Зошто толку голема смртност од Ковид-19 во Македонија?

0
121
Фото: Министерство за здравство

Како и во претходниве, така и во во четвртиот бран, Македонија продолжува да регистрира висока смртност од Ковид-19.

Бројот на починати поради компликации од вирусот веќе надмина 6.000, а земјава повторно, за жал, високо котира по смртноста во рангирања и во европски и светски рамки.

Неодамна угледниот Економист повторно ја рангираше земјата во топ 5 земји со највисока смртност на 100 илјади жители во Европа, а Македонија исто така високо котира и според податоците на сајтот „Ворлдметер“, кој ги рангира земјите според бројот на починати од Ковид-19 на 1 милион жители.

Неодамна Економист не рангираше и на високото трето место во светот и по одвишна или „скриена“ смртност, која ги опфаќа и починатите во домашни услови, коишто никогаш не биле тестирани на коронавирусот, пресметана од извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) во однос на очекуваната десезонирана смртност.

На прво место е Перу.

Треба да се напомене дека бројките кои ги користи Економист се заклучно со 30.06.2021 година, пред почетокот на летниот бран на Делта сојот, а во меѓувреме бројот на починати поради компликации од вирусот во Македонија дополнително се зголеми.

Пресметките се направени со официјалниот број на жители на државата од 2,08 милиони жители, иако е јавна тајна дека во Македонија моментално живеат не повеќе од 1,8 милиони граѓани, бројка која неофицијално ја потврди и самиот директор на ДЗС во неколку интервјуа деновиве.

Коментирајќи го рангирањето на Економист, професорот Дејан Трајковски од Машинскиот факултет од Битола, кој често преку Фејсбук ги анализира бројките за состојбата со Ковид-19 во Македонија и светот, вели:

“Доколку сметаме со 1,7 милиони жители (ќе дознаеме за три месеци), одвишната смртност кај нас изнесува 615 починати на 100.000 жители, што е повеќе дури и од Перу, односно уште со јунските податоци сме биле први во светот.

Одвишната смртност претставува збирен индикатор на сите наши неуспеси, што многу реално покажува колку лошо сме поминале во досегашниот тек на пандемијата“.

Што велат здравствените власти

Како и во претходните бранови на вирусот, објаснувањето на здравствените власти се сведува на тоа што многу граѓани во земјава се лекувале дома, па доцна се пријавувале во болниците, како и дека најголемиот број на починатите поради компликации од Ковид-19 во земјава се со повеќе хронични болести.

“Тоа што се забележува е дека долго се лекуваат надвор од болнички услови и доаѓаат на лекар многу доцна, со лоши параметри, многу ниска сатурација.

Апелирам сите да се јават и кај матичните лекари и во болнички установи ако забележат макар и најлесни симптоми.

И за време на овој бран огромен број од починатите се со хронични болести и тоа најчесто на кардиоваскуларниот систем и на белите дробови“, изјави неодамна министерот за здравство, Венко Филипче, кој деновиве поради пожарот во ковид-центарот во Тетово си поднесе оставка, а кој изминатиов период од стартот на пандемијата истото го повтори неколку пати.

На забелешките дека пак заболените со Ковид-19 во Македонија не се лекуваат според еден протокол, па матичните лекари припишуваат различни терапии, што би можело да биде уште една причина за високата смртност, тој постојано одговара дека тоа не е точно.

“Протоколите за лекување на лицата со Ковид-19 се донесени уште минатата година, а ревидирани се во март годинава“, вели тој.

Национален протокол сепак нема?

Освен што бројни доктори од различни области и матични лекари повеќе пати напомена дека во Македонија и по 1,5 година од стартот на пандемијата нема национален протокол за лекување од Ковид-19, неодамна истото конечно го признаа и од Лекарската комора.

“Лекарската комора во услови на непостоење на национални протоколи, ги повикува надлежните институции, стручните комисии и лекарските здруженија во чија надлежност е спроведувањето на континуираната медицинска едукација, а чија специјалност е од областите тесно поврзани со третман на заразните заболувања и спречување на нивното ширење, да споделат со јавноста стручни ставови за сите отворени прашања и дилеми, како би можело граѓаните заклучоци и ставови да градат на точни факти, а не на дезинформации.

Непостоењето на вакви ставови создава простор за слободни толкувања од нерелевантни извори кои нанесуваат огромна штета на процесот на вакцинација, а со тоа и на напорите да се стави под контрола епидемијата“, напишаа од таму меѓудругото во нивното соопштение.

Матични лекари од Скопје со кои разговараше ПИНА, велат дека генерално сите лекари во Македонија се раководат по еден протокол, но не ја исклучуваат можноста нивни колеги и да „експериментираат“.

Според нив главната прична за високата смртност е сепак „здравствената култура“ на граѓаните, но срамежливо на површина вадат и уште една причина.

