Здружението на граѓани Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), организација која долги години работи на полето спречување на насилство помеѓу младите и подобрување на нивната безбедност спроведе истражување „Состојбата со насилство на младите во С.Македонија“, а до сега имаат спроведено голем број на проекти и активности во оваа област.
ИЕП е носител на проектот „Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)”, кој го спроведува во партнерство со Нексус – Граѓански концепт од Скопје, Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД) од Куманово и Здружението за развој и активизам (АКВА) од Струга.
Кристина Сибиновска, проектен директор на проектот вели дека целта на ова истражување, била да се испита перцепцијата на младите, граѓанските организации (ГО) и експертите кои работат во оваа област, за различните форми на насилство помеѓу младите, кои се причините за тоа, како и дали воспитно-образовните и други релевантни институции превземаат доволно ефективни мерки за спречување на истото.
Кои се главните наоди од истражувањето, може ли да ни издвоите неколку важни поенти?
– Истражувањето се спроведе преку два прашалници, едниот наменет за претставници на граѓански организации, младински работници и експерти кои работат на темата, а другиот за млади лица. Интересно е што на прашањето за тоа каков тип на насилство има најмногу помеѓу младите, двете категории на испитаници делат ист став. Односно, 71,4% од младите и 86,1% од граѓански организации, младински работници и експертите, сметаат дека најмногу е застапено врсничкото насилство, на второ место е меѓуетничкото насилство, а како трет најзастапен тип е родово – базираното насилство. Додека на прашањето за тоа кој облик на насилство е најзастапен кај младите, на прво место е физичкото насилство (67,3%), потоа психичкото насилство (51%) и интернет насилството (47%) според одговорите на младите, односно како најзастапен вид на насилство според одговорите на граѓански организации, експертите и младинските работници на прво место се социјалното насилство (дискриминација, озборување..) (66,7%) и интернет насилството (66,7%), па потоа следуваат психичкото (58,3%) и физичкото насилство (36,1).

Во истражувањето се вели дека состојбата со насилството е нестабилна? На што конкретно се однесува овој податок?
– Во рамки на прашалникот, имавме конкретно прашање од затворен тип за тоа каков е нивниот став во однос на состојбата со насилството, односно дали е стабилна, нестабилна или пак, може да се подобри. Оттука, прецепцијата на граѓанските организации, младински работници и експертите кои работат во оваа област, е дека состојбата со насилството е нестабилна, додека пак, младите се малку пооптимистични, па поголемиот дел од нив сметаат дека може да се подобри. Меѓутоа, кога ќе ги земеме предвид и резултатите од одговорите на останатите прашања, може да се заклучи дека состојбата со насилството е нестабилна. Сепак, поради ваквиот резултат упатуваме на потребата од многу подлабинско истражување и компаративна анализа за да се согледа поголемата слика и причините.
Каква е состојбата на терен, дали младите препознаваат врсничко насилство, дали го пријавуваат во службите на училиштата, во институциите?
-Резултатите од истражувањето, покажаа дека младите го препознаваат врсничкото насилство, но многу мал број од нив го пријавуваат кај стручните служби (педагог, психолог), професор/ка или класен раководител во училиштата. Од друга страна пак, експертите сметаат дека воспитно – образовните институции недоволно успешно се справуваат и го спречуваат насилство кај младите, па дури 83,3% од нив, го делат ставот дека на воспитно – образовниот кадар (наставници, педагози, психилози) им е потребно зајакнување на вештините за успешно справување и спречување на насилство кај младите. Оттука, произлегува недовербата на младите во ефективноста на мерките и начинот на справување со овој проблем во училиштата. Додека пак, во институциите скоро и воопшто младите не пријавуваат кога ќе се случи насилство, иако голем број од испитаниците 73.5% знаат каде треба да се пријави. Ова не упатува на фактот дека е потребно уште подлабоко и подетално истражување за причините на недоверба во институциите.
Дали овие служби реално им помагаат на младите или пак проблемите остануваат непрепознаени, оттука и нерешени?
– Покрај резултатите од истражувањето кои претходно ги споменав во однос на ова прашање, односно дека воспитно-образовниот кадар има недостиг на вештини за спречување и справување со различните форми на насилство кај младите, па оттука и поголемиот број на проблеми со кои се соочуваат младите остануваат непрепознаени и нерешени, сепак има уште еден многу значаен сегмент кој придонесува кон ваквата состојба. Така, врз основа на досегашното искуство на нашата организација која долго време работи на оваа тема, може да кажам дека стручните служби во училиштата се пренатрупани со административна работа и немаат доволно време да се посветат на нивната примарна дејност зошто се и таму поставени. Потребни се повеќе средби со учениците, разговори, предавања и да се изгради еден близок однос на доверба помеѓу стручните служби (педагози, психолози)/професори и учениците. На тој начин и учениците ќе можат без страв да им се обратат за било каков проблем. Бидејќи за жал учениците одењето кај психолог и педагог го доживуваат како казна, а не како некој што е тука да им помогне.

