Грижи и предизвици кај студентите за физичкото присуство во јунската сесија

0
455

Јунската испитна сесија започнува токму кога земјава бележи пораст во случаите со Ковид 19, а дел од студентите на УКИМ, особено од оние факултети со голем број на студенти и оние кои патуваат од други градови се загрижени поради физичкото присуство за полагање на испити. Решението кое го застапува Студентското собрание е мешан пристап – на физичко и онлајн полагање. Студентскиот лидер Борјан Ефтимов смета дека протоколите на факултетите ќе овозможат безбедност и дека треба да се употребат двете методи – физичко и онлајн полагање.  Професорот Петар Атанасов пак смета дека нема гаранција дека е целосно безбедно физичкото полагање и дека никој никого не треба да убедува да го прави спротивното.

„Зошто при зголемени бројки на заболени од COVID-19, УКИМ настојува да се одржи јунска сесија со физичко присуство? Ние како студенти имаме голем проблем бидејќи многумина од нас го изгубија сместувањето за време на пандемијата, додека студентските домови се затворени и нема да се отворат се’ до наредната академска година. Доколку секој од нас не најде ново безбедно сместување ние сме изложени на дополнителен ризик со секојдневно патување до Скопје и назад користејќи меѓуградски превоз“. Вака гласи само една од жалбите кои ги примивме во ПИНА во пресрет на испитната јунска сесија. Повеќе студенти ни се пожалија дека се загрижени за периодот кој доаѓа, бидејќи на некои факултети освен онлајн и физички ќе полагаат испити, додека во меѓувреме состојбата со Ковид 19 во земјата има значајно зголемување на бројките на позитивни случаи.

,,Се согласуваме со ставот дека физичкото присутство не може во целост да се спореди со онлајн полагање, но дали некој се запрашал дали вреди да го заложиме нашето здравје за една испитна сесија’’, вели М.З, студентка на УКИМ од трета година.

Борјан Ефтимов, неодамна избраниот лидер на Студентското Собрание на УКИМ смета дека опасноста од ширење на вирусот е насекаде околу нас, меѓутоа со примена на протоколот за безбедност донесен од Комисијата за заразни болести, оваа опасност значително се намалува.

,,Мојот став е дека начинот на реализација на испитот треба да биде прашање за кое автономно одлучува професорот во консултации со своите студенти. УСС-УКИМ не се согласуваше со ултимативниот пристап испитите задолжително да се полагаат онлајн, и затоа нашиот револт беше изразен на ваков начин.  Моите залагања дека ова прашање треба да се уредува во рамки на академската заедница, се води од принципот на автономија на високото образование и автономија на професорите како субјекти кои најдобро можат да проценат како треба да се реализира испитот по предметот кој го предаваат. Ниту јас, ниту УСС имаме проблем доколку професорот утврди дека природата на предметот и испитот овозможуваат онлајн полагање, тоа да биде реализирано. Во прилог на ова оди и фактот дека УСС и ФСС не се бунат против онлајн полагањата кои ќе се организираат во јунската испитна сесија. Ултимативен пристап кон работите е погрешен и затоа ние го поддржавме хибридното решение каде што одредени испити се полагаат онлајн, а одредени испити со физичко присуство“, изјави Ефтимов за ПИНА.

Прашавме и кој ќе преземе одговорност ако на факултетите се случи пренос на вирусот поради физичките полагања на што тој одговори дека можноста за такво нешто е минимизирана со воведувањето на протоколи за реализирање на сесијата.

„Потенцијалното формирање на кластери е директно поврзано со (не)почитување на протоколите, па доколку дојде до такво нешто одговорноста треба да биде кај оние кои организирале сесија без почитување на протоколите. Факултетите мораат да ги следат протоколите при организирањето на испитите, и тука нема простор за дискусија“, вели Ефтимов.

Атанасов: Никој не смее да ги убедува студентите на физичко присуство

Петар Атанасов, поранешен заменик министер за образование и иден кандидат за ректор на УКИМ, смета дека на факултетите не е целосно безбедно и дека никој никого не треба да убедува или присилува да го прави спротивното.

,,Секој од нас има став и лично чувство за безбедност, и професорите и студентите. Какво било групирање е ризик и за студентите и за професорите. Замислете само еден од професорите или студентите да не ги почитува правилата за дистанца и носење заштитна опрема а притоа да не знае дека е носител на вирусот, тогаш стотици други би биле загрозени. Последните денови сме сведоци на пораст на заразени и дека ситуацијата кај нас се уште не е стабилизирана. Ние како луѓе ќе мора да научиме да бидеме поодговорни не само кон себе си туку и кон другите“, вели Атанасов за ПИНА.

Студентите од другите градови треба безбедно да допатуваат до факултетот

За студентите како проблем се јавува и тоа што многумина од нив го изгубија сместувањето за време на пандемијата, студентските домови се затворени и нема да се отворат сè до наредната академска година. Со патувањето до факултетите и одење и враќање до своите градови велат, исто така се изложени на потенцијални опасности од Ковид 19.

Министерство за образование и наука, за ПИНА информира дека не е предвидено студентските домови да бидат отворени до крајот на тековната академска година, поради поголема концентрација на луѓе што во такви инфраструктурни услови може да создаде ризик по однос на ширење на вирусот.

