Тефик Махмут: Ромите се недоволно застапени во одредени институции

0
873

Во Министерството за култура нема ниеден вработен Ром, вели активистот Тефик Махмут за ПИНА и додава дека искрено се надева дека ,,отворено општество за сите” нема да биде само слоган кој ќе се употребува пред камери и на прес конференции. ,,Во едно мултикултурно општество како нашето, треба и Ромите да бидат инкорпорирани во органите на власта, особено во ваква институција која што под дефолт треба да го отсликува мултикултурниот карактер на нашата држава“, вели тој.

Меѓународниот активист за човекови права, Тефик Махмут магистрирал на Оксфорд а пораснал во една од нашите најсиромашни општини, Шуто Оризари. Тој гласно говори за правата на Ромите и се бори за нивен подобар статус во општеството.

Тој неодамна поднесе Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за култура, каде што меѓу другото прашал за бројот на вработени Роми кои фигурираат во нивното министерство.

Оттаму добил одговор дека нема ниту еден вработен од оваа етничка група. По тој одговор, поднел и претставка пред Народниот Правобранител за несоодветна и неправична застапеност на Ромите во Министерството.

„Народниот Правобранител, според истоимениот закон, има законска надлежност и обврска да ,,презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт и јавните установи и служби”.  Во едно мултикултурно општество какво што сме ние, треба и Ромите да бидат инкорпорирани во органите на власта, особено во Министерството за култура, како институција која што под дефолт треба да го отсликува мултикултурниот карактер на нашата држава, вели Тефик Махмуд.

Од Министерството за култура потврдуваат дека нема вработени припадници на ромската заедница. Тие додаваат дека претходно имале двајца вработени од кои еден си заминал во А.Д. Водостопанство, додека другата припадничка на ромската заедница која била вработена a во меѓувреме и унапредена, преминала во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

-Согласно Годишниот план кога ќе има потреба од нови вработувања, алатката при МИОА – балансерот сам вади податоци за етничката припадност при вработувањата- додаваат од Министерството.

Нема ромски јазик за онлајн учење

Тeфик поднел и претставка до Министерството за образование и наука за Националната платформа за далечинско учење која е достапна на сите јазици, освен на ромскиот јазик, како и до Народниот правобранител. Оттаму добил позитивен одговор.

„Народниот правобранител одлучил на наша полза во врска со претставката која беше поднесена против МОН. Имено, на самата одлука меѓу другото стои дека поради констатираните повреди за сторена дискриминација по основ на употреба на јазик и етничка припадност во областа на образовниот процес, согласно членот 32 од Законот на народниот правобранител, Народниот правобранител укажа и препорача да се преземаат сите потребни мерки за да се обезбеди заштита на детето од сите облици на дискриминација, односно да се елиминираат сите дискриминаторски практики кои се поврзани со етничката припадност или употребата на јазик при пристап кон основно или средно образование со обезбедување еднакви услови за сите ученици, со тоа што ќе се создадат услови за воведување на ромскиот и влашкиот јазик при користење на платформата за далечинско учење со што ќе бидат изедначени со јазиците на другите заедници кои ја имаа можноста за отворање и следење на оваа страна на својот мајчин јазик”, посочува Тефик.

Активистот додава дека во рамки на самиот одговор наведено е дека поради неприфаќањето на горенаведеното укажување за надминување на констатираните повреди, МОН ,,покажал несериозност и непочитување на јасниот став на Народниот правобранител, дека во ниеден случај не смее да се дозволи нееднаков третман и дискриминација врз децата во образовниот систем”. Дополнително е наведено дека ваквата постапка на МОН ќе биде презентирана во нивниот нареден Годишен извештај како негативен случај на постапување на одреден субјект по доставено укажување, посочува тој.

Од Министерството за образование не добивме конкретен одговор, односно тие потврдија дека Националната платформа за далечинско учење е достапна на сите официјални јазици на кои се реализира наставата во основните и средните училишта во земјава – македонски, албански, турски, српски и босански.

Недоволна застапеност и во повисоките ешалони на власта

Махмут вели дека европарламентарецот г-дин Ромео Франц испратил официјално писмо на загриженост до премиерот, Министерството за надворешни работи како и до Мисијата на РСМ во ЕУ за несоодветната и неправичната застапеност на Ромите во повисоките ешалони на власта. Во меѓувреме се формираше и интерпартиска парламентарна група за поддршка на Ромите, за нивната инклузија и интеграција, со цел подобрување на нивната состојба во нашата земја. Новоименуваната координаторка на оваа група, Љатифе Шиковска во својот говор истакна дека учеството во општеството на помалите заедници е демократски приоритет и тоа е знак за развојот на демократијата во државата. Ромите учествуваат во носење одлуки во општеството, но тоа не е доволно за да се постигне видлив напредок и еднаква стартна основа со останатите етнички заедницидодаде таа.

Автор: Маја Терзиова

Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.