сразмерни со целта што треба да се постигне“, вели Мирјана Лазарова-Трајковска.

Спреченоста да се комуницира нормално во изминатата година, покажа дека постојат проблеми и за децата кои живеат со еден родител или пак се одвоени од обата родители, да ги посетуваат и да поминуваат време заедно. Децата низ светот не можат да одат на училиште и нормално да го следат образованието па училиштата воведоа настава од далечина за која е потребно да се поседува компјутер и интернет. Како последица на овие мерки, особено страдаат децата од посиромашните семејства. Ковид-19 несразмерно поставува висок ризик за оние кои живеат во изолација или во целосно затворање во услови кои можат да биде катализатор за бројни случаи на домашно насилство од очигледни причини кои вклучуваат зголемен стрес и тешки животни услови и прекршувања во механизмите за поддршка на заедницата.

Од друга страна, поради пандемијата, многу избори беа одложени и најверојатно ќе бидат одложени со цел да се спречат масовни собирања на луѓе и тоа логично би го ограничило правото да се гласа и да се биде биран, како фундаментални аспекти на нашите демократии.

Дигитална правда

„Што се однесува до процедуралните права, правото на пристап до суд и правото на јавно судење би можеле да бидат нарушени во пандемиската изолација во која повеќето судски институции во Европа имаат потешкотии во работењето, па го ограничија и би можеле да бидат обврзани да го ограничат пристапот на јавноста во одреден временски период. Покрај тоа, затворањето на судовите го зголемува ризикот од пролонгирање на притворот или пак се создаваат околности да се ограничи правото да се испитуваат сведоци,  дури и да се добие судска одлука во рок кој нормално не би бил разумен“, вели судијката со долгогодишно искуство.

Според неа, не постои поделотворна форма на заштита на човековите права и слободи од судската во нормални времиња, а особено во време на вонредна состојба како што е пандемијата. „Несомнено, во сегашната пандемиска ситуација делотворноста на правните лекови за повредите на човековите права беше во голема мера загрозена. Праксата покажа дека многу судови во светот брзо се реорганизираа и ја применија методологијата на работа од дистанца.  Дури и ЕСЧП од март 2020 година па скоро се до февруари 2021 година работеше од дистанца или поточно понекогаш применуваше хибриден модел на работа од дистанца и со присуство. Затоа, една година по прогласувањето на пандемијата не може да зборуваме дали постои потреба од внесување на нови технологии и техники за работа на македонските судови и од дистанца, туку мора да се насочат знаењето и енергијата кон што побрзо усогласување на процесните закони, на судовите и другите учесници во правосудниот систем кон проектирање на т.н. „дигитална правда“, укажува врховната судијка.

Предмети пред ЕСЧП кои произлегуваат или се поврзани со пандемијата

Од почетокот на пандемијата па се досега, ЕСЧП одлучувал во предметот по жалбата на Renaud Lе Mailloux против Франција, каде ЕСЧП потсети дека правото на здравје не потпаѓа под правата гарантирани со ЕКЧП, но дека државите имаат позитивна обврска да ги преземат неопходните мерки за заштита на животот на лицата под нивна надлежност и да го заштитат нивниот физички интегритет во доменот на јавното здравство.  Покрај тоа, ЕСЧП нагласи дека Конвенцијата не штити in abstracto од повреди на човековите права и не познава можност за жалба која би била actio popularis и бидејки жалителот не докажал дека е директна жртва во конкретните примери кои ги посочил како основ за повреда на правото на живот, забрана од тортура, нечовечко и понижувачко постапување, ја отфрлил неговата жалба како недопуштена.

Приоритети во врска со заштитата на човековите права во услови на Ковид-19

Најчесто поставувано прашање во услови на вонредна состојба, согласно начелото востановено во случајот на Осман против Обединетото Кралство [Osman v. United Kingdom], е дали државите ги презеле, односно ги преземаат сите чекори кои од нив разумно би можеле да се очекуваат за да ја спречат штетата за која тие знаеле или требало да знаат.

„Во поглед на важноста на заштитата на животот и здравјето на граѓаните, може да е оправдано државите да преземаат мерки за да стават во карантин или во изолација делови од населението или целото нивно население со цел да се забави пандемијата само ако тие мерки се пропорционални на целта што треба да ја постигнат. Несомнено легитимната цел за заштита на граѓаните од ковид ги оправдува мерките кои имаат влијание врз нашите животи последната година. За да бидат усогласени со ЕКЧП тие мерки треба да бидат во закон кој го има неопходниот „квалитет на право“, да биде прецизен и предвидливи, и треба да бидат пропорционални на легитимната цел која се има предвид, а тоа е заштитата на здравјето“, укажува судијката Лазарова-Трајковска.

Таа вели дека светот се соочува со очигледна потреба да се постигне рамнотежа меѓу колективната заштита и заштитата на индивидуалните права. Постигнувањето на баланс меѓу колективната заштита на здравјето како јавен интерес и индивидуалните права, не смее да се сфати како неразумно жртвување на индивидуалните права.

„Модерниот човек од либералните демократии кон кои стремиме и ние, има потреба да комуницира со светот околу себе, да твори, да пренесува, да патува и секое претерано наметнување на колективното над индивидуалното води кон исклучително опасно загрозување на слободите и правата кои ни припаѓаат како слободни суштества“, децидна е таа.

Земјите во светот воведоа и воведуваат повеќе мерки со кои се настојува да се спречи или намали ширењето на различните соеви и потсоеви на вирусот. Во април 2021 година, во пресудата Вавричка и останатите против Чешката Република,  во врска со задолжителното вакцинирање, Европскиот суд за човековите права нагласи дека задолжителноста на вакцините за одредени болести во таа земја било законско и ја следело легитимната цел да го заштити здравјето и правата на другите. При оценувањето дали мешањето во човековите права било неопходно во едно демократско општество, Судот ги одмерува како фактори маргината на уважување на пристапот на конкретната држава, потребата односно јавниот интерес на општеството, и пропорционалноста на преземените мерки.

Како заклучок, во пресудата на Варвичка, ЕСЧП констатирал дека мерките за вакцина оценети во контекст на домашниот систем, стоеле во разумен однос на пропорционалност со легитимните цели што ги следела тужената држава, која не ја надминала својата маргина на уважување наметнувајки обврска за вакцинација. Затоа, тие мерки ЕСЧП ги оценил како „неопходни во едно демократско општество“.

Aвтор: Даниела Зафировска