„Студентите кои студираат во други општини, различни од нивното место на живеење, а кои престојувале во студентски домови до пред нивното затворање, за време на јунската испитна сесија доколку имаат потреба, да искористат други начини, односно капацитети за сместување кои нема да го загрозат личното здравје“ – стои во писмената изјава од МОН до ПИНА.

Дел од студентите не се согласуваат со одлуката за полагање на испити со физичко присуство, со став дека грижата за здравјето треба да се стави на прво место.

Студентскиот лидер на УКИМ – Борјан Ефтимов, вели дека факултетските студентски собранија се достапни на Факултетите за одржување на редот при одвивањето на испитите и пристапот до амфитеатрите.

„Вирусот е реален, опасноста од ширење на вирусот е насекаде околу нас,  мораме максимално да се придржуваме до протоколите со кои опасноста значително се намалува, а кои се донесени за наше добро. Дополнително, сесиите најчесто се хибридни (онлајн-офлајн) со што се растеретуваат просториите на факултетите, т.е. нема да имаме толкав проток на студенти како во редовни околности.“

Според него не се инсистира на физичко полагање на испитите, туку на автономија на академската заедница која најдобро знае како да ги организира испитите. Сепак, на 11 мај Универзитетското студентско собрание кое го предводи објавило соопштение дека Универзитетот и факултетите треба да започнат со подготовки за реализација на испитната сесија со физичко присуство на студентите. Но тогаш бројот на позитивни случаи беше помал и ситуацијата се чинеше дека се движи кон нормализација со вирусот.
Министерството за образование и наука, за ПИНА информира дека тековната академска година продолжува да се реализира преку далечинско учење, во чии рамки преку примена на средства за двонасочна електронска комуникација треба да се спроведе и проверка на знаењето на студентите. Но, постои и дополнителна опција. Со измените на уредбата од неодамна дадена е и можност – проверката на знаењето, вежбите, консултации, одбраната на семинарски, дипломски, магистерски и докторски тези и трудови да може да се организира и со физичко присуство на студентите и професорите на оние факултети каде што постои можност и услови за тоа, а согласно протокол за полагање испити кој го изготви МОН и за истиот се консултираше, односно е одобрен од Комисијата за заштита од заразни болести.
„Ова беше барање на студентите кое е прифатено, така што потенцираме уште еднаш дека за полагањето на испитите сега постојат две можности – онлајн или пак со физичко присуство на факултет“ –  стои во писмената изјава од МОН.

Според Петар Атанасов, треба да се испочитуваат студенти кои сакаат или инсистираат да полагаат со физичко присуство.
Но, смета дека треба да се разгледа можноста да се подели испитот и дел да се полага преку платформи на Интернет, а само најнеопходниот практичен дел со физичко присуство.
Според него, исто така едно од добрите решенија би било УКИМ да овозможи испитна сесија секој месец, во наредните 5-6 месеци. „Можеби ќе биде понапорно за професорите, но ќе се намали притисокот и тензијата и полека ќе влеземе во понормална атмосфера“ – констатира тој, додавајќи дека така секој ќе може да планира кога сака да полага. Истовремено, практичната настава или испитен дел ќе може да се спроведе во помали групи. Затоа што таму каде што има многу студенти речиси е невозможно да се одржи практична настава или полагање на практичниот дел во поголеми групи. Додава дека ако ситуацијата ескалира веројатно ќе може да се направи и мало одложување.

УГД одлучи јунската сесија да оди електронски

УГД Штип одлучи јунската сесија да се одвива електронски,  по барање на студентите може и со физичко присуство, но секое барање за полагање со физичко присуство ќе биде разгледувано од телата на факултетот и Универзитетот и почитувајќи ги сите протоколи ќе им се овозможи полагање на студентите.

Факултетско студентско собрание на ПМФ: Има вработени позитивни на корона, препорачливо е да не одите на факултетот

,,Од последните сознанија кои ги добивме на ПМФ има вработени позитивни на коронавирусот. Препорачливо е воопшто да не одите на факултетот. Доколку сте приморани да одите за да земете документи и слично потребно е однапред да се најавите! Во однос на полагањата: Online ипитите остануваат како што е планирано. Испитите со присуство за првата недела од првата декада да се одложат за понатаму – трета декада! За оние студенти кои немаат каде да престојуваат препорачано е сите испити и колоквиуми да ги полагаат онлајн! Очекувајте наскоро одговор и од вашите предметни професори!“, соопшти ФСС на ПМФ на нивниот Фејсбук профил. Тие исто така побараа првата декада на испитите со физичко присуство да не се одржи.

„Што предлагаме? Наместо со физичко присуство испитот да се одржи онлајн. Доколку не се прифати ова барање, истиот предмет за кој нема да се прифати онлајн полагање да се полага во сите три декади во август. Поместување на датумот за полагање може да доведе до преклопување со датум на кој се полага некој друг предмет и се создава дополнителен проблем.

– Покрај првото барање, алтернативно решение е целата испитна сесија заклучно и со втората и третата декада да се одржуваат онлајн. Во март спроведовме анкета во која студентите се изјаснија дека не сакаат да полагаат онлајн, туку со физичко присуство приложувајќи повеќе аргументи. Сега ситуацијата е обратна. Причините за тоа на сите ни се многу добро познати. Факт е дека ова можеби не е најидеалното решение, но во оваа вонредна ситуација мора сите да се прилагодиме кон неа и да ги прифатиме промените онакви какви што се.“

Автор: Љубица Иванова

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на текстот е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.