Стартува системот „Најди ме“ со кој рано ќе се предупредува за исчезнати деца

0
60

Деновиве се промовираше пилот проектот за рано предупредување за исчезнати деца ,,Најди ме“ кој започна да го спроведува граѓанската организација „Новинари за човекови права“ уште во 2021 година.

Овој систем е попознат како „Амбер алерт“, или итно предупредување за исчезнати деца која е порака дистрибуирана од системот за да се побара помош од јавноста за пронаоѓање на исчезнатите деца, а тоа вклучува низа механизми, како известувања преку радио станици, телевизии, билборди и слично.

Локалниот систем се имплементира по примерот на Австрија во форма на веб-страницата насловена „Австрија ве наоѓа“, а кај нас системот ќе го носи името „Најди ме“.

ПИНА разговараше со проектната координаторка од организацијата Александра Радевска. Таа објаснува дека системот потекнува од САД, односно дека Амбер е кратенка за „America’s Missing: Broadcast Emergency Response“ односно „Исчезнати во Америка: Емитуван итен одговор“.

„Системот ‘Амбер алерт’ функционира различно, зависно од начинот на кој во одредена земја е воспоставен, од кого е управуван и какви партнерства се воспоставени. Во моментов не постои единствен протокол бидејќи сите национални системи за предупредување се независни и доброволни. Сепак, повеќето се водат од четири основни критериуми: киднаперот мора да биде странец (непознат, односно не е член на семејството), жртвата мора да биде малолетна, шансите за телесна повреда или смрт мора да бидат големи и мора да има соодветни описни информации за киднапирањето“, објаснува Радевска.

За тоа со кои институции се реализира системот, Радевска вели дека системот за рано предупредување за исчезнати деца во Македонија се реализира во директна координација со Министерството за внатрешни работи.

Со нив, е потпишан и меморандум за соработка и протокол за размена на информации преку назначените контакт лица кои ја потврдуваат информацијата за исчезнатото лице пријавено во полиција по што се објавува и профилот на сајтот.

Информацијата потоа се дистрибуира во мрежата на соработници и партнери, односно на банкомати, преку смс-пораки до такси превозници, на дисплеите во јавниот сообраќаен превоз, до вработените во хотелските и угостителски објекти, но и преку социјалните медиуми и останати канали за јавна комуникација.

„Во текот на имплементација на проектот беа остварени низа соработки, консултации, работилници, студиски поети, со цел размена на искуства и јакнење на капацитетите на низа чинители кои се партнери во процесот на функционирање меѓу кои Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Агенција за заштита на личните податоци, Агенција за правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, невладиниот сектор, медиумските работници, со крајна цел координација и подобрена комуникација на сите чинители во превенцијата и гарантирањето на безбедноста на децата пред се“, појаснува таа.

Таа вели дека иако стапката на успешност е висока, сепак треба да се напомене дека постои протокол кога се активира системот и дека не треба претерано да се користи.

Според статистиките на „Амбер алерт Европа“, успешноста е од 80 до 90 отсто, а според проценките на „Амбер алерт САД“ пак, во 97 отсто од случаите на исчезнати деца тие биле пронајдени во рок од 72 часа, а дури 49 проценти исчезнале во местото на живеење.

Во однос на идејата за локален систем тука, Радевска вели дека како организација долго време работат на заштита на децата преку активности за превенција и подигање на јавната свест за заштитата на децата во доменот на сексуална експлоатација и трговија со деца.

„Идејата за системот за рано предупредување за исчезнати деца ја реализиравме во периодот на Ковид кога поради карантинот голем број на деца беа активни онлајн, каде се присутни и низа други ризици како предаторство и злоупотреби на дигитална содржина, а учествувавме и во процесот на консултации кој во соседна Албанија го започна ЕКПАТ Албанија преку консултации со сите чинители за потребата од Амбер алерт систем“, објаснува Радевска.

Во однос на тоа дали овој проект би бил долгорочен, Радевска вели дека во сегашниот формат системот, односно веб страната нема проблем со одржливоста и фунционирањето се додека постои некој кој е задолжен за нејзино ажурирање.

Тоа, всушност е контакт лицето од нивното здружение во соработка со контакт лице од МВР, а во план е и проширување на доменот на соработка со повеќе чинители и бизниси со цел поголема ефикасност во споделување на информациите за исчезнати лица.

„На долг рок, самоодржливоста на системот се гарантира преку заложбите за што поголемо ангажирање на општествените чинители, бизниси во неговото фунционирање и конечно негово институционализирање  односно преминување во доменот на институционално управување, најдобро од страна на МВР како што е случај во поголем број држави“, децидна е Радевска.

На веб-страницата „Најди ме“ постои опција за креирање профил за исчезнато лице, постои можност да се види и листа на исчезнати лица, која засега е празна, а постои и посебна секција за помош.

Граѓанската организација инаку го спроведува проектот во соработка со лидер организацијата ЕКПАТ Австрија, а со финансиска поддршка од Федералното Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.

Автор: Кристијан Трајчов