Минатата година во ноември, во моментите кога се зголемуваше првиот посериозен бран на заболени од коронавирусот, на Фејсбук се создаде уште една група насловена „Ковид-19 искуства и совети“. Првично, целта на групата била размена на искуства на група пријатели, но денеска таа брои над 56 илјади луѓе, кои прашуваат, одговараат и се бодрат меѓусебе во борбата против вирусот.
Во разговор за „ПИНА“, Антони Пешев кој заедно со неговата сопруга Анета се иницијатори на ова интернет катче, се присетува на моментите кога се формирала оваа група. Тој објаснува дека во овој период здравствениот систем бил преоптоварен и без сериозна стратегија за справување со вирусот.
„Мислам дека интензитетот на бранот ги изненади сите. Еден од нашите пријатели кој беше позитивен, ја прашал мојата сопруга Анета за совет или телефон од некој доктор со кој би можел да се посоветува за својата состојба. Беше веќе скоро 20 часот, па сопругата истото прашање го поставила на својот профил, со молба да ни биде посочен линк или личност со која би можел секој оној кој е позитивен или заразен да се информира, веродостојно, особено заради тоа што мерките за ‘lock down’ беа на сила“, објаснува Пешев.
Одговорот, како што додава тој, ги изненадил двајцата. Луѓето, вели, биле вознемирени, исплашени и по малку безнадежни дека некој ќе им пружи веродостојна информација, а токму тоа и бил силниот сигнал дека таква група за поддршка е повеќе од потребна.
„За неколку часови ги поставивме правилата, ја поставивме окосницата на групата и таа се појави на платформата Фејсбук. Ги поканивме нашите пријатели да и се придружат и да ја поддржат“, додава Пешев.
За нецели два дена во групата веќе се приклучиле 1.000 членови, а голема пресвртница била објавата на негов пријател кој раскажал за се она што му се случувало во борбата со болеста. Таа објава, Пешев посочува дека ја сменила, како што вели, целокупната ментална матрица на луѓето кои ја следеле групата.
„Болеста која до тој момент имаше предзнак на нешто од што треба да ви е срамота што несакајќи сте го добиле, и од кое ‘најверојатно ќе умрете’, се претвори во серија на лични сведочења и искуства од борбата на несреќните луѓе и повик за борба и оптимизам дека болеста сепак може да се совлада и од неа да се излезе. Бројот на членови почна да се зголемува со темпо од 1.000 членови на ден и многу скоро бројката на членови стана 20.000“, вели Пешев.
Сега, групата е претпознатлива локација каде може да се прочитаат многу корисни информации директно од луѓето кои се избориле или се уште се борат со болеста, тврди Пешев.
„Стана место на кое членовите доаѓаа и учествуваа со ентузијазам дека конечно прават нешто корисно, не се пасивни и уплашени туку спремни за борба со болеста, незнаењето и стравот. Членовите самите себе се нарекоа ‘Борци’. Членовите полни со ентузијазам по неколку пати во денот се вклучуваа, комуницираа, одговараа, прашуваа. Групата стана место за социјална интеракција на сите оние кои не сакаат повеќе да бидат пасивни посматрачи на тоа што ни се случува и сакаа да си помогнат едни на други“, појаснува Пешев.
Во самите правила на оваа група јасно се посочува дека секоја информација која членовите ќе ја прочитаат треба да се провери со лекар или фармацевт. Така било уште на почетокот, посочува Пешев, односно додава дека било стриктно потенцирано дека групата не е и не смее да биде замена на доктринарната медицина.
„Ниту една интернет група, страница или портал не смее да има амбиции да го замени здравствениот систем, доктринарната медицина базирана на докази и наука и научните откритија на институциите во светот. Тоа на некого може да му изгледа и примамливо ама да се пренебрегне здравствениот систем и да се замени со квази наука од интернет е не само своевиден авантуризам туку и многу многу опасно. Во духот на се ова, и до ден денес многу внимаваме фактите и науката да се единствениот извор на информации, покрај, се разбира, личните искуства на членовите“, вели Пешев.
Но, покрај загрижените граѓани, во групата често може да се налета на коментари на некои познати епидемиолози и професори од земјава, кои одговараат на прашањата на членовите.
„Докторите се неверојатни. Беа и сеуште се спремни, без никаква финансиска надокнада, да одговараат на се и сешто, свесни дека членовите им веруваат и дека во нивните совети гледаат поддршка, утеха, излез. Членовите знаат да поставуваат разни прашања, да поставуваат исти прашање по сто пати но никој ама баш никој тоа не им го замерува затоа што целта е една, сите да излеземе од оваа криза со што е можно помали последици и тегоби“, објаснува Пешев.
Групите за поддршка можат многу да им помогнат на луѓето со проблеми
Но, за тоа што значат ваквите групи за заедницата и зошто луѓето во прв план се одлучуваат да бараат помош од други, социологот Константин Миноски објаснува дека пред се социјалната мрежа Фејсбук нуди формирање на групи каде можат да се поврзат многу луѓе, без физичко присуство.
Дополнително, според него, барањата за помош се и поради малата доверба во институциите, вклучително и во здравството.
„Знаете како, ако не знаете кого да прашате, ‘не прашувај гаталец, прашај паталец’, некогаш така велат. Може да имаат корист затоа што велите и вие, има епидемиолози. Којзнае колку такви групи има во светот“, вели Миноски.
Според него, групите за поддршка можат многу да им помогнат на луѓето кои имаат проблеми, затоа што ги споделуваат нивните проблеми, како и искуствата како тие да се решат, но потенцира дека е многу важно во нив да има и стручни лица.
„Секаде каде што системот потфрлува, кога ќе потфрлат институциите, ако не функционира здравството, нема ние сега да легнеме да умираме, него си бараме решение. Некој ќе бара местачи за ‘рбет, некој чај за камен во бубрег, па ќе се прашува кој прави, тревари, вакви, такви. Значи секогаш се бараат некои алтернативни решенија“, вели Миноски.
Онлајн поддршката е важна но мора да се има предвид дека на социјалните мрежи секогаш мора да се внимава и информациите кои се читаат, особено поврзани со здравствени совети и ставови, да се проверуваат и/или да се бараат мислења од професионални медицински лица. Во онлајн сферата може да се забележат и голем број на дезинформации и лажни вести кои се однесуваат на коронавирусот и вакцините. Оттука, Миноски објаснува дека секоја технологија има и позитивни и негативни последици, во зависност од тоа како ќе се употребува.
„Секој тип на некој изум, инвенција, средство, алатка ја имаат таа можност, тука може да постои можноста да се шират дезинформации, меѓутоа претпоставувам дека кога има некој администратор, ги препознаваат луѓето, па ги отстрануваат… сега шпекулирам, не мора да значи тоа“, појаснува тој.
Истовремено, социологот наведува дека има различни групи за помош, вклучително и за справување со проблеми со насилство во семејство, зависности и слично.
„Има големи можности значи, особено сега како сме упатени на социјалните мрежи, каде што е и полесно на некој начин да ги искажат проблемите, заради некој може да биде со својот идентитет, некој не мора да е. Ако некој не сака да го искаже вистинскиот идентитет, а има одреден проблем, може да побара помош и да биде заштитен преку таа анонимност на некој начин“, објаснува Миноски.
Автор: Мартин Колоски