Со големо полициско обезбедување, под мотото „Гласни и горди“ се одржа Парадата на гордоста во Скопје.
Припадниците на ЛГБТИ+ заедницата и оваа година побараа надминување на дискриминацијата во општеството како и заштита од страна на институциите. Клучно барање оваа година беше да се озакони родовото самоопределување во матичните книги.
Маршот почна од Триумфалната капија и продолжи со забава во Градскиот парк.
„Парадата на гордоста претставува всушност еден протестен повик кадешто заедницата заедно со своите поддржувачи излегува на улиците на еден ден е видлива и ги бара своите права“, изјави за ПИНА, Ангел Димитриевски од организацискиот одбор на „Skopje Pride“.
Младите денес се поотворени да зборуваат за својата сексуалност, но истовремено се засилува и говорот на омраза кон припадниците на ЛГБТИ+ заедницата.
„Сѐ повеќе и повеќе се нормализира говорот на насилство и како тоа насилство понатаму се пренесува во реалноста. Ние сѐ уште имаме родово базирано насилство. Сѐ уште имаме дигитално насилство, сѐ уште имаме навреди кон луѓе кои потекнуваат од различни родови идентитети и од различни сексуалност“, вели независната истражувачка Сара Миленковска.
Тиадол е драг-кралица од Скопје која веројатно и најмногу го привлече вниманието на присутните. Главната причина зошто е дел од Парадата на гордоста е да поттикне повеќе толеранција во општеството.
„Сметам дека во светот има место за секој. Не мора да се разбереме целосно, па и да се сакаме, можеме само да се толерираме. Мислам дека е доволно, тоа е клучниот збор поради кој сите луѓе ќе живеат среќно“, вели Тиадол за ПИНА.
Пред почетокот на маршот, говори одржаа претставници на заедницата, но и мајка на лице со различна сексуална ориентација.
Лила Милиќ, трансродово лице, пред присутните кажа дека органите на прогон немаат капацитет за препознавање и заштита на маргинализираните луѓе.
„Сѐ уште немаме ниту еден случај со кој поединец или група бил осуден. Јас лично, континуирано сум жртва на говор на омраза особено од страна на организации кои се здружуваат со единствена цел. Да ги негираат правата на ЛГБТИ заедницата и родовата еднаквост. Многу пати досега сум поднела кривична пријава и сум побарала заштита, но Обвинителството и полицијата ништо не преземала“, рече Милиќ.
Мајката на лице со различна сексуална ориентација, пак, порача дека важно е овие луѓе да се разберат и да се поддржат.
„Процесот на осознавање и прифаќање на различните ориентации и родовите идентитети на нашите деца за нас родителите не е ниту брз, ниту лесен процес. Јас тоа добро го знам, верувајте. Поминав низ сето тоа. Но, не е лесен ниту за нашите деца. Тие се најчесто збунети, исплашени, тажни, очајни, лути и трагаат по одговор на бројни прашања. Исто како нас“, рече таа.
Поддршка добија и од неколку актуелни и поранешни политичари. На Парадата на гордоста присутни беа вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерките за труд и социјална политика и за култура, Јована Тренчевска и Бисера Костадиновска Стојчевска. Присутни беа и пратеничките Маја Морачанин и Моника Зајкова, а поддршка добија и од делегации на неколку амбасади во земјава.
Маричиќ во изјава за ПИНА рече дека Законот за родова еднаквост во Собранието ќе биде испратен тогаш кога ќе има поддршка за донесување и имплементирање.
„Колку што знам се прават сериозни и длабоки консултации со сите делови на општеството и со сите политички партии. Мислам дека Законот ќе се испрати во оној момент кога ќе имаме јасна слика дека може брзо да помине во Собранието, бидејќи тоа е целта. Целта е тој Закон да помине и да се имплементира и да заживее. Не е целта да остане во собраниските процедури или да остане само на хартија“, рече Маричиќ за ПИНА.
Пратеничката Морачанин вели дека донесувањето на Законот за родова еднаквост ќе го институционализира ова прашање и ќе донесе системско решение.
„Со овој Закон практично ќе се формира една родова машинерија, што велиме ние. Прво, почнувајќи од Секретаријатот за родова еднаквост, како врвно тело, и потоа во секоја институција практично, прашањето за родова еднаквост да биде дел од тие обврски на институциите“, рече Морачанин за ПИНА.
На Парадата присуствуваа околу 1.000 луѓе, претежно млади. Видливо беше засилено полициско обезбедување кое не дозволи никакви инциденти.
Автор: Даниел Василев