Со мерките за штедење на струја граѓаните на Општина Карпош плаќаат исто, а дел од улиците се во мрак

0
160
Фото: Ивана Крстеска Јаневска

Прва на листата општини која се одлучи да штеди електрична енергија поради воената, но пред се и поради енергетската криза, на сметка на граѓаните беше Општина Карпош. Општината уште лани во април одлучи да го исклучи уличното осветлување од 01 часот по полноќ, па се до 05 часот наутро.

По бурните реакции на жителите на општината дека безбедноста им е загрозена и низата поплаки што ги упатија, после неколку месеци од воведувањето на оваа, апсурдна мерка според граѓаните од страна на градоначалникот Стевчо Јакимовски, Општината одлучи дека сепак ќе се штеди на електрична енергија, но со нов метод и тоа со исклучување на секоја втора светилка од уличното осветлување.

„Од причина што во претходниот временски период дојде до енормно зголемување на цената на електричната енергија, Општина Карпош беше принудена да превземе мерки за штедење на јавното осветлување. Овие мерки на штедење ќе продолжат и по поставувањето на новото ЛЕД осветлување на целата територија на Карпош, но со пософистицирани методи, односно осветлувањето ќе биде присутно на сите позиции, но со намален интензитет во доцните вечерни часови“, велат од Општина Карпош за ПИНА.

Од таму, се уште немаат конкретен датум кога ќе почне процесот кој го најавуваат. Велат дека откако ќе се реализира во целост тендерската процедура, тогаш и ќе започне поставувањето на лед осветлувањето, а за истото би биле потребни 12 месеци.

Од Општината велат дека заштедите во зависност од цената на електричната енергија на пазарот, варира, до сега се движат од 50 до 80 проценти од претходниот трошок. Иако има заштеда, нема пренаменување на заштедените пари кои доаѓаат од граѓаните.

Во врска со безбедноста на граѓаните, велат дека токму поради тоа се напуштил првиот сет на мерки кои предвидуваше целосно исклучување на осветлувањето по полноќ и се пристапи кон постоечките мерки на штедење.

Но, ситуацијата на терен покажува поинаку што може да се забележи и од фотографиите во последниве неколку денови, а тоа е дека дел од улиците се во целосен мрак. Улицата Рузвелтова на потегот од Партизанска, па се во правец до Ул. Васил Ѓоргов, половина од Улицата Багдатска како и дел од Булеварот 8-ми Септември се само дел од улиците што кога ќе падне мрак, единствено осветлување се светлата од возилата кои што поминуваат или светлата од домовите на жителите на овие улици.

„Постои „смарт“ улично осветлување каде што се штеди со штедливи сијалици туку и се штеди со намалување на интензитетот на светлост доколку никој не поминува под него на одредена раздалеченост,“ вели претседателот на Стопанска комора за енергетика на Македонија, Ѓорѓе Манасков.

Нивна препорака е да се пресмета колку струја се троши на улично осветлување и за истата потрошувачка да се изгради фотоволтаична централа на Водно, на државно земјиште од општината Карпош – каде што преку ден ќе произведува електрична енергија и ќе ја продава а во текот на ноќта ќе купува со пониска (ноќна тарифа) и ќе има 0 денари трошок.

Што велат жителите

Дел од жителите на општината се револтирани и со оваа одлука сметаат дека и тоа како влијае на безбедноста. Сметаат дека ова е незаконска и противправна одлука за органичување на уличното осветлување.

Мими Стефановска од населбата Тафталиџе прашува каде одат парите што секој месец ги плаќаат граѓаните во сметката за улично осветлување.

„Не е во ред цела година да плаќаме 100 проценти за улично осветлување, а за тоа да не добиваме ниту 50 проценти од капацитетот на уличното осветлување,“ објаснува таа.

Душко Кајевски прашува зошто само Карпош се одлучи на ваков тип на штедење.

