Какви промени ќе донесат измените на Законот за реорганизација на органите на државните управи

0
245
Фото: Pina.mk

На брза лента, по неполн ден расправа во Собранието, владеjачкото мнозинство со помош на дел од опозицијата ги изгласа измените на Законот за реорганизација на органите на државните управи, со што наместо 16-те министерства кои постоеjа досега, новата Влада ќе брои 20 министерства, а дел од веќепостоечките министерства ќе бидат реорганизирани во однос на надлежностите. Еден ден потоа, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го потпиша указот на законот.

За власта ова беше нужна потреба и приоритет кој го вметнаа во изборната кампања – за опозицијата пак, непотребно зголемување на администрацијата без притоа да се остави простор за експертска дебата.

Вработувањата во јавниот сектор секогаш била горлива тема за македонското општество. Пред секои избори се ветува кратење на непотребните вработувања најчесто насочени кон дел од лицата кои се водат како вработени и фигурираат како бројка, а во реалноста ретко или пак речиси никогаш не се појавуваат на работните места – луксуз и данок кој доаѓа за наплата на „сметката“ на граѓаните.

Пренатрупаноста и слабите реформи редовно се наоѓаат во извештаите на Европската комисија

Барем засега, во јавниот сектор, доколку се вклучат сите министерства, агенции, директорати, управи, бироа и останати органи на јавната администрација се стигнува до бројката на 1.370 активни институции каде според последните информации од официјалниот Регистар на министерството за информатичко општество работат околу 129 илјади македонски граѓани. Доколку се додаде бројката на оние кои се на договор на дело или хонорарци се стигнува до речиси 160 илјади вработени или низ проценти – од вкупното работоспособно население во земјава, кое според последните податоци на Државниот завод за статистика изнесува 788.909 лица, 20,2% се вработени на „државно“.

Дека проблемот со јавниот сектор е реалност, потврдува и извештајот на Европската Комисија за Македонија од 2023 година, во кој меѓудругото се вели дека Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација. Во извештајниот период е постигнат ограничен напредок со донесувањето на новата Стратегија за реформа на јавната администрација и на придружниот акциски план.

„Нема доволно политичка поддршка, лидерство и надзор на реформите. Министерството за информатичко општество и администрација нема доволно човечки ресурси за да ги придвижи реформите на техничко ниво“, се вели во извештајот на Европската комисија.

Па токму затоа со зголемувањето на бројот на министерства како и реорганизацијата на институциите одвнатре се отвори прашањето – Дали Македонија ќе се соочи со дополнителни оптоварувања на буџетот со трупање на „партиски војници“ како досега, или пак оваа реформа ќе го трасира патот кон модернизација, трансформација и подигнување на степенот на квалитет на услуги кои граѓаните треба да ги добијат од земјата?

Новата влада смета дека со измените на законот се прави реформа на администрацијата

Позитивна најава во однос на намалување на големиот број вработени во администрацијата даде актуелниот мандатар Христијан Мицкоски кој постави за цел идната Влада да направи кратења на одредени позиции и функции во првите сто дена од функционирање на Владата.

Но како ќе се изведе тоа? Што ќе се случи со оние вработени во агенциите, бироата и директоратите кои ќе се укинат и како формирањето на нови министерства значи реформа во системот?

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ за ПИНА.мк вели дека еден од секторите кои ќе биде подлежен на кратење на заменик-директорски функции се клиничките центри. Според него, се предвидува, со функционалниот план за интегрирање на еден клинички центар да се намали и вкупниот број на директори на клиниките – нешто што се најавуваше со години но ниту една Влада не успеа да го имплементира.

„Тоа значи дека ќе имаме организациони раководители на поединечните клиники но ќе има еден функционален Клинички центар со еден директор со што драстично се намалува бројот на функционери. Истовремено, со отворањето на патот за реорганизација на министерството ние планираме намалувања и на бројот на Агенции, Бироа и институции кои во моментот функционираат и нивно интегрирање во рамки на министерските системи за сето тоа ќе треба да почекаме“, рече Андоновски.

Конкретно за измените на законот со кои се формираат нови четири министерства, Андоновски вели дека тоа никако не може да се сфати како начин за вработувања на нови лица, туку како реформа на јавната администрација и тоа преку три дела – реорганизација на институциите, намалување на бројот на инспекторати и нивно позиционирање на принципот едно министерство – еден инспекторат и јасна линија на отчетност на директорите на соодветни агенции кои се под државна капа.

„Со новите четири министерства не се очекува да се зголеми бројот на јавна администрација, барем не нешто што ќе биде забележително во годишните извештаи затоа што три од нив произлегуваат од постоечки органи, а останатите ќе значат интегрирање на повеќе сектори од различни институции во едно министерство со што ќе се има функционален фокус на работата“, заклучи Андоновски.

Но што вработените во оние агенции чија надлежност ќе ја преземат новите министерства како на пример Агенцијата за млади и спорт која според предвидувањата ќе биде укината?

