
Во 70-годишната историја на највисоките правосудни институции, се уште немало жена државен јавен обвинител, ниту жена декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и покрај пријавените кандидатки. Иако бројот на жени јавни обвинители расте, нивната застапеност на повисоки позиции останува пониска од мажите.
Ова е еден од клучните факти од проектот „Премостување на родовите стереотипи во правосудството”, финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје, во чиишто рамки Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) направи „Анализа на родовите аспекти во правосудството“.
„Активното учество на жените во општеството, јавниот и политичкиот живот, вклучително и правосудството, врши позитивни влијанија врз животите на граѓаните и го помага остварувањето на демократските вредности. За таа цел, Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) ја изготви Анализата за родовите аспекти во правосудство која се обидува да ги согледа состојбите со родовата еднаквост во правосудство низ призмата на повеќе области: условите за влез, како и професионалниот напредок на жените во правосудството, понатаму влијанието мајчинството и бременоста за напредок на жените во правосудство, родово- базираната дискриминација како и штетните стереотипи и предрасуди кои влијаат врз вклученоста и напредокот на жените во правосудната професија.
Зошто е ова важно? Бројни истражувања покажуваат дека како сè повеќе жени се избираат на функција, така сè повеќе се креираат политики во кои се нагласува квалитетот на животот и се одразуваат приоритетите на семејствата, жените и малцинствата. Ова се отсликува и во правосудството: обезбедување на родовата еднаквост е тесно поврзано со правичноста, транспарентноста и ефективното владеење на правото и пристапот до правда,“ вели за ПИНА.мк, програмската менаџерка во Центар за правни истражувања и анализи Татјана Стоименовска.
Истражувањето покажа дека жените се соочуваат со поголеми тешкотии за стигнување на раководни позиции во правосудство, претседателки на судови и раководителки на јавни обвинителства. Причините, според Стоименовска се комплексни, но може да се издвојат неколку.
„Една од причините е помалата општествена и политичка моќ на жените, кога жените се перципираат несоодветни за некоја лидерска улога. Тоа се должи на штетните родови стереотипи кога жените се перцепираат како „поемотивни“ и дека таа карактеристика влијае на нивните лидерски способности, споредено со мажите. Постојат разлики во можностите за напредување на судијките и јавните обвинителки, бидејќи јавниот обвинител сè уште се перципира како „машка позиција“.
Ова се потврдува со фактот дека Република Северна Македонија досега нема избрано жена за Републички јавен обвинител, иако имало кандидатки. На сите клучни, раководни позиции во обвинителствата се наоѓаат мажи. Па така, во моментов, Републичкиот јавен обвинител е маж; сите четири Виши јавни обвинителства ги раководат мажи, како и двајца мажи се на чело на Скопското Јавно Обвинителство и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал,“ додава Стоименовска.
Понатаму, бременоста и мајчинството беа истакнати како значајни фактори што го ограничуваат кариерниот напредок на жените во правосудството. Анализата покажа дека системот не обезбедува соодветна поддршка за жените во текот на бременоста и по породилното отсуство. Дополнително, родовите стереотипи и пристрасности, и ограничувањата во оценувањето за време на породилното отсуство ја намалуваат можноста за напредување, што се потврдува со последниот случај на дискриминација од Советот на јавни обвинители врз основа на бременост и родителство.
Во делот на Родово базирана дискриминација, Анализата покажува дека во делот на Академијата за судии и јавни обвинители и почетната обука постојат ограничувања за бремените кандидатки и користењето отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство. Законот не ги уредува правата на користење отсуство поради бременост, раѓање и родителство за кандидатките кои почнале со слушање на наставата и оттука се очекува тие да продолжат со наставата без разлика на нивната новонастаната состојба.
„Во судството постои сексизам на повеќе нивоа, како во процесите на одлучување, така и во секојдневната работа. Дел од мажите судии и јавни обвинители сè уште ја доведуваат во прашање способноста на жените за вршење на функцијата, особено во јавното обвинителство и жените дополнително треба да ги покажуваат своите способности, наспроти мажите.Постојат и примери на сексуално вознемирување кои се манифестираат преку чести коментари во однос на облекувањето, физичкиот изглед, но и за приватниот живот,“ се вели во Анализата.
Една од препораките е воспоставување механизам за пријавување на сексуално вознемирувањеи родово-заснована дискриминација во правосудните институции, како и донесување Протокол за пријавување и заштита на судии, јавни обвинители и судии поротници во случаи на закани, вклучително и поддршка за жртвите, кои се соочуваат со родово-базирани закани.
Во делот на насилството, Анализата покажува дека жените се почеста цел на вербални напади (69,7% наспроти 30,3% кај мажите), и закани по живот (71,4% наспроти 28,6% кај мажите)
„Потребна е сензибилизација и едукација, за да се препознае родово базираната дискриминација. Фактот што жените раѓаат не треба да биде пречка за нивниот кариерен развој во правосудството. Затоа, се препорачува измена на законите за АСЈО за флексибилни услови за бремените слушателки и можност за продолжувањ на обуката со следната генерација. Потребна е поголема едукација за родовата еднаквост, но и разбивање на родовите стереотипи (поврзани и со мајчинството), како на општествено ниво, така и на ниво на правосудството, бидејќи тие влијаат на донесувањето одлуки и квалитетот на правдата,“ се дел од препораките од областа на Родово-заснована дискриминација.
Во однос на безбедноста пак се вели дека е потребно донесување на механизам на заштита за пријавување насилство или пак сексуално вознемирување.
„Потребно е јасно вклучување на родовите аспекти во клучните закони, како Законот за судови, Законот за јавното обвинителство и другите поврзани закони. Освен законската рамка, важно е и воведување на родова перспектива во етичките кодекси на судиите и обвинителите, со цел подобро справување со родовата дискриминација и унапредување на родовата еднаквост. Прекршувањето на овие кодекси треба да се санкционира за да се обезбеди одговорност;“ вели Стоименовска.
За улогата на Европскиот суд за човекови права, Никола Донев од ЦПИА вели дека неговата работа придонесува за подобра свест и решавање на проблемите со родовата дискриминација.
„Северна Македонија е обврзана да ги следи пресудите на ЕСЧП, но тие ретко се применуваат од домашните судови, особено кога станува збор за случаи на родова нееднаквост. Дополнително, клучните закони сè уште не ја вклучуваат доволно родовата перспектива, а недостига и финансиска поддршка за спроведување мерки за родова еднаквост,“ додава Донев.
Од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) велат дека ќе продолжат да се залагаат за воспоставување на правичен правосуден систем, вклучувајќи ја родовата еднаквост како едно од од клучните начела за постигнување на таа цел. Од таму ќе се насочат кон поддршка за промени на политиките и законите, едукација и обука, охрабрување на жените за поголема застапеност на раководни позиции, преку воспоставување менторски мрежи и поддршка за кариерен развој.
Авторка: Сара Танаскоска