„Не е логична одлуката на Општината. Зарем во другите општини жителите плаќаат повисока сума за улично осветлување? Цената за комуналната такса што ја плаќаат граѓаните е утврдена од Регулаторна комисија за енергетика и не може на граѓаните да им се скратува правото да се движат слободно и без страв по осветлени улици,“ дополнува Кајевски.

Вања Мицевска која живее во Карпош 1, вели дека надлежните треба да престанат да бараат оправдување, а не да замолуваат за разбирање. Според неа, безбедноста на граѓаните треба да биде приоритет на сите локални власти, а не ставка за штедење, дури и во услови на поскапена електрична енергија.

„Проблемот со уличното осветлување во Карпош се провлекува веќе една година и досега требаше да се најде решение, односно да се елиминираат ваквите рестрикции. Ова создава небезбедни услови за движење пред сè на жените, а тоа уште повеќе ги охрабрува потенцијалните насилници. Исклучувањето на уличното осветлување е и проблем бидејќи при евентуален ваков напад, жртвата тешко би го докажала случајот и би дошла до правда затоа што тоа не би можело да биде регистрирано на околните камери за видео надзор. Секако, да не ја заборавиме и сообраќајната безбедност која е исто така нарушена“, објаснува Вања.

Таа вели дека во 21-ви век во главниот град навистина е апсурдно да се стравува за својата безбедност поради немање улично осветлување.

„Современото секојдневие е динамично па граѓаните имаат обврски и во текот на вечерните часови – некои се враќаат подоцна од работа, други од курсеви, физичка активност и така натаму, а поради ваквиот страв секој би размислил дали да има одредена социјална активност, или можеби да остане во својот дом,“ дополнува Мицевска.

Жените не се чувствуваат безбедно

Едно истражување на „Реактор“ покажува дека голем број на жени не се чувствуваат безбедно да се движат сами навечер. Загрижувачки е фактот дека јавните места во Скопје не се безбедни за жените, особено жените што живеат во урбаните делови на Скопје. Па така од вкупно 520 испитанички, жените сметаат дека (38,5%) „да се биде жена“ и (35,9%)  „да се биде сама“ се најважните фактори на ризик.

Повеќе од една третина од испитаничките секогаш или понекогаш се плашат да излегуваат сами во текот на денот и скоро 60% изјавиле дека се плашат да излезат сами навечер. Секоја втора жена од анкетираните (54,2%) се плаши да оди по одредени населби или улици, а нешто под половина од испитаничките (45,3%) се плашат да користат напуштени јавни места.

Жената во поглед на безбедноста е под силно влијание на физичкиот изглед на урбаната средина, така што подобро одржуваните, широки, добро осветлени урбани простори им прават на жените да се чувствуваат побезбедно, како и дека се чувствуваат побезбедни во текот на денот отколку навечер, покажува истражувањето.

93 проценти од жените го идентификуваат слабото осветлување како ризик да се чувствуваат небезбедно на јавни простори.

Жените се чувствуваат небезбедно во лошо или слабо осветлени простори и урбани средини, кои евоцираат перцепции на заробеност, како на пример подвозници, градилишта, или заградени простори. Искажаните грижи за безбедноста исто така се поврзани и со изолација, т.е. нераздвижени места.

Од Министерството за внатрешни работи побаравме податоци за тоа колку кражби, напади, сообраќајни незгоди и напади од кучиња кон луѓе се имаат случено во месеците пред да почнат мерките за штедење на електрична енергија како и по нивната примена од aприл минатата година на територија на општината.

Но, од МВР  добивме само информација со вкупна бројка дека за периодот од месец jануари мината година до месец февруари оваа година, на продрачјето на Општина Карпош пријавени се 188 кражби, 770 тешки кражби, 121 лице е каснато од куче, и се случиле 394 сообраќајни незгоди.

Авторка: Ивана Крстеска Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на менторската Програма за млади новинари на ПИНА