Пред пет години во Македонија се роди Алекс, првото дете на филмскиот режисер и ко-сопственик на „Добра земја“, Иво Бару. Во тоа време, Бару заедно со партнерката работеле како фриленсери, па така, тој немал „привилегија“ да го искористи законски предвиденото отсуство поврзано со семејни обврски, ниту пак неговата партнерка да го искористи родителското отсуство.
Во случај на раѓање или посвојување на дете или деца, Законот за работни односи овозможува најмногу до седум дена отсуство од работа за татковците, односно отсуство поврзано со семејни обврски.
Но, во меѓувреме, директно право на родителско отсуство им дава само на мајките, односно татковците, во случај на смрт на мајката, или пак доколку таа доброволно се откаже од правото да ги користи сите 9 месеци родителско отсуство и тоа да го пренесе на таткото.
Иако Бару не можел да го искористи ваквото право, смета дека сегашното законско решение кое овозможува родителско отсуство само за мајките е „конзервативна глупост“. За ПИНА тој вели дека прашањето на родителско отсуство треба да биде прашање на избор на родителите, но и дека тоа многу зависи и од моделот кој ќе се примени.

„Шведска и Исланд имаат најдобар модел, каде временската рамка не може да се пренесува меѓу родителите, односно имаш мајчинско и татковско отсуство и мал дел заедничко, па затоа околу 90 проценти од татковците го земаат татковото отсуство (19 недели). Но, ова значи дека државата треба финансиски да го покрие овој модел. На прв поглед изгледа невозможно, но не е, ако една држава си ги среди приоритетите и децата станат наша предност“, вели Бару.
Според него, ова е и клучно прашање кога се работи за родовата еднаквост.
„Размислувањето кое ја поттикна шведската легислатива во 2015 година, е дека кога и двајцата сопружници подеднакво ќе ја поделат работата и одговорноста кон децата, ќе се намали родовиот јаз на работното место, отворајќи повеќе лидерски улоги за жените“, додава Бару.
Во однос на причините зошто е важно и потребно идните родители да имаат можност за поделено родителско отсуство, Бару вели дека заедничкото родителско отсуство им дава на родителите избор и флексибилност да ги комбинираат работата и грижата за децата на начин кој ним им одговара. Но, исто така додава и дека тоа им овозможува н да поминуваат време со своите деца во тие важни први месеци.
„Истражувањата покажуваат дека татковското отсуство му помага и на општеството. Ако татковците земаат родителско отсуство, таквите семејства имаат поголема веројатност да останат заедно. Дури и во случај на разделба, најверојатно таткото ќе остане вклучен во обврските околу децата. Овие деца имаат тенденција да постигнуваат повисоки оценки на училиште, да бидат подобро приспособени и да имаат поголема самодоверба. Во меѓувреме, жените ќе бидат поприсутни на пазарот на трудот и ќе имаат подобри резултати на работа“, посочува тој.
Неодамна истражувачката организација „Реактор“ исто така се осврна на одредбите за родителско отсуство во постоечката законска рамка за кои велат дека не го препознаваат во целост правото на родителско отсуство и за мајките и за татковците.
Односно, тие велат дека примарната родителска улога им ја доделуваат на мајките и ја ограничуваат можноста за татковско отсусто кое им следи на татковците како нивно индивидуално право кое јасно се разликува и не потекнува од правото на родителско отсуство на мајките.
„Понатаму, сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на двата родители во грижата и воспитувањето на децата и ќе овозможат споделување и комбинирање на родителско, татковско и породилно отсуство според потребите на родителите, како на мајките така и на татковците“, се вели во истражувањето.
Истовремено, таму меѓудругото се наведува и дека законската рамка не ги поддржува стратешките цели на земјата за унапредување на родовата еднаквост, утврдени во Националната стратегија за родова еднаквост за 2013-2020 година.
Но, во нивното истражување „Грижлив маскулинитет“ посочуваат дека од 2018 година па наваму се најавени позитивни промени во однос на законските измени.
„Новиот Закон за работни односи е во пролонгиран процес на изготвување и консултации со различни засегнати страни (првенствено синдикатите, организациите на работодавачи, претставниците од граѓански организации кои работат на работничките права и други) и истиот ветува позитивни промени во однос на родителското отсуство, преку воведување на татковско отсуство за татковците и можност за споделени модели на родителско отсуство за родителите“, стои во истражувањето.
Присутноста на двајцата родители како важна компонента за развој на децата
Откако се родил Алекс, неговиот татко објаснува дека во следните пет месеци ги откажал сите ангажмани и бил дома, целосно посветен на детето, заедно со неговата сопруга.
„Идејата беше едноставна. Не сакав да го пропуштам раѓањето на моето дете, ниту месеците кои следуваа, а кои изобилуваа со љубов, но и со обврски за кои не мислам дека е фер да паднат исклучиво врз грбот на мајката“, вели тој.
Тој напомена дека дури и кога почнал да работи, после петтиот месец, фокусот останал на неговото дете. Се вработил во задруга за органска храна со скратено и флексибилно работно време коешто му овозможило да биде со неговото дете.
„Не верувам дека има конкретно мерило што ќе може да покаже колку било значајно моето присуство за детето, но искрено се надевам дека моето дете ќе прерасне во прекрасна индивидуа, ослободена од стравови, фрустрации и сите ментални проблеми со кои се соочува модерниот човек. Во однос на финансиите, би рекол дека финансиски бевме во привилегирана ситуација за јас да можам да си ги дозволам овие чекори“, додава тој.
Бару смета дека секој родител има различно влијание врз своето дете. Тој одлучил, како што вели, да избере поинаков родителски модел – да биде присутен и свесен.
„Квалитетното време поминато со детето, почнувајќи од бебе, од првиот ден од неговиот живот, па сè до денес, според нашето искуство до негова петгодишна возраст – е непроценливо за социо-емоционалниот развој. Да си присутен во сите животни фази и за сите нови работи и предизвици на бебето/детето, да изградиш релација со доверба, односно да успееш да направиш силна врска со своето дете е голем бенефит за личноста, и на детето, и на самиот родител. Сè што правиме, го правиме за идните генерации“, дециден е Бару.
Автор: Кристијан Трајчов