ПИНА.мк со ЕУ награда за истражувачко новинарство за 2020 година

0
160
Фотографии: Роберт Атанасовски

Третата награда за најдобра истражувачка сторија од Европската унија за 2020-та година, ја добија сториите со наслов „Работат 44, а плата земаат 1.410 лица – истражувачки серијал за работата на Министерството за политички систем“ објавени на ПИНА.мк и СамоПрашај.мк од авторите Кристина Озимец и Влатко Стојановски.

Сториите се плод на партнерска соработка помеѓу ПИНА и Институтот за комуникациски студии и СамоПрашај и се фокусираа на вработените во администрација кои со години земале плата, но не работеле.

,,Серија различни приказни се напишани на оваа тема низ годините во Македонија, но годинашните добитници на третата награда успеаја да продлабочат, истражувајќи го феноменот на вработени во Министерството за политички систем кои со години примаа плати без да одат во работа.

Преку многу податоци, видео и инфографики, оваа приказна ја елаборира злоупотребата и невнимателното управување со јавните пари, пред се, за интерес на политичките партии. Авторите ги искористиле сите расположливи средства и вештини за добивање податоци, вклучително и користење на Законот за слободен пристап до информации, а дополнително собрале информации преку интервјуа, спровеле истражување што восхитувачки беше ставено во серија приказни кои откриваат нефункционален систем за вработување луѓе, најчесто членови на партијата , создавајќи гигантски апарат кој воопшто не придонесува за интересот на граѓаните.

На крајот, оваа приказна без сомнение е извонреден напор за откривање на злоупотреба на јавните пари и претставува одличен пример за заштита на јавниот интерес“, констатираа од жирито кое ја додели наградата, составено од домашни и странски професионални новинари.

Првата награда оваа година отиде во рацете на младиот новинарски тим од Радио МОФ – Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски и Емилија Петреска за истражувањето со наслов „По трагите на Балканскиот рис – истражувачка сторија во две продолженија“, која жирито ја оцени како производ базиран на извонредно истражување.

Втората награда ја освои новинарската екипа на Истражувачката репортерска лабораторија – Македонија за серија истражувања поврзана со медицинска опрема, тестови, маски во екот на пандемијата со наслов „Пандемиско профитерство – другата страна на приказната со ковид-19“.

„Истражувачкото новинарство е од голема важност, бидејќи придонесува во заштита на јавниот интерес и бара отчетност од оние кои се на власт. Новинарството како професија има одговорна задача да ја информира јавноста на објективен начин и истовремено да го одразува мноштвото на гледишта коишто се јавуваат во јавноста и секако да бара отчетност“, рече во своето обраќање заменик амбасадорот на Европската делегација во Скопје, Џулијан Васало.

Тој додаде дека „храбри новинари се оние кои истражуваат на храбар начин и отвораат прашања за коишто останатите не се осмелуваат да прашаат и на тој начин ги прават општествата подобри“.

Фотографии: Роберт Атанасовски