Карантинските периоди тешки за ЛГБТИ лицата кои живеат во хомофобична средина

0
355

Периодите на долги полициски часови поради кризата со Ковид 19 имаат негативно влијание врз многумина во општеството, но тоа е особено големо за ЛГБТИ заедницата која често се соочува со хомофобија и во домот, велат нашите соговорници. Скоро шеесет проценти од анкетираните во истражувањето на Мрежата за борба со хомофобија и трансфобија за влијанието на кризата врз заедницата навеле дека нивното ментално здравје е загрозено како последица на здравствената криза предизвикана од КОВИД – 19.

,,Родителите се сомневаат но никогаш не сум им ја потврдил својата сексуална ориентација, скоро секој ден мајка ми ми поставува прашања, ме подбуцнува, ме навредува на различни начини но сеуште не сум се охрабрил да им го признам ова“, вели нашиот соговорник кој сака да остане анонимен.

Периодот кој го поминал за време на полициските часови поради кризата со Ковид заедно со неговиот родител за него воопшто не бил едноставен. Деновите ги минувал заклучен во соба и контактирал со луѓе од ЛГБТ заедницата затоа што само тие ја разбирале ситуацијата во која се наоѓа.

За него и многу други како него, карантинскиот период со хомофобичен родител воопшто не бил лесен. Според него, единствено ,,бегство“ од негативната атмосфера што преовладувала во неговиот дом, биле контактите со луѓе од ЛГБТ заедницата, кои како што рече се единствените што го разбирале, затоа што веројатно, поминале низ иста ситуација. 

,,Секогаш, откога знам за себе сум се трудел да држам растојание со моите родители, бидејќи не сум сакал да ја разберат мојата сексуална ориентација, и ако некогаш би се зближил, инстинктивно се терав да се оддалечам поради стравот. Ова не беше возможно за време на карантинот, бев принуден да останам во четири ѕида со нив, да ги слушам индиректните навреди, зборовите како тој некој (измислен) го истерал своето дете од дома кога сфатил дека е хомосексуалец, понекогаш дури и обид за насилство. Тоа беше хорор, не би сакал повторно да доживеам такво нешто“, вели нашиот соговорник.

Вербални напади, насилство и говор на омраза

Проблемите со различните типови на насилството претставуваат секојдневен проблем на луѓето од ЛГБТИ заедницата. Првичните резултати од истражувањето на Мрежата за борба со хомофобија и трансфобија на влијанието на кризата со Ковид врз ЛГБТИ заедницата, покажуваат дека 12% од испитаниците доживеале некаков тип на насилство. Но, лицата кои доживеале насилство најчесто не го пријавуваат истото, ниту во државните институции ниту во граѓанските здруженија.

„Анализата покажува дека најмногу од нив доживеале вербално и психичко насилство, односно 53% или седум лица се жртви на говор на омраза и на насилство на интернет, додека две лица навеле дека доживеале физичко насилство. Како примарни причини заради кои тие не сакаат да пријавуваат се издвоиле две причини. Повеќе од половина, односно 69.2% навеле дека немаат доверба во институциите за да го пријават случајот и речиси половина, односно 46.2% се плашат од откривање на нивната сексуална ориентација и/или родов идентитет од страна на службениците“, се вели во истражувањето на НМХТ.

Ист толкав процент, односно 46.2% од испитаниците стравуваат од предрасуди и откривање на нивната сексуална ориентација и/или родов идентитет пошироко во нивната околина. На 38% од испитаниците им е страв за нивната лична безбедност по пријавувањето на случајот, а на 23% не им е пријатно да зборуваат за нивната сексуална ориентација при пријавување на случајот.“

Беким Асани од невладината организација ,,ЛГБТИ Јунајтед“, кој неодамна и самиот беше физички нападнат во Тетово вели дека ги примиле првите повици за помош дури од втората недела на пандемијата, и според него има случаи кога овие лица биле принудени да трпат насилство, затоа што немаат каде да одат.

„Од почетокот на епидемијата се забележа значително зголемување на хомофобија, бифобија, трансфобија и насилство врз ЛГБТИ лицата, главно во семејството, но и во пошироката заедница. Многу млади ЛГБТИ лица кои се од помалите места но студираат во Тетово или Скопје, со затворањето на студентските домови се најдоа на крстосница, или да се вратат кај нивните хомофобични и насилни семејства или да се засолнат каде што може да преживеат, десетици од нив ги загубија работните места а многу други и основните услови за живот. Првите барања за помош како организација ги примивме во втората недела од почетокот на пандемијата и воведувањето на рестриктивните мерки, барањата беа во главно од ЛГБТИ лица од руралните места и потребите беа во главно за прехранбени и хигиенски производи“, вели Асани и додава дека со помош на донаторите обезбедиле значајни количини на помош во прехрамбени производи.

