Новинарки се жалат на вербални напади и попречување на работата за време на изборите

0
129

Изборните денови во Македонија се предизвик за многумина новинари, а особено за тие кои работат во телевизиските куќи. Од утро, па се до доцните вечерни часови новинарите се обидуваат што поцелосно да ја пренесат сликата за изборниот ден до граѓаните. Но, тие честопати се попречувани во својата работа, а такви примери имаше и на 17-ти октомври, кога се одржа првиот круг од локалните избори. Неколку новинарки веднаш по изборите се пожалија на вербални напади и попречувања, на што реагираа и организации од фелата.

Новинарката Салије Садику од телевизија „21“ е само едно од лицата кои се појавуваа на малите екрани на 17 октомври, а која на своја кожа вечерта ги почуствувала вербалните напади.

По затворањето на избирачките места, заедно со нејзините колеги, првата точка им бил штабот на независниот кандидат за градоначалник на Кичево, Фатмир Лимани. Набрзо од таму им било соопштено дека сè уште немаат информации. Два часа подоцна, тие повторно се упатуваат кон штабот на Лимани.

Кратко потоа, почнуваат нејзините проблеми.

„Телевизија Клан се врати во Скопје, МТВ отидоа пред мене, кога стигнав јас тие веќе почнале со изјава. Чекав да завршат за да се приклучам во живо во отвореното студио, телефонот ми беше приклучен за снимање во живо. Со голема почит се доближив до Фатмир Лимани и го прашав за да се вклучиме во живо. Тој ми кажа да земам материјал од колегите, на што му одговорив дека нема проблем. Но, прашав дали може да се вклучиме во живо. Во тој момент тој стана на нозе и пред 100 симпатизери, внатре во штабот почна да вика по мене ‘вие сте најлошото што му се случува на овој народ, вие сте крвопијци, вие сте еден од главните виновници зошто Кичево е во ова состојба, вие сте со власта затоа изгубивме ние, вие работите еднострано’“, вели Садику за ПИНА.

Во тој момент, новинарката се оддалечила и тргнала да излезе од просторијата.

„Мизеријата почна во тој момент кога 100 мажи почна да дават аплауз и да ми викаат ‘ууу’“, се присетува Садику.

Веднаш потоа, Садику излегла надвор и, како што вели, почнала да плаче, објаснувајќи како и се чинело дека цело град ‘паднал врз неа’. Сепак, таа истакнува дека тоа не е поради зборовите на Лимани, туку од зборовите на симпатизерите, за кои вели дека за половина од нив пренесувала стории за проблемите кои ги имаат во локалната средина.

„Им кажав на работа и за случајот известија на телевизија. После тоа, во 12:30 на полноќ, Бејтула Емини, шеф на штабот ми прати порака и ми се извини неколкупати. Дека не знаел дека така ќе реагираат, дека немал проблем со мене, но со ТВ21. Ама ТВ21 сум и јас, тоа не ги оправдува. Плус тој имаше прилика да биде во живо и да каже што го мачи, иако на ТВ21 тој секогаш имал простор на ‘Кликплус’“, смета Садику.

Новинарката објаснува дека тоа што и се случило на 17 октомври нема да го заборави никогаш, иако оваа професија ја работи 11 години.

Садику била нападната и во други случаи, но вели дека ова било нешто кое не сака да му се случи на никој.

„Бидејќи јас работам сама, без камерман, со телефон и статив. Има и видео, но јас немам пристап до таа снимка. Видов само дека многу од нив снимаат со телефони“, додава таа.

Новинарката за ПИНА објаснува дека се чувствува загрозено, особено, бидејќи работи сама и дека на терен е секогаш сама без камерман. За нападите на новинарите таа е свесна дека им се случуваат на сите колеги, а особено на тие што се погласни.

„Загрозени сме сите, не само јас. Не знаеме од каде што ни доаѓа, а најлошо е дека случаите седат по архиви, никој не ги решава“, децидна е Садику.

Според неа, во Македонија веќе станало пракса да се напаѓаат новинарите, а особено новинарките. Таа смета дека ваквите случаи ги спречуваат новинарите да работат и да известуваат слободно.

„Ваквите напади сериозно ја попречуваат работата на медиумите. Кај нас мора да се најде решение за овие проблеми, и тоа што е можно побрзо. Ние сакаме да бидеме слободни и сигурни за да работиме професионално, политичарите треба да знаат дека не се Господ и дека може да прават што сакаат и да не третираат како тие сакат“, вели таа.

