Медиумите со одговорност за филтрирање навреди или говор на омраза во коментарите под вестите

0
164
Илустративна фотографија

Говор на омраза, ксенофобија, расизам, дискриминација, навреди се дел од работите кои неретко може да се прочитаат во коментарите под одредени вести кои се пласираат од медиумите на социјалните медиуми. Познавачите на состојбата велат дека ваквите појави може да имаат штетни последици, а дека за филтрирање на коментарите од публиката се одговорни тие кои ја споделуваат, во случајов самите медиуми.

Експертката и извршна директорка на Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ), Марина Тунева децидно вели дека медиумите имаат одговорност редовно да прегледуваат и брзо да ги отстрануваат коментарите со говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици под новинарските содржини на веб-страниците или социјалните мрежи.

Според неа, недозволиво е медиумите да дозволат да бидат, како што вели, злоупотребени и да послужат како средство за ширење омраза, упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир.

Стандардите и насоките во однос на ова, Тунева посочува дека се содржани во Кодексот на новинарите во онлајн сферата подготвени од СЕММ.

„Онлајн медиумот е одговорен и за содржината на објавените коментари од своите читатели, објавени на веб-страницата на онлајн медиумот во просторот за коментари, под новинарските содржини“, стои во член 20 на кој посочува Тунева.

Одговорност, според неа носат и медиумите, за кои велат дека е потребно соодветно да реагираат.

„Честопати говорот на омраза што се генерира под медиумските содржини објавени на социјалните мрежи не е ‘дело’ само на еден поединец, туку може да биде и производ на оркестрирана кампања во којашто се користат различни методи, како што е, на пример, дискредитацијата по одредена основа, ширењето невистини, дезинформации, па и страв и закани“, објаснува Тунева.

Реакција на медиумите е потребна кога се работи за говор на омраза, дискриминација по различни основи, ширење невистини и дезинформации, посочува Тунева. Таа додава дека сите овие појави може да имаат штетни последици со далекусежно влијание, како врз поединците, но и врз целото општество.

Тунева истакнува дека медиумите коишто водат грижа за својот професионален кредибилитет сè повеќе ја разбираат потребата од навремена реакција и отстранување на ваквите содржини.

Таквата пракса пак, тие ја прават на различни начини, зависно од капацитетите кои ги имаат, додава Тунева.

„Некои ја отстрануваат опцијата за коментари, бидејќи дури и да се стават зборови коишто се забранети да се коментираат, сепак некои поединци наоѓаат начини како да ги напишат и да ги одбегнат алгоритмите. Одредени медиуми, пак, го исклучуваат каналот за комуникација преку социјалните мрежи поради големиот број на пораки кои ги добиваат, а публиката добива порака да ја контактира редакцијата преку е-пошта“, објаснува Тунева.

Но, со можностите за учество на публиката и коментирање на содржините, Тунева вели дека се појавила потребата од нова улога во редакциите, односно модератори на коментарите и нивно филтрирање, уредување, модерирање и така натаму.

„Се разбира, ова не е едноставен процес, а отстранувањето на штетните коментари не е секогаш лесна работа, особено ако малициозните креатори на такви содржини најдат начин како да се пробијат. Некои редакции имаат лица коишто се задолжени да ги бришат штетните коментари, но тоа станува прилично тешка задача доколку се работи за мал тим или, пак, доколку коментарите со такви елементи се сè позачестени“, објаснува Тунева.

Таа се осврнува и на друг момент, посочувајќи дека редакциите може да направат и многу повеќе од тоа.

„Новинарите и уредниците треба да истражуваат и објавуваат извештаи за наративи на омраза во медиумите, да ги стават во фокус и да ги проблематизираат наративите на омраза на политичари, јавни личности, итн., да се осврнат на положбата и потребите на малцинствата и други маргинализирани групи во општеството кон кои што неретко се употребуваат наративи на омраза“, смета Тунева.

