Патот до избирачкото место „поплочен“ со дискриминација за лицата со попреченост

0
115

Лицата со попреченост имаат еднакво право да учествуваат во политичкиот и јавниот живот како и другите, но и понатаму постојат значителни пречки за пристап и вклучување на оваа заедница, велат луѓето со кои разговараше ПИНА, а се припадници на оваа маргинализирана група.

Тројцата граѓани кои ги контактиравме сакаа да останат анонимни, затоа што сметаат дека „кревањето“ глас за проблемите со изборниот процес нема да смени ништо.

„Активен сум во проблематикава од зорт, за жал веќе долги години, ама некако уназадуваме на ова поле што е тажнo… наместо лека – полека да мрдаме напред, едвај ургиравме да се донесат закони што ќе им наложуваат на сите субјекти да имаат пристап, новите згради да имаат пристапна рампа. Ама па потоа не се почитуваат тие закони па завршуваме со уназадување“, вели скопјанец кој е со физичка попреченост и кој секојдневно се бори со препреки на „патот“, а не само за време на гласање.

Слично искуство има и девојка која за да излезе од дома и е потребно ортопедско помагало. Престанала да оди на гласање кога починале нејзините родители.

„Кај нас нема лифт, а јас сум сама. Дополнително целата процедура за гласање е усложнета за нас, ние може да се пријавиме да гласаме во домашни услови. Но, таквиот начин на гласање е за болни и изнемоштени, но на овој начин се чувствуваме дискриминирано, плус дома ти доаѓаат еден куп луѓе од избирачките одбори, не е баш пријатно“, вели таа.

Мајка на момче со Даунов синдром, пак, вели дека нејзиниот сопруг на избирачкото место бил „бркан“ неколкупати кога синот одел да гласа, а кој поради состојбата има оштетување на видот, па со него мора да има придружник за време на гласањето.

Судот потврди, Владата и ДИК ги дискриминирале лицата со попреченост

Владата и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас, утврди во септември основниот граѓански суд во Скопје.

Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со тоа што инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места во Македонија не биле приспособени за лицата кои имаат било каков вид на попреченост да можат без никаков проблем да гласаат, соопшти тогаш Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Пресудата доаѓа откако организацијата преку адвокатот Павлина Зефиќ, на 1 февруари минатата година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес. Веднаш по формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), од Хелсиншки побарале и нивно вклучување во постапката за тужба.

Комисијата за првпат ја искористи својата законска надлежност во април минатата година и побара Основниот граѓански суд Скопје да ѝ овозможи да дејствува како „пријател на судот“ во оваа судска постапка.

Игор Јадровски од КСЗД за ПИНА објаснува дека комисијата може да се јави како замешувач во судски постапки за заштита од дискриминација или пак, на барање на странката или по сопствена иницијатива да поднесе барање судот да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот.

Игор Јадровски

„Комисијата даде толкување на членовите од Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации кои се однесуваат на соодветното приспособување, општата пристапност, еднаквост и недискриминација – vis a vis пристапот до гласачките места и овозможување лицата со попреченост да го остварат правото на глас на еднаква основа со другите, како дел од учеството во политичкиот и јавниот живот. Дополнително, во нашиот поднесок направивме и краток преглед на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во предмети во кои судот утврдил дискриминација врз основа на попреченост, заради необезбедено соодветно приспособување“, вели Јадровски.

Во меѓувреме, претседателката на здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Благица Димитровска вели дека има напредок, но дека сè уште каскаме и не може да се каже дека државата обезбедила целосна инклузивност при избирачкиот процес за лицата со попреченост.

Благица Димитровска (десно)

Таа истовремено објаснува што се’ е потребно за лицата со попреченост да стигнат до местото за гласање, посочувајќи дека лицата со попреченост имаат право да гласаат со свој придружник, што е јасно наведено во Изборниот законик.

„Понатаму, за во Избирачкиот список на соодветното место да се потпишуваат лица со оштетен вид, се користи граничник – помагало кое е корисно и често го употребуваат и другите гласачи. Ние од ‘Инклузива’ секоја година печатиме материјали на лесно разбирлив јазик за секого. Е, сега ако се стават пред секој пред секој член на избирачки одбор ќе си видат и нема да прават гужви. Понатаму за луѓето во количка, доколку успеат да влезат во објектот, гласачкиот параван треба да биде на соодветна висина и да биде изработен од поцврст материјал за гласачот да може да се потпре на него. Истото важи и за  гласачката кутија, за да можат самостојно да го пуштат гласачкото ливче во неа. За лица со оштетен слух треба да има сликовит приказ на гласачкиот процес кој треба да стои на видно место. На влезната врата или ѕидот каде што гласачот може да го види или на влезната врата“, објаснува Димитровска.

До распишување на следните избори, судот им даде неколку задолженија на Владата и Државната изборна комисија за да се овозможи лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас.

Па така, од судот ги задолжија двете институции, на избирачките места каде што досега не е овозможено, да обезбедат пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места.

„Пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила. Пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост“, се задолженијата за Владата и Државната изборна комисија.

Инаку, статистиката на Светската здравствена организација (СЗО) вели дека во секоја држава од вкупното население 15 % се лица со попреченост. Меѓутоа во Македонија нема регистар за точната бројка на лица со попреченост.

Па така, невладините организации во земјава се водат според статистиката на СЗО и според тоа, кај нас тој број е околу 270.000 лица кои можат да го остварат своето право на глас. Она што не се знае, е и точната бројка на луѓе со попреченост кои се дискриминирани кога треба да се гласа.

Авторка: Теодора Цветковска