Според него, најпогодени од кризата се оние кои живеат со хомофобични семејства и оние кои делеле ист простор за време на рестриктивни мерки со не-поддржувачи. 

Психолошката поддршка – клучна во кризни ситуации

Според психологот и семејниот советник, Зорица Николова, секој вид дискриминација и нееднакво третирање значи кршење на Меѓународната конвенција за човекови права. 

Таа вели дека за многумина карантинот носи и можност за развој на стрес, вознемиреност, депресија, страв или паника. Овие чувства ги влошува живеењето на домашна атмосфера каде некој не е прифатен за она што е.

“Сите имаме различни системи за преживување и користиме различни одбранбени механизми при вакви ситуации. Не сите може да останат сами подолго време. Луѓето се по природа социјални битија и токму заради ова ограничувањето на движење ве доведува до непријатна ситуација. Во овој период луѓето и природно развиваат анксиозност, некои депресија а некои мисли за само-повредување. Кога ќе го земеме во предвид гореспоменатото и ќе додадеме и дека домашната атмосфера не е пријатна и има дози на неприфаќање, одбивање, омраза, дури и насилство. ЛГБТИ лицата се соочуваат секојдневно со овој вид атмосфера и ова може да влијае доста негативно, трауматично, народски кажано, последиците може да бидат застрашувачки и фатални“ истакна Зорица Николова. 

Според Николова, да се биде млад и да се припаѓа на немнозинска сексуална ориентација продолжува да претставува голем и тежок предизвик во хомофобично општество. Младите ЛГБТИ лица се поизложени на широк спектар на здравствени, социјални и проблеми на менталното здравје, како нарушувања на исхраната, сексуално преносливи болести, малтретирање (булинг) и потешкотии во образовниот систем, принуден секс, опасност да бидат оставени без покрив над главата, како и самоубиства.

Младите од ЛГБТИ заедницата и прифаќањето од родителите

Психологот Зорица Николова вели дека прифаќањето на ЛГБТИ младите од средината помага при намалување на интензитетот на она што луѓето го перципираат како негативно.

,,Што можат да прават младите луѓе кои секојдневно се соочуваат со хомофобични родители? Првенствено, времето во изолација можат да го поминат соочувајќи се со самите себе, среќавајќи се со сопствените стравови, искуство кое не е воопшто лесно. Да се фокусираат на нивните интереси и желби, на личен раст и развој, да постават здрави граници и да се обидат да ги разберат нивните родители.

Овој процес не е лесен и на голем број млади луѓе ќе им треба поддршка од блиски пријатели, блиски, партнерот, како и поддршка од професионални лица. Најважно е да се напомене е дека нема срам или страв да побарате помош.

Родителите сакаат да ги видат своите деца среќни, здрави и безбедни. Кога вашето дете се идентификува како ЛГБТИ, тоа сигурно не е нешто што тие го очекувале и сигурно не биле подготвени, но способноста на родителите за соочување со оваа појава и прифаќањето на истото е најважно и најбезбедно за вашето дете. Од досегашните искуства, може да се забележат различни форми на справување со фактот дека вашето дете се идентификува како ЛГБТИ. Можеме да забележиме две крајности, од кои првото е неприфаќање на детето, дури и протерување од домот, како и прифаќање на детето.

Советите кои би им ги дала на родителите се пред сè да си дадат доволно време да се прилагодат на новата ситуација, да бидат свесни за спротивставените чувства кои ви се појавуваат и да побараат помош во процесот на прифаќање на детето, а овде може да помогне подолго патување, помош од блиски пријатели, од родители кои веќе поминале низ овој процес, како и стручна помош, се со цел да на детето му се даде љубов, прифаќање и поддршка.“

Претходната зима за прв пат од прогласувањето на независноста на државата се воведе мерката полициски час, односно забрана за движење надвор од домот, како дел од мерките за заштита од ширење на коронавирусот во земјата. За есенва, не е исклучено повторно воведување на полицискиот час, доколку состојбата со коронавирусот се влоши и има големи бројки на активни случаи.

Автор: Ардит Рамадани

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.