Дебати, работилници и филмови што се фокусираат на актуелни теми во медиумите, за кои се дебатира во Европа и светот ќе може да проследи публиката на второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, кој ќе почне вечерва во 19.30 часот во Кино Култура.
Во трите фестивалски дена, десетина гости, врвни истражувачки новинари од цел свет ќе ги споделат своите искуства, а ќе видиме и дел од нивните документарни истражувачки филмови.
– Почнуваме со разговор со Џејн Литвиненко од „БазФид Њуз“преку кој публиката ќе може да дознае повеќе како да прави разлика помеѓу вистината и лагата на интернет. Ќе разговараме за проверка на фактите, но и за ширењето на дезинформации и измами на корисниците присутни во онлајн-светот. Потоа следи филм за „Фејсбук“ на Channel 4 кој ќе понуди прозорец кон тајните на оваа социјална мрежа – вели Кристина Озимец, главен координатор на фестивалот.
Литвиненко во својата работа се фокусира на теми врзани со дезинформациите на интернет. Таа истражува и анализира ширење лажни вести, дигитални измами.
Пишувала за онлајн-нелегална продажба на дрога, разоткрила мрежи од лажни сметки кои користејќи ги социјалните медиуми ги мамат корисниците и профитираат благодарение на онлајн-екосистемите.
Главната тема на годинешното издание на фестивалот е „Вистина, лаги и лајкови“.
Големиот интерес на публиката за дебатата на првото издание на фестивалот „Македонија и феноменот на лажни вести“ ни покажа дека иако секој има различно видување за тоа што е вистина, сепак многумина сме обединети во желбата да ја пронајдеме. Затоа, второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје ја разгледува вечната борба за превласт меѓу вистината и лагата, која кулминира во дигиталниот 21 век, велат организаторите. Фестивалот го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и партнерите Фридрих Еберт Штифтунг – Скопје.
Прв пат на фестивалот има гостин од „Гугл њуз лаб“. Станува збор за Даниел Жонса, кој ќе ги сподели можностите на современите дигитални алатки што им се на располагање на новинарите. Тројца истражувачи новинари од Германија, Анете Довидајт од „Велт“, Фолкер Штајнхоф од најстариот истражувачки ТВ-магазин „Панорама“ Оливер Шрем главен уредник на „Коректив ТВ“, кои ќе ги споделат предизвиците со кои се соочува истражувачкото новинарство во Германија, како и опасноста од ширење лажни вести и дезинформации во Европа.
Гости на фестивалот ќе бидат и истражувачките новинари Карло Бонини од „Ла Република“ и Мет Сарнецки, продуцент на The Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP), кои ќе се осврнат на сериозниот ризик кој ги следи новинарите во секоја нова потрага по вистината. Тие ќе ги претстават документарните филмови „Дафне“ за убиството на новинаркатаод Малта, Дафне Каруана Галиција и „Убивањето на Павел“, посветен на проблематичната полициска истрага за убиството на белорускиот новинар Павел Шеремет.
Годинава ИФФС ја носи и успешната приказна на хрватскиот портал „Лупига“, а новинарите Ивор Цар и Ладислав Томичиќ ќе зборуваат за успехот на нивната crowdfunding кампања, во која успеаја да соберат повеќе од 42.000 долари од своите читатели како финансиска поддршка за понатамошно независно функционирање на нивниот медиум.
Вториот фестивалски ден е македонски ден – посветен на медиумите и новинарството во Македонија и предизвиците на домашен терен. Отворено ќе се зборува за темата „Владиниот пиар и социјалните медиуми: влијание, присуство или преголемо присуство“. Учесници на дебатата ќе бидат: Бранко Героски, Божидар Божиновски, Марјан Забрчанец, Васко Маглешов и Бојан Кордалов.
Покрај документарците на СКУП и „Кадар“, ќе ја видиме и велешката бајка „Fake News Fairytale“ на лондонската режисерка Кејт Стоунхил). Од успешната домашна приказна за кратки видеа „Види Вака“ ќе ни раскажат како во една минута да ја освоите публиката на социјалните мрежи.
Влезот за сите настани е бесплатен.
Сите детали за фестивалот може да ги следите на веб-страниците www.pina.mk и www.iffs.mk, како и на нашите страници на Фејсбук:https://www.facebook.com/pina.mk/ https://www.facebook.com/iffs.mk/, Твитер https://twitter.com/pinamkd и Инстаграм.