Отворен Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, денеска се дебатира за состојбите на македонското истражувачко новинарство

0
72

Мора да ги поучите младите и возрасните како да разликуваат лажна вест од вистинска. За почеток, научете ги луѓето за новинарството. Кога ќе прочитате некоја вест, најпрво проверете ја нејзината веродостојност, на пример, на „Гугл“, па подоцна споделете ја – ова се дел од искуствата што со публиката на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, ги сподели новинарката Џејн Литвиненко од БазФид Њуз, синоќа на отворањето во Кино Култура.

-Ниеден ден во „БазФид Њуз“ не личи на некој. Мене ме радува што не морам да се објаснувам многу со мојот уредник. Лажните вести денес сите статистики покажувваат дека имаат повеќе следбеници од вистинските, особено во време на политички избори – рече таа и додаде дека една од поинтеренсите теми што сака да ги работи е разоткривањето на измами со криптовалути.


Фестивалот го отворија Кристина Озимец, главен координатор на ИФФС и претседателка на ПИНА и Милан Живковиќ од „Фридрих Еберт Штифтунг“, кои се партнери на фестивалот.

„Владиниот пиар и социјалните медиуми: влијание, присуство или преголемо присуство“ е темата на која се дискутираше денеска во 11 часот во Кино Култура во Скопје, на вториот фестивалски ден на Истражувачкиот филмски фестивал. Гости беа: Бранко Героски, Божидар Божиновски, Марјан Забрчанец, Бојан Кордалов и Васко Маглешов, кој ја модерираше дебатата.

Во 12.30 часот ќе следува презентација и работилница на дигиталниот медиум „ВидиВака“. Мите Кузевски, еден од основачите на овој медиум, ќе зборува на темата „Како да ја продадеш твојата приказна со помош на едноминутно видео?“

Два документарни филма на македонски автори ќе бидат прикажани како дел од програмата на фестивалот. Во 17.30 часот ќе биде проекцијата на „Случај Дрисла: Не смрди само ѓубрето“, истражувачки телевизиски документарец на SCOOP. Половина час подоцна ќе следува „Водомила“, во режија на Јордан Дуков, а продукција на „Кадар“. Длабоко во 21 век, во центарот на Македонија, долгогодишната негрижа на властите предизвикува апсурдна ситуација, каква што веројатно нема ниту во земјите од третиот свет.

Во 19 часот е закажана дебата на темата „Истражувачкото новинарство во Македонија – предизвици и како понатаму“. Ќе дискутираат новинарите: Александра Денковска, Фуркан Салиу, Владо Апостолов, Елида Зилбеари, Петар Клинчарски и Васко Попетревски, кој ќе биде и модератор на дискусијата.

Краткометражниот филм „Бајка за лажните вести“ на Кејт Стоунхил во 20.30 часот ќе не одведе до еден неверојатен епицентар на лажни вести – до Велес.

Додека, пак, „Дафне: Егзекуцијата“ во 20.45 часот ќе го отвори прашањето која била новинарката Дафне Каруана Галиција и зошто била убиена?

Истражувачкиот филмски фестивал Скопје го организира Платформата за истражувачко новинарство – ПИНА, во соработка со ФЕС-Скопје.