Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона, соопштија денеска оттаму по денешната 63-та седница во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19.
Владата соопшти дека заклучиле да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.
„Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.
Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.
Во врска со оваа точка, Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин“, стои во соопштението.
Владата исто така донесе Уредба за изменување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба.
“Уредбата определува дека доколку некое лице одбие да го прими решението за самоизолација, или дава лажни лични податоци и лажни податоци во врска со лицата со кои што имало контакт во изминатите денови, или не ја применува мерката строга изолација во домашни услови (домашна самоизолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата за што МВР донесува решение, а трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од страна на тоа лице”.
ПИНА пред неколку дена објави дека преку апликацијата „СтопКорона“ се’ уште не е откриен случај на корона вирус откако детално пишувавме за дилемите кои ги отвора користењето на мобилна апликација за следење на контактите особено во делот на надзорот и приватноста, но и за тоа дали една ваква алатка ќе биде ефикасна во борба со вирусот.
Европската комисија смета дека користењето на мобилните апликации за борба со Ковид 19, треба да биде на доброволно ниво.