Жените жртви на семејно насилство повеќе од кога било, се охрабруваат да пријават насилство, но сепак и натаму состојбата е загрижувачка. ПИНА.мк разговараше со Слаѓана Начевски, координаторка на Центарот за поддршка на жени, жртви на семејно насилство за територијата на општините Радовиш и Конче која вели дека семејното насилство е проблем што најчесто се случува, успева и прогресира во сенките на нашето општество, одржувајќи еден циклус на страв и тишина. Таа додаде и дека наша колективна одговорност е да го прекинеме овој круг и да им пружиме помош на оние на кои тоа им е најпотребно.
„Поддршката на жртвите на семејно насилство не е само морален императив, тоа е општествена обврска, која покрај обезбедувањето засолниште или финансиска помош исто така вклучува и создавање на безбедна средина каде што жртвите се чувствуваат слушнати, почитувани и охрабрени да ја вратат контролата врз нивните животи. Морам да напоменам дека поддршката на жртвите на семејно насилство не е само реакција во кризни ситуации, туку и превенција. Со подигање на свеста преку едукација, кампањи и отворен дијалог, испраќаме моќна порака дека таквото однесување нема да се толерира и можеме да работиме на создавање култура која го отфрла насилството во сите негови форми“, објаснува таа.
Начевски потенцира дека како поединци, како заедници и како општество, мораме активно да слушаме, да веруваме и да ги валидираме искуствата на оние кои преживеале семејно насилство бидејќи со тоа, придонесуваме кон разбивање на стигмата околу ова прашање и создаваме средина каде што жртвите се чувствуваат безбедно кога ќе побараат помош.
Инаку, од ноември претходната година во општина Радовиш е отворен Центар за поддршка на жени, жртви на семејно насилство за територијата на општините Радовиш и Конче.
„Ни треба постојано, непрекинато финансирање, ни треба одржливост. Жените и децата жртви веруваат во нас, се потпираат на нас и на услугите кои им ги даваме и ние не смееме да ги изневериме во никој случај, додава Начевски.
За придобивките од психо-социјална поддршка на жените и децата жртви на семејно насилство, таа вели дека ваквата поддршка дава низа позитивни исходи и придобивки кои значително придонесуваат за нивната благосостојба и емоционално закрепнување.
„Преку нашата работа во Центарот за поддршка, ги опремуваме жртвите со механизми за справување и вештини за управување со стресот и ова е од витално значење бидејќи анксиозноста и посттрауматскиот стрес се чести последици од семејното насилство. Дополнително, чувството дека не се сами, чувството на солидарност, имањето заедница за поддршка, не само што ја намалува изолацијата што често ја чувствуваат жртвите, туку и поттикнува една нова сила што ги води низ процесот на опоравување од насилството и е потенцијал за разбивање на генерациските шеми на насилство“, потенцира таа.
Координаторката Начевски објаснува дека во периодот од девет месеци додека имале психолог во Центарот за поддршка, остварени се 42 средби со седум жени жртви на семејно насилство. Со четири од жените се работени по едно или две психолошки советувања, додека со останатите три жртви се работело во континуитет. Две од жртвите побарале придружба до институции и помош за бесплатна правна помош.
„Телефонски, вкупно 32 жени побарале помош, од нив некои после првото јавување повторно се немаат јавено, додека во поголем број случаеви се јавуваат почесто со цел да се информираат за услугите кои ги нудиме, како и постапките и кај кои институции да пријават. Директно во просториите на Центарот побарале помош шест жени, кои побарале да разговараат со координаторката на Центарот како препознаено лице од доверба во заедницата, од кои една жртва после разговорот има пријавено во полиција, една жртва се има обратено до Центарот за социјална работа Радовиш, и една до Здравствен дом Радовиш заради физички повреди и документирање на истите, една жена по потекло од Радовиш а мажена во друг град, поради загрозена безбедност е препратена и придружувана до ЦСР Струмица“, вели Начевски.
Таа напомена дека од исклучителна важност е и соработката со останатите центри во државата, заради оптимално искористување на сите постоечки ресурси и услуги за жртвите.
„Имаме нов тренд во последните неколку месеци, односно се почесто во просториите на Центарот доаѓаат млади девојки кои најчесто одат на информативни разговори, дел од нив се жртви на семејно насилство, а дел се во насилни врски. Неопходно е да се работи на едукација на младите за насилството во врските, како и за важноста на психосоцијалната помош за жртвите“, децидна е таа.
Автор: Кристијан Трајчов