Попречувањата на работата – декор на изборниот ден

На 17 октомври, за локалните избори од терен известуваше и новинарката Ферикан Илјази, чиј ден поминал во бројни предизвици во трката за јавноста да ја информира подетално. Нејзината задача била да ја следи состојбата со изборниот процес во северозападно Тетово.

Како што објаснува таа за ПИНА, на изборно место во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, членови на изборната комисија ја попречиле во работата, делејќи и, како што вели, лекции за тоа што смее, а што не смее да прави во гласачките места.

Претседателката на изборното место и нејзин член, Илјази тврди дека инсистирале на тоа дека не смеат да се снимаат граѓаните, но децидно посочила дека тоа би било испочитувано доколку самите би го навеле тоа.

„Спорното беше што членовите ми возвраќаа со висок тон и на моменти навреди од еден од членовите дека не сме информирани и образовани и слично и дури не пријави во полиција без никаков аргумент, што е директно попречување на нашата работа. И драмата и омаловажувањето пред десетици граѓани ме спречија да известам од тоа место“, објаснува Илјази.

Подоцна, таа се ,,судрила“ и со полициски службеник, кој и барал посебна акредитација од Државната изборна комисија, иако, како што вели, ДИК годинава не објавила посебни легитимации за новинарите, па така, ги користеле акредитациите на нивните телевизии.

„Полицаецот со навредувачки тон ми побара и лична карта и ми покажа дека тој е главен и дека тој е законот бидејќи има униформа, иако јавниот интерес во тој случај беше над сите нас. Ако не интервенираше заменик министерот за внатрешни работи, полицаецот нема да ми дозволуваше да ја извршам својата работа која што во тој момент беше јавување во живо за затворање на избирачкиот процес. Проблематичен е односот на полицаецот којшто ми се закани дека може и да ме уапси ако не се легитимирам, иако повторувам, имав легитимација“, објаснува Илјази.

Според неа, овие случки значат обид за заплашување и замолчување на новинарите, или, како што вели, станување кукли кои ќе пренесуваат само технички вести што им одат во полза на одредени лица.

„Во мојот случај значи дека нема почит кон новинарската работа и нема доволна казнивост кон тие кои што се осмелуваат да ја попречуваат работата на новинарите и сето ова веќе станува нормално во нашето општество и станува се по тешко и тешко да се биде новинар во Северна Македонија“, вели Илјази.

И таа објаснува дека не се чувствува потполно безбедно, но дека се чувствува самоуверено и одлучно да продолжи со нејзината мисија за работа во интерес на граѓаните, од која, како што додава, никој не може да ја оттргне со никакви омаловажувања и закани.

„Новинарите, а особено новинарките кои што се во оваа професија не треба да застанат пред ниту еден притисок од тие кои што се трудат да го замолчат слободниот збор.  Новинарките кои што по природа се понежни или можеби послаби во аспект на физиономија, не значи дека може да се победат или потчинат, ние сме столб на новинарството и никој и ништо не смее да не направи да се чувствуваме поразлично од ова“, истакнува таа.

Фелата со остра осуда за вербалните напади и попречувањето на работата

Јавните чинители да внимаваат на нивниот однос посебно кон жените новинарки во државата. Ова е пораката која што Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја испрати вчера, по случката со новинарката на телевизија „21“, Салије Садику.

„Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е подигнување на свеста на кандидатите за градоначалници и сите политички чинители во изборниот циклус кон новинарите бидејќи во овој момент следи и вториот круг од локалните избори во повеќе општини“, велат од ЗНМ.

Но, тие сметаат дека во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите доколку ваквите инциденти се толерираат, односно дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување и правото на информирање на граѓаните.

Неколку часа по изборите, од ЗНМ исто така реагираа дека до нив пристигнале и неколку поплаки од онлајн медиуми за попречување на нивната работа од симпатизери на политички партии, но и за несоодветен однос на припадници на МВР во Скопје и неколку други градови.

„Со цел да не се остави впечаток во јавноста дека органите за прогон ги игнорираат овие случки бараме нивно итно расчистување од страна на полицијата и брзо информирање на јавноста“, побараа од ЗНМ.

Оваа реакција на ЗНМ беше пропратена и со осуда за односот на претседателот на ДИК Александар Даштевски, за кој велат дека имал непрофесионален и омаловажувачки однос кон дел од новинарите кога се обидувал да одговара на новинарски прашања.

Автор: Мартин Колоски