„Конкретно, преку преодните одредби на измените на законот, се утврдува дека правен наследник на Агенција за млади и спорт е Министерството за спорт што значи дека по автоматизам вработените од првиот ден ќе започнат да работат во министерството, сепак исто така е утврдено дека вработените кои работат во секторот посветен за младите а тоа се отприлика десетина, ќе ги вршат своите задачи преку преземање во новоформираното министерство за социјала, демографија и млади што значи младите за прв пат ќе имаат сериозен дел од министерство наменет за нив“, изјави Андоновски.

Опозицијата обвинува за недоволна транспарентност

Од опозициската СДСМ пак на целиот процес гледаат со доза на скепса. Поранешниот вицепремиер за економски прашања, а сегашен пратеник од редовите на партијата, Фатмир Битиќи беше еден од најгласните „противници“ на брзото носење на измените во Собранието.

Во изјава за ПИНА.МК, Битиќи вели дека при носењето на законот отсуствувала транспарентноста, бидејќи немало соодветна расправа и консултации со експертската заедница и релевантните институции. Дополнително, вели, целосно се занемарени одредени препораки од ИПА проектот кој требаше да помогне во реформирањето на јавната администрација.

„Ако вистински сакавме да имаме реформа во овој системски закон сметам дека можеше првин процедурата да не биде кратка на комисиската расправа да и се оставеше простор за евентуални интервенции и на експертската фела, не само на политичките чинители зошто ако целта е вистински да направиме решение кое е добро за граѓаните и ќе донесат поголема ефикасност на јавниот сектор, тогаш сите веројатно ќе можевме да придонесеме, но претпоставувам дека идејата не беше таа“, смета Битиќи.

Тој вели и дека со ова, од ВМРО-ДПМНЕ ги прекршиле изборните ветувања каде се ветувало дека ќе се намали администрацијата и ресорите во институциите.

„Отворањето на нови министерства не значи нужно зголемување на ефикасност и сметам дека еден од недостатоците е иако е системски закон, немавме никакви фискални импликации за да се одлучи што тоа вистински ќе значи. Секако постои стравувањето бидејќи и тоа го немаше во системското решение како овие нови институции ќе бидат сервисирани т.е дали тоа значи нови вработувања или хоризонтално движење на вработените што се сомневам дека ќе биде случај. Тоа отвора сомнеж дека уште од почеток може да продолжите со тоа што и понатаму сите го зборуваме 33 години дека на државата и државната управа и треба системски реформски пристап а не само навидум решавање или шминкање на истите“, заклучи Битиќи.

Суштинска реформа или вешт обид за дополнителни вработувања?

Дали Законот со себе носи суштинска реформа на администрацијата или пак под превезот на формирање на нови институци ќе се протнуваат нови партиски вработувања во државниот органи со кои ќе се задоволуваат апетитите на мнозинството и гласачкото тело сега и во иднина – одговори побаравме од Костантин Битраков, асистент по административно право и јавна администрација на правниот факултет на Универзитетот Кирил и Методиј.

Според него, првиот камен на сопнување е тоа што за носењето на измените на законот немаше јавна дебата, односно тоа се случи за само ден и половина, иако со овие измени се регулираат сериозни прашања како формирањето на нови министерства и реорганизација на постоечките министерства.

„Ќе направам компарација дека ова е продолжување на едни лоши практики од претходно, во време кога друга владејачка коалиција беше на власт кога исто вака за еден месец се формираше Министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците исто така без расправа. Е сега ако тогаш говоревме дека треба да има повеќе јавна расправа бидејќи за еден месец се формираше ново министерство сега имаме четири плус министерства формирани за само еден ден“, изјави Битраков.

Тој смета дека оваа реформа воопшто не е суштинска бидејќи не носи никакви новини во системот, туку само се зголемил бројот на министерството. Иако во веќепостоечкиот закон според Битраков имало и други застарени одредби кои можеле да се корегираат, негова претпоставка е дека поради брзањето е направен превид и истите останале на сила.

„Суштинска реформа нема, ние повторно остануваме со голем број на институции, имаме лоша алокација на човечки ресурси во рамки на јавната администрација и тоа во целина, не само државната управа туку целата администрација. Тие се горливи прашања кои остануваат допрва да се решат. Горливите проблеми не се решаваат со овие измени и дополнувања на законот, ниту пак мислам дека ќе се решат во брзо време бидејќи за нив треба навистина сеопфатен пристап“, кажа Битраков.

Кога станува збор за новите вработувања во јавниот сектор, тој не стравува од нов наплив на административци, барем не на краток рок бидејќи смета дека ќе следува алокација на човечки ресурси од веќепостоечките кадри, но констатира дека оваа тема треба внимателно да се следи на долг рок, бидејќи проблем може да настане ако дојде до раст на целокупниот број на вработени во јавната администрација.

Времето би требало да покаже дали уверувањата ќе станат јаве, а оваа тема несомнено ќе биде под будното око на македонската јавност бидејќи е прашање и ветување кое се провлекува низ годините. Секоја нова Влада најавуваше кратење и реформи во администрацијата, но тоа не само што не се случи – напротив наместо кратење, секоја година бројот на вработени постојано растеше.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА