[Фото] Марш за родова еднаквост во Скопје

0
84
фото: ПИНА

Повеќе граѓани попладнево маршираа низ центарот на Скопје по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, барајќи унапредување на родовата еднаквост и женските права.

Со транспаренти на кои пишуваше „Жените наследуваат само 12% од имотот“, „Силувањето не е смешно“, „Време е да се стави крај на интерсекциската дискриминација“, „Местото на жените е во класната борба“, граѓаните маршираа од  плоштадот „Филип Втори“, кој заврши во паркот „Жена борец“.

фото: ПИНА
фото: ПИНА

Надица Банишка која присуствуваше на протестниот марш рече дека да се биде жена во Македонија, значи да се будиш секое утро во страв, и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден.

„Да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе има место во градинка за да го оставиш своето дете, дали ќе стигнеш до работното место со нередовниот јавен превоз, и дали притоа интимниот простор ќе ти го нарушат машки ликови кои те допираат по задник, правејќи се дека е многу гужва. Дали ќе те отпуштат од работа бидејќи си бремена, дали на интервју за работа ќе те прашуваат прашања во врска со брачната состојба, дали ќе ја добиеш работата бидејќи имаш мало дете, дали ќе излезеш на крај со приходите со кои едвај се купува храна и се плаќаат сметки, дали ќе те отпуштат ако станеш дел од синдикат за да бараш подобри услови или ако пријавиш сексуално вознемирување на работно место. Да се биде жена значи да прифаќаш краткотрајна работа, работа на црно и под маса, без ресурси за стабилна кариера, без социјална заштита и регулација“, рече Банишка.

Истовремено, таа истакна дека во 2023 година, во Македонија жените и девојките ги мачат различни прашања кои ја прикажуваат реалната слика со родовата нееднаквост во земјата.

„Прашања кои прикажуваат колку никој не мисли на женската благосостојба, повеќеслојната и системска дискриминација, газењето на човековите права, насилството, сиромаштијата и општата апатичност да се признае јасно и гласно, жените во Македонија ниту се еднакви, ниту слободни, ниту безбедни. Во 2023 година, жените се соочени се политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, и механизми кои се слепи кон потребите за напредување на родовата еднаквост, колективна негрижа за тоа како и дали ќе преживеат жените овде“, рече Банишка.

Според неа, жените се жртви на системот во кој колективната негрижа е носечки мотив. Таа од протестот порача дека на жените и девојките им треба системска превенција и заштита од сексуално вознемирување, насилство врз жените и семејно насилство.

„Спроведување на правда и одговорност за насилниците, законска рамка која ќе ги заштити и ќе им овозможи на жените да работат, без да треба да избиирaат меѓу семејството и работното место, здравствен систем кој нема да е лотарија со 50-50 шанси за преживување. Медиуми кои осудуваат насилство наместо да пропагираат насилство, жени во политики кои не се само симболични во нивната вклученост. На жените им требаат осветлени и безбедни улици, редовен јавен превоз, чисти болници, пристап до сервиси и услуги и засолништа од насилство, заедница која ќе ги прифати, заштити кога ќе се жртви на насилство, а нема да ги отфрли и стигматизира. Пристап до образование и професионални можности кои раскрстиле со родовите стереотипи, и традиционалните закоравени улоги. Конечно, на жените им треба слобода, еднаквост, солидарност, емпатија, разбирање и систем на вредности на кои може да се потпрат и да бидат активни чинители во него“, истакна Банишка.

Организаторите претходно посочија дека маршот е протестен одраз на случувањата во Македонија и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед – од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.

Овогодишното мото на традиционалниот осмомартовски марш кој е во организација на Платформата за родова еднаквост гласеше „Ќе преживеат ли жените овде“.