Од ден на ден, се помалку граѓани избираат железнички превоз за патување низ земјата. Ова важи и за студентите на Кичево кои студираат во Тетово или Скопје, но и за граѓаните кои патуваат на работа.
„Дали патуваме со воз?! Се шегуваш, нашата држава има возови?“ – беше првиот одговор и реакција на една студентка од Кичево.
Повеќето од анкетираните во однос на темата мислат дека железничкиот превоз од овој град до Гостивар, Тетово и Скопје не е безбеден, не ги исполнува потребните услови, а и дека нема соодветни распореди. Често студентите и граѓаните велат дека патувањето со воз до градовите каде што учат или работат не е алтернатива.
„Возот не ни доаѓа во обѕир и воопшто не го гледаме како можност, бидејќи таквото патување не ги исполнува основните услови“, вели друг студент.
„Патувањето со воз не е безбедно“, додава друг.
„Чистотата не е на ниво. Со секој изминат ден станува уште полошо. Сум патувал во минатото, беше страшно. Не би патувал пак“- рече граѓанин од Кичево, вработен во Скопје, кој го следи овој итинерар три пати неделно.
Возот од Кичево кон Тетово и Скопје поаѓа рано наутро во 05:45 часот, додека поаѓањето од Скопје кон Кичево е во 16:45 часот. Ова е единствената дневна линија на овој патен правец и една од причините што овој превоз се користи многу малку. За да добиеме повеќе информации за бројот на патници со воз, се обративме до железничката станица во Кичево. Вработените ни рекоа дека можеби има околу 5 до 10 патници дневно. Тие изразија носталгија за времето пред 10 години кога граѓаните биле многу заинтересирани, а студентите го окупирале возот. Исто така, рекоа дека возот е од 60-тите години и дури нема ни греење. Според нив, треба да се инвестира повеќе во нови возови, да се прилагодат возниот ред и цените на билетите според потребите на граѓаните, бидејќи само така ќе има повеќе патници.
Од претпријатието „Железници на Северна Македонија“ побаравме информации за инвестиционите планови, односно за возот на линијата Кичево-Скопје. И покрај тоа што ни беше ветено, не добивме одговор.
Недостатокот на патници, скапо се плаќа
Се обративме до Министерството за транспорт и врски за да дознаеме каков план има Владата на оваа тема. Износите што ги плаќа ова министерство на годишно ниво за покривање на загубите од слабиот сообраќај на патници се многу високи. Одговорот се однесува на загубите од оваа категорија низ целата земја.
„За 2020 година се распределени 430 милиони денари за покривање на загубите во патничкиот сообраќај. Исто така, за изградба на железничка инфраструктура се инвестирани 553 419 000 денари. Додека пак за 2021 година, од буџетот на Министерството за транспорт и врски, предвидени се 400 милиони денари за покривање на загубите во патничкиот сообраќај и 1 900 000 000 денари за инвестиции во инфраструктурата“, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Според ова министерство, средствата предвидени за инвестиции се наменети за одржување на пругите, како и за изградба на источниот дел од пругата на Коридорот 8.
Во суштина, условите на железничката инфраструктура, на патничките и товарните возови во земјата имаат многу недостатоци. Земјава има недостаток на меѓународни линии, иако со години се ветуваше железничка пруга што ќе ја поврзе земјата со Бугарија, една со Албанија и една со Косово. Таа со Грција е изградена, но сè уште не тргнал првиот воз.
Иако во земјата беа донесени нови возови, тие понекогаш се несоодветни за застарената инфраструктура и, како резултат, завршиле и со дефекти. Друга причина за малиот број железнички линии е и недостатокот на персонал, машиновозачи.
Во својата програма за мандатот 2020-2024 година, владата вети низа инвестиции во оваа област.
„Владата ќе се ангажира за подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура преку понатамошни инвестиции за изградба на пругата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка-Деве Баир, продолжување на поправката на пругата Ногаевци-Неготино, заедничката гранична железничка станица Табановце, подготовка на документација за изградба на пругата Скопје-Скопје Север-Ѓорче Петров-Волково-Блаце и заедничкиот железнички граничен премин со Република Косово и за нова пруга од аеродромот Миладиновци-Петровец, подготовка на комплетна документација за Железничка пруга Кичево-Охрид-Струга и таа до Лин, Албанија, изработка на техничка документација на проектот за реконструкција, поправка на пругата Скопје – Кичево како дел од Коридорот 8, изработка на пилот проект за кракот Зелениково – Драчево – Лисиче – Пинтија – 11 Октомври – Скопје Патничка.“
Железничкиот превоз многу се користи во многу земји во светот, особено во најразвиените. Земјите инвестираат затоа што овој начин на превоз е поекономичен за патниците, поеколошки за средината, а исто така претставува решение за избегнување на патниот сообраќајот.
Автори: Албина Сефадини и Едлира Садику
Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.