Каква е состојбата со меѓуетничкото насилство дали тука има тенденција на зголемување?
-Сметаме дека нема зголемување на меѓуетничкото насилство. Напротив младите од различни етнички заедници се повеќе сакаат да се дружат, но поделбите ги правиме ние возрасните. Во некои училишта ги делат учениците од различни етнички заедници да учат во различни смени, а некаде дури имаат и изградено ѕид помеѓу училишето во кое учат Македонци и училиштето каде што учат Албанци. Ова воопшто не води во насока на меѓуетничка соработка, зближување и соживот на младите.
Како да се спречи овој вид на насилство помеѓу младите, посебно кога станува збор за мултикултурни средини?
-Во Македонија како мултиетничка држава, потребно е уште од најрана возраст децата да ги учиме на почитување други култури, обичаи и традиции. Најнапред во семејството, а потоа и во воспитно – образовниот процес. Треба да се иницираат што повеќе активности за зближување на младите од различни етнички заедници, а не да ги делиме.
Кои се препораките кои произлегуваат од истражувањето и на што треба во иднина да се работи?
– Ќе издвојам неколку клучни области во кои што е потребно, што е можно побрзо да се почне со работ зајакнување на вештините и знаењето на младите, зајакнување на капацитетите на воспитно – образовниот кадар (професори, педагози, психолози), родителите/старателите, како и на релевантните институции за успешно справување и спречување на насилство кај младите, градење синџир на соработка и доверба, помеѓу младите, родителите, наставниците, стручните служби, граѓанските организации и институциите, креирање на ефикасни механизими и алатки за успешно справување и спречување на насилство кај младите.За таа цел креиравме и Платформа на граѓански организации – Младите против насилство, преку која ќе продолжиме да работиме во овие клучни области, но и на многу други. Во оваа Платфрома веќе членуваат 32 граѓански организации кои работат со млади и борба против радикализација и спречување на сите видови на насилство, вклучувајќи и насилен екстремизам и борба против тероризмот. До сега имаме скулчено Меморандуми за соработка со повеќе институции како: Агенција за млади и спорт, Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, 11 средни училишта и повеќе општини. На тој начин со заедничка работа и соработка на ентитети од различни области ќе можеме успешно да придонесеме за намалување на насилството кај младите. Оваа Платформа е прва и едниствена од ваков вид во нашата држава, но и во регионот. Веќе некои граѓански организации од соседството го препознаа значењето на една ваква Платформа и покажаа интерес да станат дел од истата.

Што опфаќаа обуките во рамките на работилниците кои ги спроведовте со учениците од средните училишта од државата?
– Во рамки на овој проект спроведовме бројни активности со младите, за младите, со цел зајакнување на нивните капацитети и подобрување на нивната положба во општеството. Една од активностите беше и реализација на циклус на обуки за млади и граѓански организации на тема: Активно учество на младите во заедницата; Спречување на насилен екстремизам; Интеркултурна соработка; Конструктивно решавање и надминување на конфликти; Медиумска писменост; Самообразование; Волонтирање и социјални иновации. Исто така спроведовме и три 3 – дневни меѓуопштински работилници на теми: меѓукултурна соработка, социо-економски развој и (дигитална) медиумска писменост. Преку овие обуки и работилници опфативме повеќе од 200 млади лица. Искуството ни покажа дека младите сакаат и имаат желба да учествуваат во вакви активности за да стекнат со знаење и вештини за личен и општествен развој, како и за меѓучовечките односи.
Авторка: Силвана Жежова