,,Нема дилема дека во периодот кога клиниките и болниците буквално се претворија во ковид-центри, трпеа пациентите со хронични болести, на кои или им беше страв да одат на лекар, да примат терапија, или пак едноставно немаа можност тоа да го направат, бидејќи немаше каде„, коментира за ПИНА матична лекарка од Скопје.

„Нелогични објаснувања„

За епидемиологот доктор Никола Пановски, кој постојано укажуваше дека при лекувањето на заболените со вирусот не се применува еден протокол, но и кој во претходните бранови предупреди на големата несоодветна употреба на антибиотици, витамини и други лекарства кои се користат за лекување, за ПИНА вели дека објаснувањата за смртноста на здравствените власти се нелогични.

„Нив не ги интересира зошто има толку голема смртност, ниту пак преземаат доволно мерки за да се спречи тоа“, вели тој, посочувајќи дека и во регионов, каде живеат граѓани со сличен или ист менталитет во однос на начинот на живот, исто така има голем број на лица со хронични заболувања, но нема толку голема смртност.

„На лекарите им е забрането да ја кажат вистината за високата смртност“, вели тој.

На проблемот со протоколот, но и на начинот на лекување, во својата последна колумна за doktori.mk укажува и поранешниот министер за здравство, доктор Драган Даниловски.

„Ај, да речеме, ги има (протоколи, н.з.) … можно ли е, во тие „протоколи“ да пишува дека основен елемент на третманот на ковид се антибиотици од широк спектар!?

Зашто, секому досега му стана јасно дека мнозинството доктори – на сите нивоа на здравствена заштита – на болни од ковид – нехоспитализирани и хоспитализирани – ординираат антибиотици… многу често дури по два, многу често двојни дози (Сумамед) – па и тројни? Дури и на деца! Во кој протокол во светот пишува дека антибиотиците се столб на третманот на ковид? Во никој! Ако такви протоколи навистина сме имале – фрлете ги во канта!

Но, настрана протоколите… И без нив, ако имаат диплома од Медицински факултет, зарем нашиве доктори (не сите, се разбира) не знаат дека антибиотици не делуваат на вируси? Зарем не знаат дека антибиотик не се дава само за позитивен ПЦР тест? Или само за „црвено грло“? Или само за сува кашлица? Или за растечен нос? Зарем не знаат дека не се дава „за да не се спушти на плуќа“?

Зарем не знаат дека антибиотик не се дава дури и при присутна атипична (вирусна) пневмонија, ако нема доказ во крвната слика за присуство на бактериска инфекција? Зошто буквално се апстрахира крвната слика? Зарем не знаат дека основен столб на одбраната на организмот е сопствениот имунолошки систем? Зарем не знаат дека тој е под „команда“ на цревната бактериска флора?“, пишува тој меѓудругото во колумната.

Како се лечат позитивните на Ковид-19 во Македонија

Матичните лекари со кои разговараше Пина, велат дека на лицата кои се позитивни на Ковид-19, најпрво им се препорачува витаминска терапија со витамин Д, 2000 единици, витамин Ц и цинк.

Веднаш се препорачува е да се направи крвна слика, а пожелно е крвната слика да се направи уште еднаш во текот на лекувањето, но и две недели по завршување на болеста.

Доколку се оди во ред со текот на лекувањето, односно крвната слика е добра, добро дишете, на слушалки нема наод, сатурацијата е добра, во тој случај лекувањето останува само со витаминска терапија.

При покачени ддимери, или ќе примате клексани во вид на инјекција или ќе Ви препишат таблети „ксарелто“. Колку време ќе ги пиете одредува лекар, во зависност од крвната слика.

Дијареата исто така е симптом кој го проследува Делта сојот на вирусот, а тоа значи и вклучување на пробиотици и електролити во целата терапија.

Матичниот проценува, дали и кога во текот на болеста треба да се вклучи антибиотик, во зависност од наодите за време на следењето. Исто така кај секој пациент е различна проценката, дали треба да се прави и рендген на бели дробови.

Лекувањето е индивидуално и зависи од состојбата на секој пациент.

Најлесно што може да се помине е дома и со витаминска терапија.

Каква ќе биде терапијата, секако зависи и од проценка на возраста, ризиците, хроничните болести, претходна терапија…

Според здравствените власти во сите болници во Македонија ја има целата терапија и лекот „Ремесвир“.

Што велат бројките

Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), заклучно со 12 септември, од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години, 5.106, каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 1.174,0/100.000 жители.

Регистрирани се 3.805 смртни случаи кај лица од машки и 2.472 кај лица од женски пол.

Од починатите, кај 4.627 (73,7% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (3.735), дијабет (1.559) и белодробна болест (693).

Од пријавените случаи на пријавено повторно заразување, пет завршиле со смртен исход, а регистрирани се и седум смртни случаи кај бремени жени и 31 смртен случај кај здравствени работници.

Од пријавените случаи, 371 (5,9%) починале во вонболнички услови, а 5.906 (94,1%) починале во хоспитални услови.

Автор: Петре Димитров