Обвинителството постапува со предрасуди кон ЛГБТИ заедницата, реагираат активистите

0
22
фото: ПИНА

Седум години по демолирањето и нападот на „Дамар“ во Старата скопска чаршија
Обвинителството се откажа од кривично гонење на напаѓачите бидејќи МВР немал форензички софтвер за идентификација и компарација на лица и предмети од видео материјал. Поради ова, Обвинителството наведува дека нема основи за сомнение дека е сторено кривично дело кое се води по службена должност.

Хелсиншкиот комитет за човекови права до МВР доставиле четири компјутерски дискови со снимен видео материјал од различни системи за видео надзор поставени на различни објекти во Чаршијата, како и едно УСБ, но полицијата немала инструмент
за нивно вештачење.

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во понеделникот со транспаренти „Кој го штити ОЈО?“, „Институции насилници“ неодамна одржа протест пред Јавното обвинителство поради непостапувањето на ОЈО за нападите врз ЛГБТИ активистите. Велат, ваквото непостапување ја обесхрабрува ЛГБТИ заедницата да ги пријават нападите, а како што велат, ги има многу.

фото: ПИНА

За активистот Кочо Андоновски откажувањето на Основното јавно обвинителство од кривично гонење на насилниците е апсурдно.

„Ова апсурдно известување кое доаѓа после седум години навистина нѐ запрепрасти зашто овие институции се одговорни за тоа како се движи општеството, како се однесуваат луѓето кон одредени поединци или групи, конретно кон ЛГБТИ заедницата. Со ова непостапување тие не само што го покриваат ова злосторство од омраза, туку ги обесхрабруваат сите други кои доживуваат насилство за кое ние знаеме, да не пријавуваат. Ако обвинителството не постапува по случај зад кој стојат Организации, како ќе постапува за случај зад кој стои еден поединец?“, праша Андоновски.

Според него, ОЈО постапува дискриминаторски и со предрасуди кон ЛГБТИ заедницата во Македонија.

„Ние сме оставени на ветрометина, да може кој било што сака да прави, а очигледно нема никаква контрола врз работата на ОЈО и врз работата на обвинителите. Зашто тука се поставува прашањето „Каде е Советот на јавни обвинители?“. Ако никој не поднел претставка до Советот на јавни обвинители, дали Советот ги чита извештаите на Европската комисија и дали тие не се нивна домашна задача за пропустите и фелерите кои ги пронашла ЕК, да постапи и веднаш да се обиде да ги поправи. Ако не ги чита извештаите на ЕК тогаш не си ја работи работата“, рече Андоновски, барајќи од оваа институција веднаш да ја провери работата на ОЈО.

Тој вели дека сѐ уште е висока бројката на напади врз ЛГБТИ лицата. Не само на улица, туку постои и домашно насилство кое никој не го пријавува токму поради неработењето на ОЈО, додава Андоновски.

Демолирањето на „Дамар“ се случи за време на прославата на роденден на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Две години претходно Центарот во Старата скопска чаршија исто така беше цел напад за кој Националната мрежа против хомофобија и трансфобија сѐ уште не добиле никаков одговор од Обвинителството.

Покрај случајот со нападот врз Дамар, организациите потсетија дека без никаква разрешница или одговор од обвинителството и понатаму остануваат четири други напади мотивирани од предрасуди и нетрпеливост кон ЛГБТИ заедницата, а кои беа извршени на 22 октомври 2012, 16 декември 2012, 22 јуни 2013 и на 5 јули 2013 година.

Автор: Даниел Василев