Студентските стипендии од оваа академска година ќе бидат покачени, со тоа што социјалните од 3300 се зголемуваат на 6050 денари, а стипендиите за успех од 4400 на 6050 денари. Но, ова не важи за студентите кои веќе имаат договор за стипендии од претходните години, туку само за оние кои ќе поднесат за прв пат. Ако студентите одлучат да се откажат од старата стипендија и да поднесат за новата со речиси дупло поголеми примања, постои ризик да останат и без двете.
Алмира Јахјаова е студентка во четврта година на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Таа е корисничка на стипендијата од втора група, односно студенти кои постигнале особено висок успех во учењето со најмалку 9.00 просечен успех, а нејзината стипендија изнесува 4400 денари месечно, девет месеци во годината.

За „ПИНА“ таа вели дека нема никаква корист од зголемувањето на стипендиите и објаснува дека, како и на секој студент, така и на неа, откажувањето од стипендијата и аплицирањето за новата и претставува ризик. Дополнително посочува дека нема никаква гаранција дека истата ќе ја добие, доколку бројот на апликации е исполнет.
„Ова не треба да го дозволиме бидејќи беше ветено дека сите стипендии ќе се зголемат и не е логично некој да не биде опфатен со зголемување затоа што веќе е корисник од претходно. Ова доведува до намалување на мотивацијата на секој студент, како и поделба меѓу студентите. Ако целта е да се вреднува трудот, знаењето и подобрувањето на стандардот на студентите, тогаш тоа треба да важи за сите. Оваа одлука на МОН мора да биде изменета и лично сметам дека постои такво решение за сите да добиеме покачување на стипендиите“, вели Јахјаова.
Истовремено, таа порачува дека институциите треба да бидат тука за студентите, и како што вели, „затоа не смееме да дозволиме вакви неправди“.
Од Министерството за образование и наука за „ПИНА“ кусо одговорија дека сите студенти кои се веќе корисници на стипендии, ќе продолжат да се исплаќаат според договорот кој го имаат потпишано со нив, додека новите корисници правото ќе го остварат преку аплицирање на новиот конкурс.
Но, оттаму не одговорија која е причината што не се обезбедило раскинување на старите договори за стипендии, без ризик за студентите да останат и без двете, колкава е бројката на студенти кои што земаат стипендии по старите договори, како и тоа дали постои простор за промена на ваквата одлука и веќе од оваа академска година нивните договори да се изедначат.
Претставничките тела бараат решение
Универзитетското студентско собрание при Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола не се согласува со ваквиот модел на покачени стипендии. Според нив, апсурдно е студентите кои веќе земаат стипендија, таа да им биде помала од стипендијата на новоаплицираните студенти, кога, како што велат, сите имаат исти потреби и сите имаат право да добиваат еднаков третман.
Истовремено, тие велат дека го разбираат аргументот на МОН од правен аспект, но, додаваат дека ова ќе продуцира продолжена дискриминација врз студентите, имајќи предвид дека сите студенти ги имаат истите трошоци и се соочуваат со истите потешкотии како последица од КОВИД-19.
„УСС е во постојана соработка со Студентскиот Правобранител на УКЛО и разговаравме со правните служби во Ректоратот на УКЛО со кои детално ја разгледавме ситуацијата и увидовме дека е тешко од правен аспект да се измени ситуацијата за скоро време. Но, во секој случај, апелираме со МОН да пронајдат решение со кое нема да биде ни еден студент оштетен. Поради тоа, УСС УКЛО ќе испрати допис до Министерството преку кој формално ќе го адресираме овој проблем бидејќи студентите започнаа да размислуваат да ги откажат старите договори и за аплицираат повторно, за што имаат ризик да ја изгубат целосно и таа стипендија која сега ја добиваат. Студентите не заслужуваат да бидат ставени во ваква ситуација“, велат тие.
Од студентското собрание посочуваат и дека доцна се дознало за стипендиите, во период кога е тешко и нешто да се промени. Но, потенцираат дека доколку се има волја може да се промени ситуацијата и сите студенти да имаат еднакви права во однос на стипендиите.
Претходно тие биле повикани и на работни средби во МОН, каде се разговарало за одредени теми меѓу кои и покачувањето на стипендиите, но тогаш се уште не било познато дека покачувањето ќе се однесува само за новите апликации за стипендија.
Автор: Кристијан Трајчов