Понекогаш пак, вели дека се случува редакциите да креираат стории за кои се чини дека се усогласени со принципите за новинарскиот професионализам, но, чијшто фокус или насоченост помага за зајакнување на говорот што промовира дискриминација или омраза.

„Тоа може да биде случај поради изборот на изворите на информации, речникот што се користи, итн. Оттука, почитувањето на стандардите на професионално известување мора да биде на највисоко ниво, нема подобро решение од тоа“, додава Тунева.

Комуникологот Бојан Кордалов кој е специјалист за односи со јавност и нови медиуми се позачестените коментари од ваков тип се одразуваат од целокупанта клима во земјава која, како што вели, се одликува со говор на омраза, дискриминација и навреди на сите страни.

Дебатата и интеракцијата помеѓу луѓето, која вели дека е и треба да биде основа на функционирањето на социјалните медиуми е често заменета со кавги, препукувања и натпревар кој повеќе ќе ја навреди другата личност.

„Дополнително, масло на оганот долеваат и дел од политичарите и јавните институции кои не градат демократски однос со медиумите, туку често се недостапни за нив или бараат начини како несоодветно да се однесуваат со нив и тоа тенденциозно на очиглед на целокупната јавност. Мислам дека е време да се потсетиме што по дефиниција и пракса значат медиумите во едно демократско општество. Колку е важна нивната улога за секој од нас, нашата слобода, зачувување на нашите права, но и пари со кои ја полниме државната каса“, објаснува тој.

Поривот за ваквите коментари, според Кордалов е потребата некој да се обвини за да не се согледа, како што вели, личната одговорност.

Дополнително, тој вели дека тоа е и поради желбата по секоја цена да се одбрани својата група или заедница со кои се идентификуваат тие лица, мислејќи дека така прават нешто добро за својата група или ја зачувуваат од надворешни напади.

„Во Македонија континуирано, со децении, од страна на политичките чинители се бараат виновници за лошите политики. Никогаш вината политичките чинители не ја бараат кај себе, туку како алиби секогаш тоа за нив се: банките, коморите (сопствениците) и медиумите. Градење ваква клима на лоша комуникација, стереотипи и стигматизација со децении, одамна длабински и вкоренето си го зема својот данок, за жал“, смета Кордалов.

Дел од факторите за ваквата ситуација, според Кордалов е и неказнивоста, но и бавната санкција за сторителите, кои влијаат и понатаму масовно да се случуваат ваквите дела.

„Лошиот однос на дел од јавните функционери кон медиумските работници и работнички, многу повеќе им дава ‘ветер во грб’ на граѓаните да ги напаѓаат, навредуваат и омаловажуваат медиумите“, додава Кордалов.

Ситуацијата пак, може да се подобри, само доколку се вратиме на основните „лекции“ по демократија, вели Кордалов.

„Да се потсетиме што се јавни институции и јавни функционери, односно дека се финансираат со парите на граѓаните.. Или со наједноставни зборови дека институциите и функционерите им одговараат на граѓаните, а не обратно. Понатаму, што се и која е улогата на медиумите. Односно дека тие се заштитници на јавниот интерес и својата работа ја вршат во име на граѓаните итн…“, вели тој.

„Ако вака поврземе, значи медиумите се претставници на граѓаните, а граѓаните ја контролираат работата на институциите. Аналогно, и медиумите ја контролираат работата на институциите во интерес на граѓаните. Тоа значи дека секое попречување (макар и вербално) на нивната работа мора да се третира како попречување на јавниот интерес, а тоа е многу сериозно дело“, додава Кордалов.

Истовремено, тој вели дека Владата и партиите мора да ги интензивираат односите и соработката со медиумските здруженија на професионален начин, и да бидат серивс на нивните барања, прашања и потреби во вршење на нивната дејност.

„Еве за почеток наведеното нека се промени и многу брзо ќе ги видиме разликите во целокупното функционирање и комуникација на релација граѓани – медиуми – институции“, дециден е Кордалов.

Автор: Мартин Колоски